Мумџица
Мумџица или Алдинска Планина — средновисока планина која се наоѓа во средишниот дел на Македонија, огранка на најголемиот планински масив Мокра. Природни одликиМумџица е северна огранка на најголемиот македонски планински масив Мокра (Јакупица). Нејзината највисока точка изнесува 1606 метри надморска височина, а височината на котите на сртот се движат од 1571, 1565 и 1548 метри. Позната е и под имињата Алдинска Планина поради тоа што на неа е сместено единствено селото Алдинци, како и верзиите на името Мумџиница, Мумџиица или Мумџијца. На нејзината северозападна падина е сместен познатиот Планинарски дом „Караџица“. Има речиси меридијански правец на протегање во насока север-југ кој малку се отстапува и отклонува во правец југоисток - северозапад. Започнува од планинскиот јазол под Бегово Поле и врвот Солунска Глава во месностите Јуручица, Демирова Ливада и Здуње и се протега на десната страна во изворишното подрачје и горно течение на Кадина Река сѐ до нејзиното скршнување во источен правец под селото Алдинци. Се одликува со стрмни падини обраснати со густи шуми и зарамнето било кое е покриено со ниски грмушести растени. Бидејќи е пониска од 1700 метри, шумската покривка достигнува до самото било и врв на планината. Богата е со листопадна шума, особено многу честа и стара букова, а во мал дел веднаш над планинарскиот дом Караџица е застапена и густа зимзелена - борова и елова шума. Почвата е од различен вид, претежно црница со големи предели на песоклива почва во делот веднаш над селото Алдинци. Застапени се и многу гранитни карпи. Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, Ѓорче Петров запишал дека Мумџијца не е ништо друго, освен поснижено продолжение на Црн Врв, на којшто го запазува изгледот и карактерот во секој поглед[2]. Таа се разликувала од него и сите околни планини само по богатите пасишта, со коишто таа смело конкурирала со Бистра и Шар[2]. ПланинарењеНа падините на Мумџиница минува дел од добро обележаната и позната планинарска патека од трансферзалата „Македон“ која започнува од Богомила и преку врвот Солунска Глава оди сѐ до Драчево и Скопје, односно минува преку целиот планински масив на Мокра Планина или Јакупица. Од рибникот на Кадина Река до планинарскиот дом Караџица има час и половина пешачење по средно тешка патека која минува низ густа букова шума, сред самото село Алдинци и разновидна листопадна шума од јавор, брези, јасики и високи папрати. Од познатиот Планинарски дом „Караџица“ низ убава и густа борова шума за 10 минути пешачење по лесна патека се стигнува до билото и врвот на планината со кота 1571 метар надморска височина. Планинарскиот дом „Караџица“ кој е сместен на северниот крај на западната падина на Мумџица е всушност крстосница на повеќе планинарски патеки кои водат кон Бегово Поле и врвот Солунска Глава на југ, познатите Салаковски езера со врвовите Убава и Миленков Камен на запад, изворите на Кадина Река во месноста Јуручка Карпа на југозапад, селото Цветово и понатму кон Марков Манастир и Водно на север итн. Галерија
Наводи |
Portal di Ensiklopedia Dunia