Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ — тело на народноослободителното движење на Македонија во текот на Втората светска војна задолжено за подготвување и свикување на Првото заседание на АСНОМ. Основан е во ноември 1943 година во селото Црвена Вода (Дебрца) и е активен до одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август1944 година. Негов претседател е Методија Андонов - Ченто.
Членовите на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Активности
На 14 март 1944 година ИО заедно со Главниот штаб го објавува одговорот на приговарачите на Манифестот на Главниот штаб од октомври 1943 година.[1] Покрај тоа, ИО на 14 март1944 година испраќа и писмо до сите народно-ослободителни одбори за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ.[2]
На почетокот од мај 1944 година Методија Андонов - Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.
Во периодот јуни-јули ИО ги интензивира своите активности во подготовка на Првото заседание на АСНОМ. При тоа го подготвува текот на заседанието, го изготвува политичкиот реферат „Борба против окупаторот“, рефератот „Народно-демократската власт во Македонија – нејната саштина, организација и задачи“, како и извештајот за дотогашната работа на ИО.
Со успешното одржување на Првото заседание на АСНОМ, Иницијативниот одбор престанува со работа, а неговите членови главно преминуваат во состав на Президиумот на АСНОМ.