Карипска Холандија[6][7] (холандски: Caribisch Nederland) — збирен назив за три посебни општини на Холандија во Карипското Море, опфаќајќи ги островите Бонер, Свети Евстахиј и Саба,[8] иако поимот понекогаш се однесува на сите острови на Холандските Кариби. Денес островите се водат како јавни тела на Холандија во службена смисла и имаат статус прекуморска територија на Европската Унија, иако не се дел од неа. Во законодавството го носат и името острови БЕС (BES-eilanden), што е акроним од нивните имиња.
Трите острови го добиле тековниот статус со распуштањето на Холандските Антили на 10 октомври 2010 г.[9] Истовремено, Курасао и Свети Мартин станале автономни земји (landen) во состав на Кралството Холандија.[10] Со таков статус се стекнал и островот Аруба, исто така во Карибите. Поимот „Холандски Кариби“ правно се однесува само на трите општини, но неслужбено се користи за сите карипски острови на Кралството Холандија. Општините зафаќаат вкупна површина од 328 км2 и заеднички имаат 25.019 жители.[1].
Управа
Посебните општини (bijzondere gemeenten) имаат слични надлежности како општините во самата Холандија. Извршната власт ја има Управниот совет, на чие чело стои Островски управни. Граѓаните имаат свои претставници во Островскиот совет во месните работи, а воедно имаат право да гласаат на холандските и на европските избори.
Во службена смисла, островите во холандскиот закон се „јавни тела“ (openbare lichamen), а не општини (gemeenten). За разлика од обичните општини, тие не се дел од ниедна покраина;[11] покраинските надлежности се поделени помеѓу островските управи и холандската влада, односно Државната служба за Карипска Холандија, и затоа овие општини важат за „посебни“.
Многу холандски закони имаат свои верзии што важат во Карипска Холандија.[12] На пример, социјалната заштита не е на истото ниво како во европскиот дел на државата.[13]
Државната служба за Карипска Холандија (Rijksdienst Caribisch Nederland) е задолжена за даночната политика, јавниот ред, доселеништвото, сообраќајната инфраструктура, здравството, образованието и социјалата на островите и ги пружа тие услуги во име на Владата на Холандија.[16] Орган е создаден во 2008 г. како Центар на регионалните служби, а денешниот облик го добил со промената на статусот на 1 септември 2010 г.[17][18] Државната влада на островите ја застапува Претставник, чија улога е слична на Кралскиот комесар.
Географија
Карта на Бонер, Св. Евстахиј и Саба во рамките на поранешните Холандски Антили.
Карипска Холандија географски ѝ припаѓа на островската група Мали Антили. Во состав на групата:
Саба и Свети Евстахиј се во склоп на островите ССС од групата Приветрени Острови. Лежат источно од Порторико и Девствените Острови. Приветрените Острови се од исклучиво вулканско потекло, со ридест терен, и мошне малку обработливо земјиште. Највисока точка е планината Маунт Синери на Саба, која со своите 887 м е највисокото место целото Кралство Холандија.
Клима
Островите на Карипска Холандија се одликуваат со тропска клима и топло време преку целата година. Заветрените Острови се потопли и посуви од Приветрените. Лете знаат да се јавуваат урагани.
Currency
Сè 1 јануари 2011 г. на островите се користел холандскоантилскиот гилдер, кога е усвоен американскиот долар, иако валутата во матичната земја е еврото. За разлика од нив, останатите острови од поранешните Холандски Антили — Курасао и Свети Мартин — го употребуваат карипскиот гилдер.[19]
↑„Nature Policy Plan The Caribbean Netherlands“(PDF). Ministry of Economic Affairs of the Netherlands. 3 февруари 2014. Архивирано од изворникот(PDF) на 2018-11-20. Посетено на 20 ноември 2018. ... додека пак другите острови, Бонер, Свети Евстахиј и Саба, се холандски прекуморски јавни тела и како такви претставуваат дел од земјата Холандија. Трите острови збирно се наречени Карипска Холандија ...