Ли Карсли
Ли Кевин Карсли (роден на 28 февруари 1974 година, Бирмингем) — ирски фудбалски тренер и поранешен играч од средниот ред. Моментално ја води англиската репрезентација под 21 година. За време на својата играчка кариера, Карсли играл во Премиер лигата на Англија носејќи ги дресовите на екипите на Дарби Каунти, Блекбурн Роверс, Ковентри Сити, Евертон и Бирмингем Сити. Иако e роден во Бирмингем, Англија, тој ја претставувал Ирска на репрезентативно ниво, забележувајќи 39 настапи за репрезентацијата и учествувал на Светското првенство 2002. По завршувањето на играчката кариера во 2011 година, Карсли започнал да изучува тренерски занат во Ковентри Сити. Тој бил во улога на тренер во младинските екипи на Ковентри, Брентфорд, Манчестер Сити и Бирмингем Сити, служејќи во секој клуб (освен Манчестер Сити) и како привремен менаџер на првиот тим. Во 2020 година, бил назначен за селектор на англиската репрезентација под 20 години, а потоа бил промовиран во репрезентацијата под 21 година во 2021 година, која ја водел до титулата на Европското првенство 2023.[3] КариераДарби, Ковентри и БлекбурнКарсли ја започнал својата кариера во Дарби Каунти, кадешто одиграл повеќе од 150 натпревари во сите натпреварувања во периодот 1994-1999.[4] Тој бил продаден на Блекбурн Роверс во март 1999 за 4.500.000 фунти[5] и бил нивниот најдобар стрелец во сезоната 1999-2000, неговата единствена целосна сезона во овој клуб. Во декември 2000 година, тој потпишал за Ковентри Сити за сума од околу 3 милиони фунти, но по само 14 месеци го напуштил клубот и направил нов трансфер, приклучувајќи му се на Евертон за 3 милиони фунти во 2002 година.[6] ЕвертонКарсли потпишал четири и пол годишен со Евертон во февруари 2002 година, откако клубот му платил надомест за неговиот трансфер на Ковентри од 1,9 милиони фунти.[7] И покрај тоа што менаџерот кој го довел, Волтер Смит, си заминал следниот месец, неговиот заменик Дејвид Мојес го задржал Карсли во тимот и тој одиграл осум натпревари во преостанатиот дел од сезоната 2001–2002, постигнувајќи го и својот прв гол за клубот, за моментално израмнување на резултатот во натпреварот против Арсенал од последното коло од сезоната, загубен на крајот со 4–3.[8] По неговите први две сезони во Евертон во кои имал измешана среќа, во сезоната 2004-2005, тој станал повеќе од важен играч за тимот.[9] Бил стандарден првотимец во 4-1-4-1 формацијата, играјќи пред одбраната како последен играч за врска.[10] Во декември 2004 година, Карсли го постигнал победничкиот гол во 200-тото Мерсисајдско дерби помеѓу Евертон и Ливерпул, погодок со кој ја освоил наградата за „Гол на сезоната на Евертон“.[11] Со победата, Евертон привремено се искачил на второто место во Премиер лигата.[12] Тој продолжил да игра добро помагајќи му на Евертон да заврши на 4-тото место, обезбедувајќи пласман во третата квалификациска рунда од Лигата на шампионите.[13] Сепак, пред крајот самиот крај на одличната сезона за него тој доживува голема несреќа; на четири минути пред крајот на последниот натпревар за сезоната 2004–2005, Карсли бил изнесен на носилка надвор од теренот поради повреда на коленото за време на поразот од 3–2 од Болтон Вондерерс (натпревар во кој, претходно тој постигнал гол).[14] Тој се опоравил за да може да учествува во предсезонските подготовки, но кон крајот на јули 2005 година, ги истегнал медијалните лигаменти на глуждот за време на предсезонскиот пријателски натпревар против Фенербахче.[15] Тој се вратил во тимот за преиграниот натпревар од четвртото коло на ФА Купот против Челси на 8 февруари 2006 година, заменувајќи го Леон Осман кон крајот на натпреварот во поразот од 4–1.[16] Тој забележал уште пет настапи за време на сезоната 2005–2006, пред истата да ја заврши откако добил сомнителен директен црвен картон за прекршок врз Дидје Дрогба во првенствениот натпревар против Челзи одигран на 17 април,[17] заработувајќи суспензија од три натпревари. Во сезоната 2006–2007, Карсли го започнал секој првенствен натпревар на Евертон, допринесувајќи за освојувањето на 6-тото место и квалификацијата во Купот на УЕФА.[9] На 3 ноември 2007, тој постигнал убав гол во 93-тата минута за Евертон против Бирмингем Сити, носејќи му победа на својот откако претходно резултатот бил нерешен 1-1. Во мај 2007, потпишал нов едногодишен договор со „карамелите“.[18] Во следната сезона, воедно и неговата последна во Евертон, Карсли одиграл 49 натпревари во сите натпреварувања и постигнал еден гол.[19] И покрај тоа што имал понуда за продолжување на соработката со Евертон, Карсли решил да ја одбие понудата и да си замине од Гудисон Парк на крајот од сезоната,[20] откако одиграл вкупно 199 натпревари и постигнал 13 гола во нешто повеќе од шест години во Евертон.[11] Бирмингем СитиВо мај 2008 година, Карсли потпишал за клубот од неговиот роден град, Бирмингем Сити.[21] Со оглед на тоа, дека капитенот на клубот Демјан Џонсон требало да биде надвор од акција за неколку месеци поради операција на грбот, Карсли ја започнал сезоната 2008-2009 како капитен на Бирмингем Сити.[22] На крајот на сезоната, Бирмингем избориле промоција назад во Премиер лигата, а Карсли ги победил соиграчите освојувајќи ја наградата за „Играч на сезоната на клубот“.[23] Во ноември 2009 година, тој се нашол во центарот на вниманието во натпреварот од Премиер лигата помеѓу Бирмингем и Ливерпул на Анфилд, поради контроверзии откако направил прекршок над Давид Н'Гог, по што бил досуден пенал за Ливерпул кој Стивен Џерард го претворил во погодок за да го израмни резултатот. Карсли бил убеден дека Н'Гог самиот намерно паднал за да изнуди пенал и тој негов гест го опишал како „срамен случај на мамење“.[24][25] По сезоната 2009-2010, која за него била нарушена од повреди, тој потврдил во април 2010 година дека ќе го напушти клубот на крајот од сезоната.[26] Ковентри СитиКарсли се вратил во поранешниот клуб Ковентри Сити во јули 2010 година, потпишувајќи едногодишен договор.[27] Тој, исто така, бил назначен за капитен на клубот од страна на менаџерот Ејди Бутројд[28] и направил 25 настапи во Чемпионшип за време на сезоната. По завршувањето на сезоната, тој бил отпуштен, по што се пензионирал од професионалното играње фудбал.[29] За време на неговите два периода со Ковентри Сити, Карсли одиграл 79 натпревари и постигнал седум гола. Репрезентативна кариераКарсли стекнал право да игра за ирската репрезентација преку неговата баба, која била од Данманвеј, Корк.[30] Својот прв и единствен настап за репрезентацијата на Ирска под 21 година го имал на 14 ноември 1995, против Португалија. Својот прв настап за сениорската репрезентација го направил во ремито 1–1 против Романија во квалификациите за Светското првенство 1998 на 11 октомври 1997 година, a играл и во двата натпревари на Ирска во баражот, кои биле загубен со вкупен резултат 3–2 од Белгија.[2] Потоа, тој бил стандарден играч и за време на неуспешниот обид на Ирска преку квалификациите да се пласира на Европското првенство 2000 и го одиграл првиот натпревар од баражот против Турција на 13 ноември 1999 година, кој завршил нерешено 1–1.[2] И покрај тоа што настапил само на четири натпревари во претходните 20 месеци и само во еден квалификациски натпревар за Светското првенство 2002,[2] Карсли бил избран во составот на селекторот Мик Макарти за „Мундијалот на далечниот исток“ во Јапонија и Јужна Кореја;[31] на турнирот, кој за ирците завршил со осминафиналната елиминација по изведување на пенали од Шпанија, тој имал еден настап заменувајќи го Марк Кинсела во победата од 3–0 над Саудиска Арабија.[32] На 7 април 2004 година, Карсли изјавил дека ќе направи пауза од репрезентативниот фудбал за да се фокусира на своето семејство и да го врати своето место во тимот на Евертон.[33] Во септември 2005 година, Карсли изјавил „штом повторно ќе почнам да играм, директно ќе му кажам на телефон на селекторот дека сакам да бидам земен предвид за репрезентацијата на Ирска“.[34] Тој се вратил во репрезентацијата во натпреварот од квалификациите за Европското првенство 2008 против Чешка на 11 октомври 2006 година, кој завршил нерешено 1-1.[35] Од тој момент, Карсли повторно бил стандарден играч во изборот на Стив Стонтон, иако Ирска не успеала да се квалификува за „Евро 2008“.[2] Својот последен настап за репрезентацијата го одиграл во пријателскиот натпревар завршен со пораз од 1–0 од Бразил на Крок Парк на 6 февруари 2008 година.[2][36] Хронологија на репрезентативните настапиТренерска кариераКарсли работел на добивање тренерска лиценца додека бил играч во Евертон, а по завршувањето на играчката кариера, во јули 2011 година, бил назначен за тренер на тимот на Ковентри Сити под 18 години.[29] По отпуштањето на менаџерот Енди Торн на 26 август 2012 година, Карсли и Ричард Шо ја презеле функцијата како привремени менаџери на првиот тим на Ковентри,[37] пред назначувањето на Марк Робинс на 19 септември.[38] Подоцна истата сезона, Карсли ја презел улогата на вршител на должноста менаџер повторно кога Робинс го напуштил клубот на 14 февруари 2013 година[39] и останал на функцијата до назначувањето на Стивен Пресли на 8 март.[40] Тој го напуштил Ковентри во јули 2013.[41] Во јули 2013, тој му се придружил на Дејвид Вир, неговиот поранешен соиграч од Евертон, како негов асистент во Шефилд Јунајтед.[41] Сепак по слабиот почеток на сезоната, неколку месеци подоцна „Сечилата“ ги отпуштиле Вир и Карсли.[42] Потоа, Карсли работел во младинските категории на Брентфорд, а во септември 2015, бил промовиран во менаџер на првиот тим, заменувајќи го отпуштениот Маринус Дајкхојзен.[43] Откако ги загубил првите два натпревари на клупата на Брентфорд, тој ја добил наградата за Менаџер на месецот во Чемпионшип во октомври 2015 година, водејќи ги „пчеличките“ до четири победи од пет натпревари.[44] Откако Брентфорд го назначиле новиот менаџер, Дин Смит, мандатот на Карсли на фунцијата завршил со ремито 1–1 на гостувањето кај Болтон Вондерерс на 30 ноември.[45] Тој останал на Грифин Парк за да му помогне на Смит да се интегрира во клубот, пред да замине на 10 декември.[46] Во сезоната 2016-2017, Карсли го водел тимот под 18 години на Манчестер Сити[47], пред да се врати во Бирмингем Сити за да ја преземе улогата на главен тренер за професионален развој.[48] По отпуштањето на менаџерот Хари Реднап на 16 септември 2017 година, Карсли бил назначен за привремен менаџер на првиот тим.[49] Тој победил, одиграл нерешено и загубил по три натпревари како тренер, пред да премине во улогата на асистент на новиот менаџер Стив Котерил на 29 септември.[50] Тој го напуштил клубот по отпуштањето на Котерил во март 2018 година.[51] Во септември 2020 година, Карсли бил назначен за селектор на англиската репрезентација под 20 години.[52] Тој водел два натпревари во текот на периодот 2020–2021, победата од 2–0 над Велс и хибриден пријателски натпревар што завршил со пораз од 3–1 од тимот на Астон Вила под 20 години.[53][54] На 27 јули 2021 година, Карсли бил назначен за селектор на англиската репрезентација под 21 година.[55] Откако успешно ги минал квалификациите, и ја квалификувал Англија на Европското првенство за играчи под 21 година 2023 во Романија и Грузија, Карсли таму ја одвел репрезентацијата на кровот на Европа, освојувајќи го првенството со победата над Шпанија од 1–0 во финалето. Успехот бил прв за Англија во оваа возрасна категорија уште од 1984 година, кога ја освоиле својата последна титула на Европско првенство во У21 категоријата идентично после победа над Шпанија во финалето.[56] Во јуни 2025, тој го продолжил договорот до 2027 година.[57] На 9 август 2024 година, Карсли бил назначен за привремен селектор на сениорската репрезентација на Англија, откако Гарет Саутгејт ја напуштил функцијата.[58] Тој ја водел Англија во шест натпревари во рамките на Лигата Б на Лигата на нации во група со Ирска, Финска и Грција, остварувајќи пет победи и еден пораз (на домашен терен со 1-2 од Грција), со што го освоил првото место во групата и изборил промоција назад во Лигата А за наредното издание на натпреварувањето. Назад кон У21 репрезентацијата, започнатата работа од Карсли ја довршил Бен Фучер (кој ја водел репрезентацијата во последните неколку квалификациски натпревари додека Карсли ја вршел должноста во сениорската репрезентација) квалификувајќи ја Англија за Европското првенство 2025 во Словачка. Под водството на Карсли, таму Англија повторно стигнала до финалето и ја одбранила титулата со победата од 3-2 по продолженија над Германија. СтатистикаКлупска статистика
Репрезентативна статистика
Тренерска статистикаКлубовиСтатистиката е ажурирана на 10 октомври 2017.
Англија под 21 година
ТитулиТренер
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia