Морските површини согласно меѓународното право.Подрачја вон исклучивите стопански појаси (темносино).
Меѓународни води или отворено море — водна површина која се наоѓа вон управната надлежност на било која поединечна земја. Такви површини можат да бидат океаните, големи морски екосистеми, затворени или полузатворени регионални мориња и естуари, реки, езера, подземни води и моклишта.[1]
Бидејќи отвореното море не припаѓа на ниедна земја, тоа се нарекува и „слободно море“ (латински: mare liberum). На овие слободни пространства, државите имаат право на стопански риболов, пловидба, прелет, поставање на кабли и цевководи, како и да вршат научни истражувања.
Според Конвенцијата за отвореното море од 1958 г. (63 потписнички), под поимот „отворено море“ се подразбираат „сите делови од морето кои не се опфатени од територијалните и внатрешните води на државата“ и каде „ниедна држава нема право да ја наметнува својата сувереност на било кој дел од нив.“[2] Оваа спогодба е земена како појдовен документ при изготвувањето на Конвенцијата на ООН за морското право, потпишана во 1982 г., со која е уредено дека крајбрежните држави имаат право на исклучив стопански појас од 200 морски милји од појдовната линија, со суверено право врз сета вода во него, морското дно, како и природните ресурси во нив.[3]
Отвореното море зафаќа 50 % од површината на Земјата и сочинува две третини од океаните.[4]
Бродовите што пловат по отворено море се водат под надлежноста на државата на знамето (ако ја има);[5] но доколку пловилото се занимава кривични дејства (на пр. со пиратство),[6] било која земја има право да се справува со него, согласно начелото на сеопшта надлежност. Меѓународните води особено се разликуваат од внатрешните води, територијалните води и исклучивите стопански појаси.
Слободната пловидба по полузатворени мориња е пропишана со неколку меѓународни договори.
Копенхашка конвенција од 1857 г. овозможува пристп до Балтикот укинувајќи ги давачките за сообраќање низ данските протоци, со што тие станале меѓународен воден пат слободен за сите стопански и воени пловила.
Неколку договори овозможуваат пристап низ Босфорот и Дарданелите за товарните пловила. Со Монтрејската конвенција турските протоци станале меѓународни водни патишта.
Други меѓународни договори овозможуваат слободен пристап по реките, кои традиционално не се сметаат за меѓународни водни патишта.
Јужен Океан: Австралија полага право на исклучив стопански појас (ИСС) околу своите антарктички територии. Бидејќи териториите се признаени само од неколку други земји, правото ИСС исто така е спорно.
Подрачјето околу Окинотори: Јапонија се повикува на островче Окинотори како своја сопственост, и затоа смета дека истото треба да има ИСС околу него, но некои соседни земји го сметаат за атол, што би значело дека не му следува ИСС.
Јужнокинеско Море: Некои земји го сметаат ова море (или барем негов дел) за меѓународни води, но овој став не е општоприфатен. НР Кина се противи на идејата исклучивиот стопансики појас да се дели со други со сили кои некогаш се занимавале со риболов во тие води, иако се повикува на свои историски права врз исклучивите стопански појаси на сите други држави што излегуваат на морето.[8]
Покрај формалните спорови, владата на Сомалија не ја наметнува контролата врз нејзините територијални води. Како последица од тоа, на подрачјето цвета пиратството, бесправното исфрлање на отпад и бесправниот стопански риболов.
Иако ваквата проблематика неретко е повод за конфликт, управувањето со водите дава можност за соработка помеѓу земјите, како поттикнувач на поопфатен социоекономски развој.[9] На пример, земјите од сливот на реката Сенегал кои соработуваат преку Организацијата за развој на реката Сенегал (ОМВС) имаат достигнато поголем социоекономски развој и совладано предизвиците поврзани со земјоделството и другите проблеми.[10]
Меѓународни договори за водите
Светски договори
База на меѓународни договори за слатките води.[11]
Годишник на меѓународната соработка за животната средина и договори за развојните профили за морската средина, живите морски и слатководни ресурси.[12]
Конвенција за спречување на загадувањето на морињата со фрлање отпад и други материи (Лондонска конвенција од 1972 г.).[13]
Меѓународна конвенција за спречување на загадувањето од бродови, Лондон, 1973 г. (МАРПОЛ)
Регионалните прашања во врска со слатките води се покриени со Хелсиншката конвенција од 1992 г. за заштита и исползување на прекуграничните водни патишта и меѓународните езера (УНЕЦЕ/Хелсиншка конвенција за водите)[23]
↑Carnaghan, Matthew; Goody, Allison (26 January 2006). „Canadian Arctic Sovereignty“. Library of Parliament. Архивирано од изворникот на 2016-12-02. Посетено на 16 December 2016.