Благој Цанев (роден во Свети Николе на 8 август 1937 година - починал на 27 јули 2020 година во Скопје) — македонски композитор од четвртата генерација македонски повоени композитори. По завршувањето на основното училиште се запишал во средното музичко училиште. Тој е првиот дипломец на основаната Висока музичка школа, подоцна Факултет за музичка уметност, каде подоцна дипломирал и на одделот по композиција, во класата на Властимир Николовски, во 1979 година, Скопје. Работел како наставник во oсновното музичко училиште, а потоа и во средното музичко училиште како професор по теорија на музика, хармонија, хорско диригирање, а бил и диригент и на школскиот оркестар. Од 1978 година бил професор на ФМУ Скопје, по предметите солфеж и методика на музичката настава. Покрај ова, настапувал и како предавач на голем број стручни семинари и музички манифестации во земјава и во странство.
Автор е на оркестарско, камерно и хорско творештво, како и на над 10 учебници, и 3 работни тетратки за различните степени на музичкото образование, од кои еден дел се преведени и адаптирани на албански и турски јазик. За својата самопрегорна работа, Благој Цанев бил добитник на највисоките државни награди – „11 Октомври“ и „Климент Охридски“, како и стручните „Панче Пешев“, „Трајко Прокопиев“ и др. За неговите композиции се пишува дека се темелат врз неоромантичната и неокласичната естетика, со дискретна примена на елементи од македонскиот народен мелос.[1]
Камерните дела заземаат најистакнато место во севкупниот творечки опус на Благој Цанев. Умерен во изразот, овој автор се стремел да даде свој придонес кон трендот на исполнувањето на вакуумот на македонската музика, кој особено се чувствува во литературата за помали инструментални состави. Во таа смисла, забележливо остварување е неговата „Соната за кларинет и пијано ин Ес“. За ова дело Цанев е добитник на наградата Климент Охридски, како и на многу награди на конкурси, Медал за труд и Повелба на Сојузот на музичките педагози на бивша Југославија.
Творештво
Во своето музичко творештво Благој Цанев изминал пат од традиционалните форми и традиционалниот композиторски израз кон поразвиените творечки форми и видови. Својот сигурен настап го најавувал уште со својата прва композиција:
„…Струга годинава беше место каде што бевме возбудени од откривањето на творечкиот нерв на композиторот Благој Цанев во неговата „Симфонија ’79“ и пијанистичката суита „Интермеца“.[2]
Сепак, траен белег на неговиот композиторски белег се потпирањето врз македонскиот музички фолклор и умерениот композиторски јазик. Тоа го забележала и музичката критика во која се истакнува дека:
„… Творечкиот израз на овој автор се традиционалните форми со осовременети изразни средства, кои содржат евидентна стилска определба на присуството на белегот од македонскиот музички фолклор, трансформиран низ повеќе музички постапки. Кон ваквата стилска определба е и неговото дело „Гудачки квартет ин Ге“…“.[3]
При користењето на фолклорот тој не се ограничувал на еден тип на негова трансформација, туку го користел целиот спектар на работа со него, – од едноставните хармонизации до посложените творечки постапки. Низ нив јасно се согледува рационалниот пристап што резултирал со сосема чисти, јасни и прегледни композиции. Понекогаш дури и со користење на композиторските техники и постапки типични за определени форми од минатите епохи – барокот:
„… На годишната „Трибина на Југословенското музичко творештво“ во Опатија, концерт на Камерниот оркестар на РТС, значеше натамошна афирмација на македонската музичка мисла и репродуктива. Под диригентство на Младен Јагушт оркестарот прозвучи со сиот респект кон делата … со необарокни елементи прозвучи делото ,,Барокни Варијации Пасчакона“ за гудачки оркестар на Благој Цанев, напишани во чест на годишнината од раѓањето на Јохан Себастијан Бах…“.[4]
Некои од неговите најпопуларни и најизведувани дела, исто така, делумно извираат од традицијата:
„ …Додека пак, „Сонатата ин Ес“ од Благој Цанев компонирана и надградувана на добрата француска традиција за дувачки инструменти беше претставена допадливо и прецизно…“.[2]
Иако сведок и добар познавач на авангардните струења од втората половина на XX век, тој во своите дела не тргнал по патот на неизвесното експериментирање, туку останал трагајќи по „музичкото во музиката“:
„…И овој пат со изведбата на „Симфонија ’79“, останавме со уверување дека се работи за талентиран и вреден автор кај кого, веќе во овој момент, може да се забележи дека е повеќе наклонет кон мисловната страна на работите отколку кон експериментот…“.[5]
Цикличноста како формално обликување најприсутна е во неговите помали форми, а обемниот хорски опус во најголем дел извира од македонската мелопоетска фолклорна почва. За некои од неговите соло песни, пак, критиката најчесто се изразувала со супрелативи:
„… Двете лирски соло песни („Сонатина“ и „Халуцинација“), особено композицијата Сонатина е творба со антологиска убавина…“.[6]