Димитар Вангелов
Димитар Вангелов — македонски зограф и иконописец од втората половина на XIX век.[1] ЖивотописРоден е во селото Петрово, Ениџевардарско, денес во Егејскиот дел на Македонија. Учел кај ениџевардарскиот зограф Божин Стаменитов (Емануил Стаматиадис).[1] Вангелов добро го познавал зографскиот занает, но способноста му била скромна.[2] Триптихот на Вангелов „Умиление Христово“ и други светци од 1890 г.[2] стои во црквата „Св. Илија“ на Витолишкиот манастир во Мариово. Вангелов се потпишал на грчки: „Χειρος Διμιτριου Ευανγγελου εκ Χορου Πετροβου 1890“.[3] Една негова релативно голема икона (74 × 50 см) на светите браќа Кирил и Методиј е чувана во црквата „Св. Илија“ во Фурка, Дојранско. Браќата се во нивната вообичаена поза, а Исус Христос е претставен во полн раст, проследен од два херувима. До нив пишува „Святіи Кириллъ Святіи Меθоди“, а дарителскиот натпис гласи: „Се исподарува сиа икона за вечно спомнение отъ бабата Доста Ристу Цимова отъ село Богданци“. Во десниот долен агол е зографскиот натпис „Изъ руки Димитріа Ванг. отъ село Петрово 1894“.[2] Неговата икона „Пресвета Богородица со Христос“ од 1897 г. е зачувана во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Гусиње, Црна Гора.[4] Работел во Солунско. Негови творби има во Гуменџе, во „Св. Атанасиј“ во Црна Река, во „Успение на пресв. Богородица“ во Купа, во „Св. Ѓорѓи“ во Драгомирци, во „Св. Димитриј“ во Бојмица, во „Св. Димитриј“ во Кушиново, во „Успение на пресв. Богородица“ во Оризарци, во „Св. Петар и Павле“ во Тушилово, во „Св. Јован Богослов“ во Аматово, во „Св. Константин и Елена“ во Казаново и во „Св. Петар и Павле“ во родното Петрово.[5] Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia