Во 1994 година, Македонија станала членка на ФИФА, на УЕФА и на Балканската Фудбалска Федерација. Националната репрезентација со официјални активности започнала во 1994 година, во квалификациите за ЕП 1996, кога Македонија била во групата со: Ерменија, Белгија, Кипар, Данска и Шпанија. Оттогаш наваму, Македонија учествува во сите натпревари на УЕФА и ФИФА.
Националната арена Филип II Македонски во Скопје е стадионот на кој македонската фудбалска репрезентација ги игра натпреварите на домашен терен. Поранешното име на стадионот е "Градски стадион". Стадионот е изграден во 1947 годинаа, денешнната форма започнал да ја добива во 1978 година, кога започнала изградба на јужната трибина, која била завршена за две години. Во 2009 година, завршила реконструкцијата на северната трибина.
Национална Арена „Филип II Македонски
На 12 август2009 година, по повод 100-годишнината од фудбалот во Македонија, пред 30.000 гледачи, фудбалската репрезентација на Македонија одиграла пријателски натпревар на реновираниот стадион, против тогашниот европски шампион Шпанија. Натпреварот завршил со пораз на Македонија од 2:3, иако македонската репрезентација на полувремето водела со 2-0, со двата гола на Горан Пандев. На 24 април2011 година, во употреба биле пуштени источната и западната трибина, со што комплетно завршила првата фаза од реконструкцијата. Максималниот капацитет на стадионот изнесува 36.400 гледачи.
Македонската репрезентација на ранг-списокот на ФИФА
1994 година
На 17 мај 1994 година, репрезентацијата на Македонија за прв пат се нашла на рангирањето на ФИФА и тоа на 147. место, со само 3 одиграни натпревари. Потоа, на декемвриската ранг-листа, Македонија се искачи на ФИФА ранг листа и се нашла на 90 место со 15 бода.
1995 година
Во декемвриската ранг - листа репрезентацијата на Македонија се нашла на рангирањето на ФИФА и тоа на 94. место со 22 бода, што е за 4 места послабо од 1994 година.
1996 година
Во декемвриската ранг - листа репрезентацијата на Македонија се нашла на рангирањето на ФИФА и тоа на 86. место со 29 бода, што е за 4 места подобар пласман од 1995 година.
1997 година
Во декемвриската ранг - листа репрезентацијата на Македонија се нашла на рангирањето на ФИФА и тоа на 86. место со 29 бода, што е за 4 места подобар пласман од 1995 година.
2014 година
По завршувањето на квалификациите за СП во Бразил, репрезентацијата на Македонија паднала за 11 места на ранг-списокот на ФИФА, објавена во октомври 2013 година, заземајќи го 86. место со 430 бодови.[6]
Истовремено, на првото рангирање на фудбалските репрезентации за 2014 година, спроведено од страна на ФИФА, македонската фудбалска репрезентација го зазела 84. место, со вкупно 425 бодови.[7]
Во март 2014 година, фудбалската репрезентација на Македонија се искачила на 82. место на ранг-списокот на ФИФА, со вкупно 421 бод, што претставувало подобрување за едно место во споредба со претходното рангирање.[8]
На ранг-списокот на ФИФА од август 2014 година, Македонија била на 76. место, со 407 бодови, со што паднала за две места во споредба со рангирањето од јули.[9]
На ранг-списокот на ФИФА, објавен на 18 септември2014 година, репрезентацијата на Македонија забележала пад од дури 36 места. Притоа, на ова рангирање, Македонија го зазела 112. место во светот, со 286 бодови. Тоа претставувало најголем пад на списокот на ФИФА во историјата на македонската репрезентација. Истовремено, тоа било најлошото рангирање на репрезентацијата од 1994 година, кога била пласирана на 117. место.[10]
Еден месец подоцна, во рангирањето на ФИФА, објавено во октомври2014 година, Македонија повторно се вратила меѓу првите 100 репрезентации во светот. Имено, по победата над Луксембург од 3:2 и поразот од Украина од 0:1 во рамките на квалификациите за ЕП 2016, Македонија собрала 340 бода и напредувала за 13 места на ранг-листата, пласирајќи се на 99. место.[11]
Во ноември 2014, по поразот на домашен терен од Словачка, македонската репрезентација паднала за четири места на ранг-списокот на ФИФА, заземајќи го 103. место, со 324 бодови. На тој начин, за вторпат по 1994 година, Македонија завршила на трицифрено место во рангирањето на ФИФА, откако на крајот од 2011 година го зазела 103. место.[12]
Најпосле, во последното рангирање на ФИФА за 2014 година, објавено на 18 декември, македонската репрезентација напредувала за три места во споредба со претходниот месец и го зазела 100. место, со 324 бода.[13]
2015 година
Во февруари2015 година, репрезентацијата на Македонија се нашла на 104. место на списокот на ФИФА, со освоени 320 бодови.[14] Потоа, на мартовската ранг-листа, Македонија паднала за четири места и се нашла на 108. место со 308 бода, при што влегла во групата на десетте најслаби европски репрезентации.[15] Во јуни 2015 година, Македонија направила скок од пет места и се нашла на 100. место на ранг-списокот на ФИФА, со 321 бод.[16] На ранг-списокот на ФИФА од август 2015 година, со освоени 311 бода, репрезентацијата на Македонија била пласирана на 103. место во светот.[17]
2016 година
Во рангирањето на ФИФА во ноември 2016 година, македонската репрезентација назадувала за седум места, заземајќи го 162. место, со 138 бода. Од појавувањето на меѓународната фудбалска сцена, тоа бил најлошиот пласман на македонската репрезентација.[18]
Откако Македонија е самостојна држава, македонската фудбалска репрезентација сè уште се нема квалификуванo на завршницата на некое светско првенство во фудбал:
Квалификациските натпревари за пласман на светското првенство во Бразил2014 година, Македонија ги завршила на последното место, што претставува најслаб пласман на квалификациските циклуси за европските и светските првенства во историјата на репрезентацијата. Притоа, од вкупно 10 одиграни натпревари, таа остварила две победи (против Велс во Скопје 2:1 и против Србија во Скопје 1:0), еднаш играла нерешено, а претрпила дури седум порази. Во рамките на квалификацискиот циклус, репрезентацијата постигнала 7 голови, а примила 16. На две средби пред крајот на квалификациите, селекторот Чеде Јаневски ненадејно се повлекол од својата функција и бил заменет со Зоран Стратев. По завршувањето на квалификациите, репрезентацијата паднала за 11 места на ранг-списокот на ФИФА, заземајќи го 86. место со 430 бодови.[6][19]
На последниот натпревар, одигран во Јагодина, Македонија била поразена од Србија дури со 5:1, што предизвикало расправии помеѓу играчите и негодување на македонската спорстка јавност. Уште за време на натпреварот, на теренот започнале расправии помеѓу голманот Томе Пачовски и напаѓачот Агим Ибраими, кои продолжиле на полувремето во соблекувалната, кога играчите се навредувале и расправале, а Ибраими го соблекол дресот и барал да биде заменет. Како потврда за нарушените односи, по натпреварот, капитенот Николче Новески изјавил: „Ова веќе не личи на ништо“; напаѓачот Дарко Тасевски на својот фејсбук-профил напишал „Приватна репрезентација“; селекторот Стратев изјавил дека „...од овој избор на играчи, некои не заслужуваат да го облечат државниот дрес“; а Горан Пандев, во интервјуто за „Македонски спорт“ порачал: „Не можам повеќе да молчам и да гледам како тонеме. Ова што се случува со репрезентацијата е една голема срамота... Како резултат на сето ова се повлекувам од понатамошните настапи во дресот со државниот грб...“. Покрај Пандев, како последица на нарушените односи, и неколку играчи најавиле дека повеќе нема да настапуваат за репрезентацијата.[19][20][21]
По неуспехот на квалификациите за СП во Бразил, на 12 декември2013 година бил ангажиран нов селектор на репрезентацијата - Бошко Ѓуровски, кој потпишал двегодишен договор, со примена од 1 јануари2014 година.[22]
Во квалификациите за ЕП 2016, Македонија била во групата „Ц“, заедно со Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија и Луксембург. Претходно, во извлекувањето на учесниците во квалификациите, Македонија била сместена во петтиот барабан.[9]
На првиот квалификационен натпревар, одигран во Валенсија на 8 септември2014 година, Македонија претрпела убедлив пораз од Шпанија со 5:1.[10]
Во второто квалификациско коло, одиграно на 9 октомври2014 година во Скопје, репрезентацијата на Македонија ја забележала првата победа во групата, одигрувајќи 3:2 против Луксембург. Притоа, прва во водство дошла Македонија, со голот на Александар Трајковски во 20. минута. Потоа, Стефано Бенси и Давид Турпел го довеле во водство тимот на Луксембург, така што на полувремето резултатот бил 1:2. Во вториот дел, во 66. минута, Адис Јаховиќ го изедначил резултатот со гол од пенал и најпосле, во последната минута на судиското продолжение, Бесарт Абдурахими дал гол за победа на Македонија.[24]
На 12 октомври2014 година, во третото квалификациско коло, Македонија ѝ гостувала на Украина во Лавов. Притоа, Македонија загубила со 0:1, а единствениот гол го дал Сидорчук во 45. минута. На почетокот од второто полувреме, Јармоленко промашил пенал за Украина.[25][26][27]
Во четвртото коло, одиграно на домашен терен, Македонија изгубила од репрезентацијата на Словачка со 0:2 при што двата гола биле постигнати во првото полувреме: најпрвин погодил Јурај Кучка во 25. минута, а вториот гол го дал Адам Немец 38. минута.[28]
На 27 март2015 година, во Скопје, македонската репрезентација ја дочекала репрезентацијата на Белорусија. Натпреварот се одиграл пред само 5.000 гледачи, а главен судија бил Ентони Тејлор. Репрезентацијата на Македонија настапила во следниов состав: Пачовски, Ристевски, Шиков, Марковски, Георгиевски, Положани (во 30. минута бил заменет со Барди), Хасани, Трајковски, Ибраими, Абдурахими (во 75. минута го заменил Блажевски), Велкоски (во 63. минута бил заменет со Тодоровски). Веќе во 9. минута, Македонија повела со голот на Трајковски, но подоцна, гостите успеале да направат целосен пресврт: во 44. Калачев го изедначил резултатот, а во 82. минута, Корниленко го постигнал победничкиот гол за гостите. Така, на крајот, Македонија загубила со 1:2.[29]
На 14 јуни2015 година, македонската репрезентација ѝ гостувала на репрезентацијата на Словачка. Натпреварот се одиграл пред само 10.675 гледачи и тоа бил првиот настап на репрезентацијата под водство на новиот селектор Љубинко Друловиќ. Репрезентацијата на Македонија настапила во следниов состав: Пачовски, Тодоровски, Димитровски, Мојсов, Трајковски (во 56. минута го заменил Ивановски), Муарем (во 82. минута го заменил Велковски), Ибраими (во 89. минута бил заменет со Абдурахими), Хасани, Трајчевски, Адеми, и Жута. Веќе во 8. минута, Словачка повела со голот на Салата, во 39. минута, Хамшик го постигнал вториот гол за домаќините, а во 69. минута, Адеми го постигнал единствениот гол за Македонија. Така, на крајот, Македонија загубила со 1:2.[30]
На 5 септември2015 година, македонската репрезентација изгубила на гостински терен од репрезентацијата на Луксембург, со резултат 0:1. Натпреварот се одиграл пред 1.675 гледачи, а главен судија бил Ли Еванс од Велс. Победничкиот гол за Луксембург го постигнал Себастијан Тил во 92. минута, а претходно, во 84. минута Абдурахими не успеал да го реализира досудениот пенал за Македонија. На овој натпревар, Македонија играла во следниов состав: Пачовски (голман), Мојсов (од 37. минута, Ристевски), Шиков, Трајковски (од 74. минута, Илијоски), Ибраими (од 80. минута, Ашковски), Ристовски, Глигоров, Петровиќ, Жута, Абдурахими и Ивановски.[31]
Неколку дена подоцна, на 9 септември, во Скопје, репрезентацијата на Македонија играла против Шпанија и претрпела пораз од 0:1 (0:1), а победничкиот гол за шпанската репрезентација го постигнал голманот Томе Пачовски, кој во осмата минута, по едне центаршут на Хуан Мата, си постигнал автогол. Македонската репрезентација настапила во следниот состав: Пачовски (голман), Брдаровски, Ристевски, Шиков, Жута, Петровиќ, Глигоров, Ашковски (од 76. минута, Барди), Хасани, Радески (од 85. минута, Ибраими) и Ивановски (од 68. минута, Трајковски).[32]
Во последниот натрпевар од квалификациите, на 12 октомври2015 година, во Борисов, пред само 2.000 гледачи, репрезентацијата на Македонија одиграла нерешено (0:0) со репрезентацијата на Белорусија. Македонија играла во следниов состав: Митов (голман), Нилсон, Брдаровски (од 73. минута, Абдурахими), Шиков, Мојсов, Жута, Ристовски, Петровиќ, Стјепановиќ (од 81. минута, Алими), Ибраими (од 86. минута, Несторовски), Трајковски и Тричковски.[33] На тој начин, репрезентацијата на Македонија се пласирала на последното место во својата квалификациска група, со само четири освоени бодови.
На 5 март2014 година, на стадионот „Филип Втори“ во Скопје, Македонската фудбалска репрезентација одиграла пријателски натрпевар против репрезентацијата на Летонија. Тоа бил првиот настап на Македонија под водството на селекторот Бошко Ѓуровски. Пред само 2 000 гледачи, Македонија извојувала победа од 2:1, со головите на Јован Костовски и Агим Ибраими од пенал, додека Даниел Георгиевски постигнал автогол. На мечот судела судиската тројка од Албанија, предводена од главниот судија Лоренс Јемини. На овој натпревар бил промовиран новиот капитен на репрезентацијата, голманот Томе Пачовски. Притоа, од повиканите 20 фудбалери, на теренот настапиле дури 17, вклучувајќи ги и дебитантите Крсте Велковски и Кире Ристевски. Боите на Македонија ги бранеле следниве фудбалери: Пачовски, Георгиевски, Попов, Шиков (заменет со Ристевски), Мојсов, Тричковски (заменет со Велковски), Демири (заменет со Спировски), Стјепановиќ (заменет со Муарем), Костовски (заменет со Б. Ибраими), А. Ибраими, Хасани (заменет со Ивановски).[34]
На 26 мај2014 година, на „Куфштејн Арената“ во Куфштејн, Австрија, Македонската фудбалска репрезентација одиграла пријателски натрпевар против репрезентацијата на Камерун. Натпреварот завршил со пораз на Македонија од 0:2 (0:0), а стрелци на головите за Камерун биле Вебо во 52 минута и Чупо-Мотинг во 84 минута. Македонската репрезентација го започнала натпреварот во следниов состав: Пачовски, Грнчаров, Попов, Тодоровски, Ристевски, Абдурахими, Спировски, Бабунски, Ибраими, Тричковски и Трајковски, а капитенската лента ја носел Бобан Грнчаров. Натпреварот го судел Роберт Шоргенхофер, помошни судии биле Винсауер и Штаундингер, додека четврти судија бил Лехнер, сите од Австрија.[35]
Четири дена подоцна, на 30 мај2014, со почеток во 19,00 часот, во Риети, Италија, македонската репрезентација одиграла уште еден пријателски натпревар, овојпат против селекцијата на Катар, при што натпреварот завршил нерешено, со резултат 0:0.[36]
На 30 март2015 година, на речиси празниот стадион во Скопје, Македонија одиграла пријателски натпревар против репрезентацијата на Австралија. Притоа, натпреварот завршил нерешено 0:0, во целосно мирна и неинтересна игра, во која речиси не биле создадени никакви прилики за гол.[37]
Ова е списокот на играчи повикани за натпреварите против Хрватска на 12 октомври и Србија на 16 октомври во квалификациите за Светското првенство во Бразил 2014.