Холандија ја освоила својата прва титула светски првак, совладувајќи ја Шпанија во финалето со 30-29.[2]
Градови-домаќини
Организација на Светското првенство му била доверена на регионот Кумамото. Покрај тоа, јапонскиот организационен комитет одлучил да му додели едно место на одржување на Токио со цел подобро да се подготват за Летните олимписки игри 2020. Инаку Кумамото имал и претходно искуство со организација на ракометни турнири, откако бил домаќин на машкиот светски турнир во 1997 година.[3]
Групата А на првенството започнала со мало изненадување за кое заслужна била репрезентацијата на Словенија која ја победила фаворизираната Холандија со 32-26.[8] Во останатите два натпревари од првото коло фаворитите биле сигурни, Србија ја победила Ангола 32-25,[8] односно Норвешка која ја победила Куба со 31 гол разлика (47-16), што била втора најубедлива победа на првенството.[9][10] Второто коло не донело изнедувања, Србија ја победила Куба со убедливи 46-27, а Холандија ја забележала првата победа на турнирот совладувајќи ја Ангола со 35-28.[11] Најинтересно било во третиот натпревар во кој Норвешка со пресврт и одлична игра во второто полувреме ја победила Словенија.[12] Во третото коло Холандија ја победила Куба, додека Ангола ја изненадила Словенија славејќи убедлива победа од 33-24.[13] Во дербито на колото Норвешка во тесен и неизвесен натпревар ја добила Србија со 28-25.[14] Во четвртото коло Норвешка и Словенија забележале победи над Ангола и Куба,[15][16] додека Холандија ја декласирала Србија со 36-23.[17] Во последното коло Србија забележала важна победа над Словенија со која изборила пласман понатаму,[18] Ангола ја победила Куба, додека Холандија и го нанела првиот пораз на Норвешка со 30-28.[19] На крајот, од оваа група натаму минале Холандија со 4 пренесени бода, Норвешка со 2 и Србија без ниту еден пренесен бод.
Во групата Б забележан е лош почеток на турнирот за бранителот на трофејот Франција, која сосема неочекувано загубила од Јужна Кореја 27-29.[8][10]Германија славела над шампионот од 2013Бразил со 30-24,[8][10] додека Данска без проблеми ја соваладала Австралија со 25 гола разлика (37-12).[10] Во второто коло се забележани дури два нерешени резултати: Бразил - Франција 19-19[20] и Јужна Кореја - Данска 26-26.[21] Единствената репрезентација која забележала победа во ова коло била Германија, која ја совладала Австралија со убедливи 34-8.[22] Третото коло донело нов успех за Јужна Кореја која го совладала Бразил,[23] додека французинките ја забележале својата прва победа на турнирот совладувајќи ја Австралија со огромни 46-7;[23] оваа победа од 39 гола разлика била и најубедливата на турнирот. Во дербито на колото, Германија ја победила Данска во тесен натпревар со еден гол разлика 26-25.[23] Четвртото коло донело победи на Јужна Кореја, Данска и Франција над Австралија, Бразил и Германија. Во последното коло, Бразил ја победил Австралија за петто место во групата, Германија и Јужна Кореја одиграле нерешено 27-27 резултат што и двете екипи ги одвел понатаму, а Данска ја победила Франција со 20-18 и го исфрлила бранителот на титулата од натпреварувањето.[24] На крајот Германија пренела 3 бода во главната фаза, Јужна Кореја 2, а Данска 1.
Почетокот во групата Ц го одбелeжaла убедливата победа на Шпанија над Романија со 31-16.[25] Во другите два натпревари од првото коло, Црна Гора и Унгарија ја оправдале фаворитската улога против Сенегал и Казахстан.[26] Во второто коло, Црна Гора и Шпанија дошле до втората победа во групата победувајќи ги Казахстан и Унгарија,[27] додека Романија забележала многу важна победа против Сенегал за да ги задржи шансите за пласман во главната фаза.[27] Во најинтересниот натпревар од третото коло Црна Гора ја победила Унагрија со 25-24,[14] а до третата победа во групата стигнала и Шпанија која го победила Сенегал 29-20.[23] Во последниот натпревар од колото Романија го победила Казахстан.[23] Во четвртото коло, Црна Гора дошла до уште една минимална победа совладувајќи ја Романија со 27-26,[28] а Шпанија и Унгарија биле сигурни против аутсајдерите Казахстан и Сенегал.[28] Во последното коло Сенегал го победил Казахстан во двобојот на двете репрезентации кој доживеале порази во сите претходни натпревари на турнирот и така го освоиле петтото место во групата. Во натпреварот за првото место, Шпанија ја победила Црна Гора со 27-26, за прво место и максимален број пренесени бодови во следната фаза.[29] Во еден од најинтересните натпревари на првенството се сретнале соседите Романија и Унгарија, во натпревар кој директно одлучувал која репрезентација од оваа група ќе мине понатаму како трета во групата. Во првото полувреме Унгарија имала 7 гола предност, меѓутоа тоа не им било доволно па при крајот Романија успела да го изедначи резултатот, а во последните секунди со гол од пенал на Кристина Њагу дошла до победа (28-27) со која се пласирале во главната фаза.[30] На крајот натаму минале Шпанија со 4 пренесени бода во главната фаза, Црна Гора со 2 и Романија без бодови.
Во првото коло од групата Д немало изненадувања: домаќинот на турнирот Јапонија ја победила Аргентина, Русија ја победи Кина, а Шведска била подобра од ДР Конго. Во второто коло истите три репрезентации ја забележале и втората победа на турнирот Русија ја победила Аргентина, Јапонија била подобра од ДР Конго, додека Шведска ја совладала Кина. Во трето коло Аргентина ја остварила првата победа совладувајќи ја Кина, Русија била убедлива против ДР Конго славејќи убедлива победа од 34-13, додека Шведска ја добила Јапонија со 34-26. Четвртото коло донело нови победи за Русија и Шведска против Јапонија и Аргентина,[15] а својата прва победа на првенството ја забележале и ракометарките на ДР Конго кои во неизвесен натпревар со еден гол разлика ја победиле Кина. Во последното коло, Русија ја победила Шведска 30-22 за прво место во групата, додека Јапонија со победата над Кина од 35-18 ја обзебдила третата позиција и пласман во главната фаза. Во последниот натпревар Аргентина го победила ДР Конго и ја освоила четвртата позиција во групата додека ДР Конго завршиле на петтото место. Од оваа група натаму минале Русија со 4 пренесени бода, Шведска со 2 и Јапонија без бодови.
Главна фаза
Првото коло од групата 1 од главната фаза донело неколку интересни натпревари. Во првиот Србија ја победила дотогаш одличната Јужна Кореја со 36-33 за први бодови во новата група, додека во неизвесен натпревар Германија ја победила Холандија со 25-23 и го презела првото место во групата. Во последниот натпревар од првото коло, скандинавското дерби и двобојот на два поранешни светски шампиони Норвешка и Данска победа славела репрезентацијата на Норвешка со 22-19. Во второто коло, Србија ја изненадила Германија со 29-28, додека за уште едно изненадување се погрижила Данска совладувајќи ја Холандија со 27-24. Изненадување не дозволила Норвешка која била сигурна против Јужна Кореја за да избие на првото место во групата со бод повеќе од Германија, но со сè уште не обезбеден пласман во полуфиналето. Во последното коло Холандија ја победила Јужна Кореја и дошла на чекор од пласман во полуфиналето што би станало реалност доколку Норвешка и Германија не одиграат нерешено, додека Данска со нерешените 26-26 ја исклучила од трката за полуфинале Србија. Во последниот натпревар кој одлучувал се во групата околу тоа кој две репрезентации ќе минат натаму, Норвешка ја победила Германија со 32-29 и се пласирале во полуфиналето водејќи ја со себе и Холандија како втротопласирана од оваа група. Со поразот Германија, била најголемиот губитник затоа што освен што не минала меѓу четирите најдобри паднала на четвртото место во групата и со самото тоа натпревар за седмото место кое последно води во квалификациите за Олимписките игри, додека Србија завршила како трета во групата и обезбедила место на квалификацискиот турнир и натпреавар за петто место на првенството.
Во групата 2 со победи тргнале Русија и Црна Гора кои ги совладале Романија и домаќинот Јапонија. Последниот натпревар од првото коло меѓу Шпанија и Шведска донел големи возбудувања. Иако Шпанија во еден момент од второто полувреме имала 9 гола предност, Шведска успеала да се врати и да се избори за нерешен резултат 28-28. Во второто коло Русија го заверила својот пласман во полуфиналето совладувајќи ја Црна Гора, додека Шпанија дошла на чекор од тоа да го стори после победата над Јапонија. Во последниот натпревар од колото Шведска ја победила Романија и избила на третото место на табелата. Во последното коло русинките го потврдиле првото место совладувајќи ја Шпанија, меѓутоа и шпанките продолжиле заедно со нив меѓу четирите најдобри благодарение на победата на Црна Гора над Шведска. Со оваа победа црногорките го освоиле третото место во групата и избориле двобој со Србија за петто место, праќајќи ја Шведска во натпревар за седмото место - последно кое води во квалификациите за ЛОИ 2020. Во натпреварот без големо резултатско значење помеѓу двете веќе елиминирани репрезентации Јапонија ја победила Романија и завршила петта во оваа група додека романките останале последни без ниту еден освоен бод.
Во првото полуфинале виден е неизвесен натпревар меѓу Русија и Холандија. Резултатот бил во најголем дел од натпреварот нерешен или водство на една од двете репрезентации со гол предност, а одлуката паднала во последната минута кога холанѓанките преку Лаура ван дер Хејден стигнале до водство, а во самата завршница русинките го промашиле последниот удар и така Холандија победила (33-32) и изборила втрото финале во својата историја нанесувајќи и го првиот пораз на Русија на турнирот.
Во второто полуфинале Шпанија ја изненадила Норвешка совладувајќи ја со 28-22. Првото полувреме било изедначено иако во еден момент Шпанија имала 4 гола предност Норвешка се вратила и на полувреме се отишло со нерешен резултат 13-13. Во второто полувреме Норвешка почнала многу да греши и тоа го искористила Шпанија со една серија од 6-1 пред крајот да го реши победникот. Прво историско финале за Шпанија.
Натпревар за трето место
Во натпреварот за третото место се сретнале репрезентациите на Норвешка и Русија. Норвежанките подобро го отвориле натпреварот и имале водство минимално водство негде до средината на полувремето кога Русија стигнала до израмнување, а потоа во втората половина од првото полувреме го презеле водство и постојано го зголемувале. На полувремето резултатот гласел 18-15 за Русија. Во второто полувреме Русија рутински ја одржувала предноста која успеала и да ја зголеми и на крајот да победи со пет гола разлика, 33-28. Така Русија стигнала до својот прв бронзен медал на Светските првенства во ракомет за жени и до вкупно петтиот нивен медал од мундијалите по претходните четири златни медали. Норвешка останала без медал на Светското првенство што за последен пат и се случило на првенството во 2013 кога завршиле петти.
Финале
Во финалето играле репрезентациите на Шпанија и Холандија кои биле во потрага по нивниот прв златен медал во историјата на мундијалите. Последен пат кога две репрезентации без освоен златен медал се сретнале во финалето било на Светското првенство 2013 во Србија, на кое во финалето репрезентацијата на Бразил го победила домаќинот Србија. Инаку, Холандија имала едно финале до ова, пораз од Норвешка во 2015, додека за Шпанија ова било прво финале на Светските првенства во ракомет за жени. Претходно најдобар резултат за Шпанија било третото место од првенството во 2011.
Репрезентацијата на Шпанија подобро го отворила натпреварот и водела со 8-4 до првиот тајмаут кој го побарал селекторот на Холандија. После тајмаутот Холандија се вратила во игра со серија 5-1 и успеала да изедначи на 9-9 во 16-тата минута. Следувал период без гол со многу грешки и пропуштени шанси на двете страни по што во завршницата од првото полувреме подобро се снашле холанѓанките и тие заминале на полувреме со три гола предност 16-13. Во второто полувреме Холандија ја одржувала предноста, пред сè благодарение на расположената Еставана Полман, но во последните 10 минути Шпанија успеала да се приближи на еден гол заостаток. Израмнувањето дошло во 59-тата минута кога Марта Лопес го изедначила резултатот на 29-29. Во следниот напад холанѓанките ја загубиле топката под пасивен напад и Шпанија имала напад од околу 35 секунди за победа.[31] Сепак, ударот на Александрина Кабрал најдобрата ракометарка на Шпанија на првенството на десет секунди до крајот го одбранила Тес Вестер по што следувала вистинска драма. Веднаш по одбраната Вестер се обидела да ја фрли топката напред кон својте соигрчки во контра, меѓутоа додавањето било блокирано од Аиноа Ернандес пивотот на Шпанија.[32] Според судиките на овој натпревар сестрите Бонавентура од Франција, Ернандес била во голманскиот простор на Холандија и намерно и недозволено спречила контра по што и доделиле директен црвен картон и пенал за Холандија.[32]Лоис Абинг била сигурна од седум метри и ја донела на Холандија светската титула шампион.[32] Холандија ја победила Шпанија 30-29 и стигнала до својот прв златен медал во историјата како и директен пласман на Олимписките игри 2020, додека Шпанија со освојувањето на сребрениот медал го забележила својот најдобар резултат на мундијалите.