Боливија (шпански: Bolivia, кечуански: Bulivya , ајмарски: Wuliwya, гварански: Volívia), или официјално Повеќенационална Држава Боливија (Estado Plurinacional de Bolivia, Bulivya Mamallaqta, Wuliwya Suyu, Tetã Volívia), е независна држава во Јужна Америка. Боливија се граничи со Бразил на север и исток, со Парагвај и Аргентина на југ, со Чиле на југозапад и со Перу на запад. Главен град на држава според уставот е Сукре, а седиште на владата е Ла Пас. Државата има 37 официјални јазици, а најзборувани се шпанскиот, кечуанскиот, ајмарскиот и гваранскиот јазик. Боливија има население од околу 10 милиони жители. Над 50% од населението се јужноамериканскистароседелци, меѓу кои најголеми се Кечуаните, Ајмарите и Гвараните.
Пред европската колонизација на Америка, андскиот регион на Боливија бил дел од познатата Империја на Инките — најголема држава во претколумбовскиот период. Шпанската империја го освоила регионот во 16 век. За време на шпанскиот колонијален период, територијата на Боливија се нарекувала Горно Перу и била дел од Вицекралството Перу. По објавувањето на независноста во 1809 година, следувала војна која траела 16 години. По крајот на војната била основана новата република на 6 август1825, а името го добила во чест на јужноамериканскиот револуционер Симон Боливар. Во својата историја како независна држава, Боливија се соочила со голем број политички немири, диктаторски општествени уредувања и економски проблеми.
Боливија се наоѓа во централниот регион на Јужна Америка. Со своите 1.098.580 квадратни километри, Боливија е 28 најголема држава во светот. Територијата на државата се протега од централните предели на Андите на запад па сè до Амазонија и Гран Чако на исток. Боливија нема излез на море, а копнено се граничи со Бразил на север и исток, со Парагвај и Аргентина на југ, со Чиле на југозапад и со Перу на запад.
Територијата на Боливија е составена од различен вид релјефни формации и климатски одлики. Државата има голем степен на биолошка разновидност, кој е еден од најголемите во светот. Покрај тоа, во Боливија има неколку еколошки региони, како што се на пример Алтиплано и Чикитанија. Алтиплано е составен од тропски прашуми и суви долини, а Чикитанија е составена од тропски савани. Разновидноста се забележува во надморската височина на земјата, каде највисокиот врв Невадо Сахама има 6.542 метри, а најниската точка е покрај реката Парагвај и има 70 метри надморска височина.
Симон Хосе Антонио де ла Сантисима Тринидад Боливар и Понте Палациос и Бланко (шпански: Simón José Antonio de la Santísima Trinidad Bolívar y Ponte Palacios y Blanco) е роден во Каракас, Венецуела на 24 јули1783, а умрел во Санта Марта, Колумбија на 17 декември1830. Тој бил предводник на борбите за независност на повеќе јужноамерикански држави: Венецуела, Колумбија, Еквадор, Перу, Панама и Боливија. Боливар го почитуваат како херој и во овие земји, но и во останатите латино-американски земји.
Кога Наполеон Бонапарт во 1808 година ја победи Шпанија, Боливар зема учество во хунтите на отпорот против Шпанците што се формираат во Јужна Америка. Во 1810 година хунтата во Каракас прегласува независност, но во јули 1812 водачот на хунтата, Франсиско де Миранда, им се предава на Шпанците, а Боливар е принуден да бега во Картахена де Индијас во денешна Колумбија. Во 1813 година, откако ја презема воената команда над Нова Гранада (денешна Колумбија), на 14 мај напаѓа на Венецуела. На 6 август го освојува Каракас и ја прогласува Втората венецуелска република.