Материјали за македонската национал-револуционерна историја (едиција)![]() Материјали за македонската национал-револуционерна историја — едиција или серијал на книги издадени меѓу 1950 и 1954 година од Институтот за национална историја. Серијалот почнал со намера да го збогати историското знаење на македонскиот народ за нивната национална историја. Сите книги во едицијата, со исклучок на четвртата, биле автобиографии на познати македонски револуционери како Ѓорче Петров, Јане Сандански и Славејко Арсов. Од делата издадени спомените на Алексо Мартулков со насловот „Моето учество во револуционерните борби на Македонија“ имале најголем впечаток. Заедно со едицијата имало истоимено списание кое објавувало отсечоци од книгите пред да биле објавени. Главните организатори на едицијата биле македонскиот писател Ѓорѓи Абаџиев и Љубен Лапе. ПодатоциПрвата книга во серијалот е спомените на Ѓорче Петров, издадена во 1950 година во Скопје. Книгата е всушност превод од бугарски во македонски книгата напишана од Љубомир Милетиќ издадена во 1927 година во Софија.[1] Делото е составено од 165 страници и нејзината цена отпрвин била околу 30 југословенски динари.[2] Втората книга го носела насловот „Востаничкото движење во Југозападна Македонија“. Таа исто така била издадена во 1950 година во Скопје. Втората книга, исто како и првата, е преведена од истоименото дело на Љубомир Милетиќ издадено во 1925 година. Интересен податок е тоа што изданието на Милетиќ било дел од серијал предводен од Македонскиот научен институт познат како „Материјали за историјата на македонското ослободително движење“. Покрај нејзиниот наслов, книгата е всушност спомените на Славејко Арсов од 1893 година до 1904 година.[3] Делото содржи 94 страни и нејзината цена отпрвин била 25 динари.[2] ![]() Третата книга, издадена во 1951 година, е насловена „Спомени на Јане Сандански“. Делото, исто како претходните две, е всушност превод од еден од поглавјата на книгата „Движењето од десната страна на реката Вардар и борбата против врховистите“ од Љубомир Милетиќ, издадена во 1927 година. Старата книга исто така била дел од стариот серијал на Македонскиот научен институт. Делото на Милетиќ ги содржи спомените на Христо Чернопеев, Јане Сандански, Никола Пушкаров, Сава Михајлов, Христо Куслев и Петар Јуруков. Но во новото издание само спомените на Јане Сандански биле преведени. Најверојатно поради тогашните ставови на Македонската историографија спрема тие историски фигури. Делото е составено од 100 страни и нејзината цена отпрвин била 25 динари.[2] Во 1995 година издавачката куќа Култура повторно ги издала спомените на Сандаски заедно со спомените на Иван Хаџи Николов, Даме Груев, Борис Сарафов, Михаил Герџиков и Христо Татарчев. Четвртата книга е едиствената во серијалот која не е автобиографска. Четвртата книга е насловена „Писмата на Гоце Делчев“ издадена во 1951 година од новинското издавачко претпријатие „Илинден“ наместо Институтот за национална историја. Книгата е кратка, составена од 48 страници. Голем дел од материјалот е преведен, од страна на Љубен Лапе, од истоимената статија во списанието „Македонски преглед“ во 1943 година од Кирил Мирчев.[4] Нејзината цена отрпвин била 20 динари.[2] Петтата книга била насловена „Борбите во Југозападна Македонија по спомените на Лука Ѓеров и Лазар Димитров“. Книгата се разликува по тоа што е превод на две претходно објавени спомени, на Лука Ѓеров и Лазар Димитров, организирано во една книга. Двете спомени отпрвин биле објавени во 1926 година во Софија, напишани од Љубомир Милетиќ. Спомените на Ѓеров била седматта книга од стариот серијал предводен од МНИ. Спомените на Ѓеров биле насловени „Револуционерната борба во Кичевско“ додека на Димитров тие биле „Борбата во Дебарско“. Книгата издадена од Институтот за национална историја содржила 80 страници, уредена од Ѓорѓи Абаџиев. Нејзината цена отпрвин била 25 динари.[2] Шестата и последната книга во серијалот била насловена „Моето учество во револуционерните борби на Македонија“. Книгата се разликува од другите изданија поради тоа што не била претходно објавена од Милетиќ или од други претставници на Бугарската историографија. Во самиот предговор на книгата Ѓорѓи Абаџиев спомнал: „мемоариве на Мартулков се сосем нов, свеж материјал“.[5] Делото е целосно напишано од Алексо Мартулков, со исклучок на предговорот кое напишано од Ѓорѓи Абаџиев. Книгата е составена од 389 страници со 47 поглавја. Нема податоци за кога било напишано делото, според еден историски труд објавен во 1950 година, историчарот Данчо Зографски спомнал како државниот архив во Скопје содржил необјавен ракопис од Мартулков без датум.[6] Во 1952 година неговите спомени биле објавени во списанието „Материјали за македонската национал-револуциона историја“ од Ѓорѓи Абаџиев.[7] Иако е издадена во 1954 година, содржината на книгата прекинува во 1 септември 1939 година, денот кога почнала Втората светска војна. Некои историчари сметаат дека ракописите биле напишани околу 1930-тите и дека Абаџиев ги преведил подоцна. Oвие ставови се противречат со триесеттото поглавје на делото каде што Мартулков дискутира за стрелањето на Антон Попов, настан што се одвивало во втората половина на 1942 г., што тврди дека книгата најверојатно била напишана за време или брзо после војната. Првична цена на книгата била 250 југословенски динари.[8] Книгата доживеала делумен успех, поради тоа има примероци во странски државни библиотеки како во Грција, Бугарија, Црна Гора,[9] Данска,[10] Германија,[10] Франција, Холандија,[10] Обединето Кралство и Соединетите Држави,[10] Денес книгата е пристапна во различни библиотеки низ Македонија како во Прилеп, Охрид, Тетово, Куманово, Скопје, Велес, Струмица, Струга итн.[11] Поврзано
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia