Христијан Тодоровски-Карпош (Куманово , 3 септември 1921 — 7 февруари 1944 , Билјача , Прешевско) — македонски комунист и истакнат македонски партизан од НОВ .[ 1] Бил прогласен за Народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година,[ 2] како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов - Стив , Орце Николов , Страшо Пинџур , Мирче Ацев и Кузман Јосифовски - Питу ).
Животопис
Спомен-куќа на Христијан Тодоровски-Карпош во Куманово
Како ученик станал член на СКОЈ уште од 1939 година. Поради неговите прогресивни идеи, бил избркан од средното училиште и не му било допуштено да се запише во било кое друго средно училиште во тогашното Кралство Југославија .
Учество во НОБ
Во 1941 година учествува во прибирање на оружје, растурање на памфлети и дистрибуција на билтенот „Дедо Иван “, кој бил издаван од страна на градската партизанска организација.
Се истакнал како организатор на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија (НОАВМ) . Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово . Откако одредот бил разбиен, преминувал во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред, наизменично (1942-43). На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред , кој постепeно нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“ .[ 3]
Христијан Тодоровски-Карпош со своите воени другари, меѓу кои Ацо Шопов и Вера Јоциќ на Козјак 1943
Бил убиен од страна на бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 г. за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача , Прешевско.
Во негова чест се испеани неколку партизански песни: „Битка се бие кумановско поле “, „Давај ме, мила мамо, давај ме “ и „Горо ле, горо зелена “. Покрај тоа, Ацо Шопов му посветил две песни од својата стихозбирка „Песни“ од 1944 година: „Карпош“[ 4] и „Борбата на Дренак“,[ 5] а го спомнува и во „Марш на Трета македонска бригада “, напишана исто така во 1944 година.
Исто така, една од општините во Скопје, Општина Карпош , го добила името во негова чест.
Галерија
Биста на народниот херој Христијан Тодоровски - Карпош пред истоименото училиште во селото Драгоманце
Поврзано
Наводи
↑ „Македонска енциклопедија“, Скопје, 2009, книга II, стр. 1490.
↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 379
↑ Македонска енциклопедија, Скопје, 2009, книга II, стр 1490.
↑ Ацо Шопов, „Карпош“
↑ Ацо Шопов, „Борбата на Дренак“
Литература