Моето учество во револуционерните борби на Македонија

Моето учество во револуционерните борби на Македонија
Корицата на книгата
АвториАлексо Мартулков
Ѓорѓи Абаџиев
ЗемјаСР Македонија СР Македонија
Јазикмакедонски
СеријалМатеријали за македонската национал-револуционерна историја (едиција)
Предмет(и)Македонското револуционерно движење
Бугарска пропаганда во Македонија
Македонски активисти во Бугарија
Балканските војни
Жанравтобиографија
ИздавачИнститут за национална историја
Издадена
1954
Страници389
ТекстМоето учество во револуционерните борби на Македонија на Викиизвор

Моето учество во револуционерните борби на Македонија (или само „Спомени“ во постари научни трудови) — автобиографија на Александар Мартулков, истакнат македонски револуционер, политичар и еден од првите пропагатори на социјализмот во Македонија. Делото е издадено во 1954 година од Институтот за национална историја. Книгата спаѓа во шестиот и последниот дел на серијалот „Материјали за македонската национал-револуционерна историја“. Првите три книги биле преведените спомени на Ѓорче Петров, Славејко Арсов[1] и Јане Сандански[2] од Љубомир Милетиќ. Четвртата книга ги истражувала Гоцевите писма и петтата книга ги преведила спомените на Лука Ѓеров и Лазар Димитров за револуционерните дејности во Јужна Македонија.

Книгата на Алексо Мартулков, како другите во серијалот, е автобиографска и ги документира револуционерните дејства за време на петвековното турско ропство. Книгата е исклучителна во серијалот бидејќи таа не била претходно објавена од Милетиќ. Книгата претставува, според Ѓорѓи Абаџиев, сосем нов, свеж материјал.[3] Делото е целосно напишано од Алексо Мартулков, со исклучок на предговорот кое напишано од Ѓорѓи Абаџиев. Абаџиев во предговорот спомнал дека покрај староста на Мартулков тој сѐ уште имал добро сеќавање што му овозможило да даде богата перспектива за револуционерното движење во Велес.

Книгата е составена од 389 страници со 47 поглавја. Во книгата Мартулков дискутира за неговата младост, како под влијание на Васил Главинов тој се посветил кон социјализмот, неговото учество во македонската револуционерна организација и нејзиниот следбеник. Како им помогнал на Илинденците за време на нивното национално востание, неговите политички дејства во Царството Бугарија во однос со Македонците во државата, неговиот мандат како пратеник во бугарското собрание, неговото учество во Балканските војни и подоцна Првата светска војна, неговите дејства со весникот „Македонски знаме“ и за неговото учество во судскиот процес во Бугарија против ВМРО Обединета.

Вовед

Нема податоци за кога било напишано делото, според еден историски труд објавен во 1950 година, историчарот Данчо Зографски спомнал како државниот архив во Скопје содржил необјавен ракопис од Мартулков без датум.[4] Во 1952 година неговите спомени биле објавени во списанието „Материјали за македонската национал-револуциона историја“ од Ѓорѓи Абаџиев.[5] Иако е издадена во 1954 година, содржината на книгата прекинува во 1 септември 1939 година, денот кога почнала Втората светска војна. Некои историчари сметаат дека ракописите биле напишани околу 1930-тите и дека Абаџиев ги преведил подоцна. Oвие ставови се противречат со триесеттото поглавје на делото каде што Мартулков дискутира за стрелањето на Антон Попов, настан што се одвивало во втората половина на 1942 г., што тврди дека книгата најверојатно била напишана за време или брзо после војната.

Првична цена на книгата била 250 југословенски динари.[6] Книгата доживеала делумен успех, поради тоа има примероци во странски државни библиотеки како во Грција, Бугарија, Црна Гора,[7] Данска,[8] Германија,[8] Франција, Холандија,[8] Обединето Кралство и Соединетите Држави,[8] Денес книгата е пристапна во различни библиотеки низ Македонија како во Прилеп, Охрид, Тетово, Куманово, Скопје, Велес, Струмица, Струга итн.[9]

Освен неговите спомени Мартулков ја напишал брошурата „Врховизмот и борбата на Внатрешната револуционерна организација против него“ издадено во Скопје. Има противречни наводи за кога било издадено, според Манол Пандевски, во еден од неговите трудови во 1987 г., делото било објавено во 1940 година,[10] додека пак во 1983 г. тој спомнал дека брошурата била издадена во 1946 година.[11] Мартулков е автор и на неколку статии, меѓу нив најпознатите се „Развитокот на социјалистичката мисла пред Илинденското востание“ објавено во весникот „Трудбеник' и „За Гоцета Делчев“. Пред Втората светска војна тој напишал неколку статии во весникот „Македонско знаме“. Мартулков издадол многу други дела после втората светска војна.

Лични ставови на Мартулков во делото

Во некои погледи и коментари на Мартулков има неправилности, кои во крајна линија се негови субјективни гледања, својствени за луѓето од неговата генерација, и сами по себеси го имаат своето оправдание и место во еден мемоарски изнесен материјал.

Портрет од Мартулков во книгата, носејќи ја Илинденската споменица.

Во самиот предговор Ѓорѓи Абаџиев спомнал дека Мартулков ги вметна своите лични ставови кон различни теми поврзани со историјата на македонскиот народ низ книгата. Некои од ставовите на Мартулков, особено за Македонската револуционерна организација, се оспорени и противречни со денешните ставови на Македонската историографија. Во третото поглавје тој ја истакнал неговата подршка кон постоењето на посебен македонски идентитет и јазик со геслото „Народите имаат право на слободно самоопределување, Македонија на Македонците“. Мартулков дополнително ја подржувал идејата за независна Македонска и Одринска држава. Сметал дека Македонците неможеа да се ослободат преку дипломатија туку со социјалистичка револуција. Дополнително додадол како Македонците неможеа да зависат од надворешни сили како Југославија, Грција и Царството Бугарија, ниту ни од надворешни организации. Иако се бореле за иста цел тој водел агитаторски маси во Македонската револуционерна организација.[13]

Еден од најоспорените гледишта на Мартулков е во однос со Македонската револуционерна организација. Со разлика од спомените на други револуционери од истата едиција, Мартулков ја критикува организацијата. Во четиринаесетото поглавје Мартулков ја обвинува МРО дека го злоупотребиле теророт во Македонија со намера да си ја прошират организацијата.[14] Кога открил дека неговите соработници, Никола Русински и Веле Марков, ја укинале социјалистичката организација во Битола како дел од нивната спогодба со Даме Груев тој им упатил писмо каде што остро ги критикувал. Смета дека ја продале социјалистичката цел за високи позиции во револуционерната организација. Мартулков верувал дека ако соработуваа со МРО нивното социјалистичко движење би ја изгубила нејзината особина.[15]

Покрај неговите критики за организацијата тој сѐ уште соработувал со нив во организирањето на Илинденското востание. Во Куманово соработувал со Никола Пушкаров и успеал да увези 60 пушки и 20 револвери заедно со 450 турски лири, Мартулков ја преустројствувал структурата на Кумановскиот револуционерен реон и го подобрил нејзиниот воен способност.[16] Иако соработувал со организацијата пред и после Илинденското востание тој никогаш не се сметал себеси како дел од организацијата, во спомените наведи: „Може да се соработува со ВМОРО во извесни моменти кога се крстосуваа нашите интереси“.[17] Покрај тоа Мартулков се приклучил во четата на Иван Наумов - Аљабакот во 1907 година. Тој дополнително ја критикува организацијата за нејзиното слабо учество во Грчко-турската војна во 1897 година, каде што спомна: „со прст не мрднаа“.[18]

Мартулков во спомените нуди ново гледиште кон македонското прашање, според него, Македонското и Разловечкото востание биле организирани со цел да го воведат 23. член на Берлинскиот договор. Мартулков сметал дека поради тогашните скромни услови на револуционерното движење 23. член на договорт им било најсоодветната спогодба. Верува дека неуспесите на востанијата биле поради недостигот на надеж меѓу организаторите.[19] Мартулков истакнува во неговите спомени како бил подржувач на автономија за Македонија и Одринско но после неуспесите на Илинденското востание тој се насочил кон нова цел — независна македонска држава. Тој смета дека неуспесите со Илинденското востание се поврзани со тоа што водачите немале надеж и поради тоа го формирале Задграничното претставништве.[20]

Но во тоа време дојде во Велес Делчев и раководството му кажува за нашава „опасна“ дејност и за пресудата над нас. Тој им рече: „Тие луѓе вршат една вистинска револуционерна работа, растурајќи социјалистичка литература, за да можат социјалистички идеи да проникнат во нашите редови. Тие можат да изиграат преродбенска а не штетна улога, како што тврдите вие. Затоа и едно влакно ако падне од главата на „осудените“, ќе ве сметам одговорни вас сите“. По таков начин се осуетија намерите на раководството на ВМОРО во Велес.

Најострите критики на Мартулков се насочени кон Иван Михајлов и неговите соработници — михајловисти. Нивниот однос особено бил лош, поради тоа во јануари 1933 година михајловистите извршиле неуспешен обид на атентат врз Алексо Мартулков. Мартулков особено го критикувал нивниот водач во весникот „Македонско знаме“ издаден меѓу 1932 и 1934 година. Во неговите спомени Мартулков го претстави Михајлов со зборовите: „волк кој ги апи неговите противници“. Тој смета дека поради внатрешното мешање на Кирил Прличев, Георги Баждаров и Наум Томалевски Михајлов успеал да стане водач на Внатрешната македонска револуционерна организација.[21]

Покрај неговиот непочит кон Македонската револуционерна организација тој сепак го признал големото влијание на Петар Поп Арсов, Гоце Делчев и Јане Сандански во револуционерното движење. Особено Гоце Делчев, поради тоа што го подржувал социјалистичкото движење. Повеќе лични сеќавања за Делчев ги споедил во неговата статија „За Гоцета Делчев“ каде што понудил нов поглед во Делчевологијата. При неговото патување кон Бугарија околу втората половина на 1900-тите се запознал со војводата Мише Развигоров, во неговите спомени тој спомнал како Развигоров бил способен и одличен водач за МРО, дека со негово водство штипскиот регион станал поодпорен против Отоманската власт и дека бил понапред отколку серскиот округ под влијание на Јане Сандански.[22]

Во неговите спомени Алексо Мартулков редовно се восхитува кон дејствата на македонскиот социјалист Васил Главинов, според Мартулков и мнозинството на историски дела, тие секогаш биле во добар однос.[23] Главинов имал големо влијание врз Мартулков особено во неговата младост. Мартулков ја споредува љубовта од Главинов со љубовта на татко спрема син. Поради неговиот престој во Велес околу 1894 година Главинов успеал да го убеди Мартулков да се приклучи во социјалистичкото движење.

Јазични одлики

На некои места во текстот авторот паѓа во белетристичен тон или манир и на прв поглед прави впечаток дека се увлекол и загубил во незначи телни и ненужни подробности. Но токму на овие места авторот одразил како во калеидоскоп една историска стварност во која се огледуваат и наравите, и обичаите, и карактерите на личностите од различни слоеви на тогашното општество, и битовите особености и многу уште друго.

Исечок од книгата, поглавје VII

Тој беше го напуштил училиштето со своите другари. Тие, организирани од Делчев, работеа во железарските работилници на ВМОРО во Ќустендил и во с. Саблер за леење бомби и поправка на оружје. Минов ме одведе во работилницата и ме запозна со Велко Михов и другите работници. Повеќето од нив станаа војводи и големи дејци во ВМОРО. Велко Михов беше социјалист. Тоа беше во 1899 година во месец август. Среќно пристигнав во Велес и се зафатив здраво за работата.

Спомените содржат различни исклучителни јазични одлики што го разликува од другите историски трудови во тоа време. Мартулков понекогаш употребувал зборови од неговиот мајчин велешки дијалект. Поради неговиот долготраен престој во Бугарија неговиот речник паднал под бугарско влијание. Поради тоа понекогаш употребувал бугарски зборови. Како пример тој ја избегнува употребата на поимот државен удар во замена на бугарскиот збор преврат. Во еден од неговите забелешки Мартулков признава дека постапил грешно кога се преселил во Софија и му препорачал на Антон Попов да се насочи кон Белград.[24]

Интересен податок во спомените е тоа што кога некои зборува во српски јазик нивниот разговор воопшто не е преведен додека разговори воведени со турски, бугарски или хебрејски јазик се целосно преведени во македонски. Според правописот на Мартулков во делото, јасно е дека имал тешкотии со минато определено свршено и определено несврешно време. Најверојатно поради тоа што сѐ уште не бил навикнат со новиот кодифициран македонски јазик.

Поврзано

Наводи

  1. Institut za nacionalna istorija (1955). Материјали за историјата на Македонија. Институт за национална историја. стр. 1.
  2. Институт за национална историја. Турски документи за македонската историја. Научен Институт за национална историја на македонскиот народ. стр. 191.
  3. Мартулков, Алексо (1954). „Предговор“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. За разлика од претходните изданија на оваа едиција, кои се материјали од втора рака, како преводи од објавени веќе работи пред војната на бугарски јазик (Спомени на Ѓорче Петров, Востаничкото движење во Југозападна Македонија по спомените на Славејко Арсов, Спомени на Јане Сандански, Борбите во Југозападна Македонија по спомени на Лука Џеров, Лазар Димитров и др.), или се собрани документи, печатени во разни весници, списанија и книги (Писмата на Гоце Делчев), мемоариве на Мартулков се сосем нов, свеж материјал. Тие претставуваат прв чекор кон документирање на некои моменти од историјата на социјалистичкото движење во Македонија.
  4. Зографски, Данчо (1950). За работничкото движење во Македонија до Балканската војна. Институт за национална историја на македонскиот народ. стр. 327.
  5. Абаџиев, Ѓорѓи (1952). Материјали за македонската национал-револуциона историја. Институт за национална историја. стр. 1–5.
  6. Томоски, Томо (1955). Dokumenti od vienskata arhiva za Makedonija od 1879-1903. Институт за национална историја.
  7. Моето учество во револуционерните борби на Македонија
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 Моето учество во револуционерните борби на Македонија / Moeto učestvo vo revolucionernite borbi na Makedonija (WorldCat)
  9. Моето учество во револуционерните борби на Македонија (Cobiss)
  10. Пандевски, Манол (1987). Македоското ослободително дело во XIX и XX век: Внатрешната македонска револуционерна организација и неоврховизмот (1904-1908). Мисла. стр. 347.
  11. Пандевски, Манол (1983). Внатрешната македонска револуционерна организација и неоврховизмот (1904-1908). Култура. стр. 22.
  12. 12,0 12,1 Мартулков, Алексо (1954). „Предговор“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја.
  13. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје III“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Ние ќе водиме непомирлива борба против националните омрази, макар и од каде да доаѓаат тие. На работниците ќе им помагаме сестрано. Ние ги мразиме шовинистичките стремежи во Бугарија, Србија и Грција, од кои ништо добро не произлегува за поробените народи, туку напротив - се распалува непријателството меѓу националностите кај нас и се усложнува и онака веќе лошата положба под турскиот режим. Народите имаат право на слободно самоопределување. Македонија на Македонците. Појдувајќи од сопствените наши интереси, ние не сме против прогресивните струи во останатите балкански земји. Како социјалисти ќе работиме за социјалната револуција.
  14. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XIV“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Јас на многу места во своите спомени пишувам за теророт и не сум негов обожавател. Овде не би сум пишал за него, ако тој не беше употребуван од ВМОРО. Не би било чудно, ако тој беше употребуван во почетокот од создавањето на Револуционерната организација за водење вооружена борба за нашето национално ослободување.
  15. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XII“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Но сето тоа не можеше да се трпи од меродавните кругови на ВМОРО. Беа заплашувани да престанат да постојат како социјалистичка група и да се влеат во Организацијата, каде што ќе им се даваат погодни должности во неа за работа. Инаку Организацијата ќе биде принудена да примени против нив санкции предвидени во статутите на РО. Никола Русински и Веле Марков се сретнаа со Дамета Груев во затворот (тој беше по тоа време во битолскиот затвор) да преговараат со него за условите при кои ќе работат во Организацијата. И постигнаа спогодба. Групата бидува растурена и нејзините членови заминуваат по одредените реони на работа. Пред да заминат, тие ми пишаа во Велес. Писмото ми го донесе другарот Борис Весов, исклучен ученик Од Солунската гимназија, кого бев го испратил во Битола да учи дрводелски занает при нив и да се школува при нивната социјалистичка група. Во писмото ми пишуваа дека постигнале спогодба со ВМОРО и дека им даваат војводски места. Никола Русински го назначуваат за организатор на четничкиот институт во Втората револуционерна област, а Велета Марков за крушевски околиски војвода. Исто така ми пишуваа оти било уговорено и за мене да заземам војводско место и ме викаа да појдам во Битола кај нив. Јас им одговорив оти не го споделувам нивното становиште за растурање на нашите социјалистички групи и стојам на нашето старо становиште: coрaботка со ВМОРО на база на нашите принципи во однос на нашата национално-револуционерна борба јасно определена од принципите легнати во нашата програма, зашто ние, слеани во таа огромна маса на Револуционерната организација, ќе се стопиме и нашиот социјалистички индивидуалитет ќе се загуби.
  16. Саздовски, Ненад (2022). ДЕЈНОСТА НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО КУМАНОВСКО (1895-1903) (PDF). ЗИРМ. стр. 144.
  17. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XXIII“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Ние никогаш не бевме ангажирани организационо со ВМОРО и со разните струи во неа. Ние во организационен однос постоевме одделно, а соработувавме со ВМОРО како целина. Со нашите идеи и принципи, легнати во основата на нашата програма, водевме една агитациона и просветна работа сред сите членови на ВМОРО без исклучок. Можеше да се соработува со ВМОРО во извесни моменти кога се крстосуваа нашите интереси.
  18. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје V“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. През 1897 година изби грчко-турската војна како последица на востанието на остров Крит. Симпатиите на нашето граѓанство беа насочени кон Грција, но јасно беше дека таа ќе ја изгуби војната. Се надевавме дека ВМОРО ќе преземе вооружена акција, поткрепена од Бугарија, и дека великите сили (боејќи се оти војната меѓу Турција и Грција не ќе може да се локализира туку ќе се усложни, и за да го спречат тоа) ќе бидат принудени да ја натераат Турција да отстапи и да биде применет чл. 23 од Берлинскиот договор. Но македонствујуштите, било внатрешните или надворешните, со прст не мрднаа. Граѓанството не само кај нас, туку и во другите градови на Македонија беше разочарано поради тој факт. Не сакам да се впуштам подлабоко во коментарите на тој случај, оставајќи им го на идните беспристрасни македонски историци да си го кажат зборот.
  19. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XXVI“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Многупати се воделе спорови помеѓу нашите македонски прогресивни кругови за главната цел на нашето национал-револуционерно движење. Оваа цел не била никогаш категорично еднаква и се изменувала сообразно со условите во дадените моменти, кои налагале да бидува определена така како би можела да биде реализирана. Во почетокот нашите национал-револуционерни, дури и најпрогресивните за времето, беа многу скромни и си ја поставуваа целта извојувањето на чл. 23 од Берлинскиот договор, кој беше далеку од тоа да одговараше за конечното разрешување на македонскиот проблем и да е израз на интересите на македонскиот народ. Тој побргу беше во интерес на заинтересуваните големи европски сили и неговите автори на Балканот. Но за да можеше да биде восприемена споменатава цел, тогаш се гледаше по наличните револуционерни сили, кои беа многу ограничени и не веруваа дека со својата непосредна борба ќе го разрешат македонското прашање, ами предимно веруваа дека ова ќе биде разрешено од споменативе сили.
  20. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XXVI“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Понатака, кога нарасна силата на ВМОРО и таа беше го опфатила во своите редови речиси целиот македонски народ и вербата во нејзините споствени сили беше подигната, прогресивните револуционерни водачи, што имаа предимно влијание во неа, во 1896 година на конгресот во Солун, јасно ја поставија веќе целта за полната политичка автономија на Македонија и Одринско, која цел беше восприемена уште во истава година и од нас, македонските социјалисти-револуционери, организирани во одделни групи. Но и покрај сето тоа, таа верба во сопствените сили на ВМОРО не беше стигната до својот врв, и се плаќаше данок на помошта која можеше да дојде однадвор. И затоа беше создаден и институтот Задгранично претставителство, преку кое можеше да се работи сред прогресивното општествено мнение македонската емиграција, за да ги поткрепат борбите на македонскиот народ за постигнување на поставената цел: полна политичка автономија. Но уште тогаш мнозина си го поставувавме прашањето, може ли да биде извојувана таа само со нашите непосредни сили, се разбира, сметајќи и на поткрепата на светското прогресивно општествено мнение? Со средствата што сме ги усвоиле, ќе бидат ли ефикасни за постигнувањето на целва?
  21. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XLVI“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Но и во редовите на „ВМРО“ почна нешто да крцка. Волчето што го создадоа Прличев, Баждарев и Томалевски, — Иван Михаилов почна да ги апе и нив. Се започна една фракциска борба меѓу ЦК и Задграничното претставителство, а исто така и меѓу Протогеров и Иван Михаилов. Последниот од волче стана волк, диктатор во организацијата. Тој сакаше ЦК да има полно раководство во организацијата, а членовите на Задграничното претставителство, (коишто како избрани лица имаа право на дејствителни членови на ЦК и полни права во раководењето на организацијата) да не се избираат веќе, ами да се назначуваат од ЦК. Спрема тоа, ЗП треба да биде орган на ЦК и да работи по негови директиви.
  22. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XXIV“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Мене Мише Развигоров ми остави впечаток на добар организатор. Навистина тој беше создал една доста солидна организација во Штипско и овој успех се должеше многу на фактот, што ѝ даваше тој големо предимство на социјалната дејност. Тој беше им ја организирал заемно-спомагателната помош на селаните за купување земјата од беговите и во овој поглед имаше големи успеси во Овчеполието. Исто така тој водеше ефикасна борба против лихварството и на многу бегови и чорбаџии успеа да им ги поништи сенетите на задолжени селани, а на селаните на кои не им беа поништени сенетите им забрануваше да ги исплатат. Во случај на збирање по егзекутивен начин на долговите од власта, им забрануваше на селаните да ги купат продадените имоти. Тогаш во Штипска околија, по силата на мирцштегските реформи, беше укинат данокот „десетарлак“ и беше заменет со поземјениот данок. Развигоров воопшто беше го организирал добро и бојкотот на населението за неплаќање на даноците. Во овој поглед беше отишол многу понапред од сите други околии во Македонија, дури и од Серско. Тој беше проникнал со своето влијание и во соседните околии на Штипско. Беше го сплотил околу себе поголемиот дел од интелигенцијата во Штипско и во самиот град Штип и навистина беше еден од најздравите столбови на неоврховистите во Скопскиот округ.
  23. Апостолски, Михајло (1970). Извори за ослободителната војна и револуција во Македонија 1941-1945: Документи на Комунистичката партија на Југославија и Комунистичката партија на Македонија 1941-1945. Институт за национална историја. стр. 474.
  24. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XXX“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Во 1938 год., точно во кое време не можам да си спомнам, бев тешко болен и лежев дома. Еден ден дојде кај мене младиот наш другар Антон Попов, родум од село Егуменци, Петричко. (Тој беше активен член на нашето прогресивно национал-револуционерно движење, беше осуден на смрт од профашистичкото правосудство и егзекутиран во 1942 год, како член на ЦК на БРП(к). Попов ми рече дека одел за Белград и од мене бараше некои совети по нашата, македонска, линија. Најважната порачка што тогаш му ја предадов беше: да им каже на нашите другари од Вардарска Македонија да гледаат кон Белград. Му реков дека тие таму ќе најдат сили со кои ќе можат да работат за правилното поставување и разрешување на проблемите во врска со нашето национал-револуционерно движење. Додадов дека ако ние во минатото го гледавме центарот на нашите борби таму каде што тие навистина се водеа, а не пред се кон Софија, нашето движење ќе се развиваше во друг правец.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya