Црква „Св. Никита“ - Горњане
Свети Никита — главна и единствена манастирска црква на средновековниот Горњански манастир во скопското село Горњане.[1] Прогласена е за споменик на културата на Македонија. МестоположбаОваа средновековна црква се наоѓа на едно возвишение наречено Тромеѓа, под кое се наоѓаат селата Горњане, Бањане и Чучер. Различни автори различно наведуваат кому припаѓала оваа црква, која ја користеле селаните од сите три села.[2] Катастарски објектот на црквата се наоѓа во атарот на селото Горњане. ИсторијаИсториските податоци навестуваат дека црквата е византиска градба и можеби потекнува од XII век, од кога потекнуваат и други византиски градби околу Скопје. Меѓутоа, таа градба подоцна била срушена и црквата заедно со манастирот биле обновени во 1307 година од страна на српскиот крал Милутин.[2] Сепак, најновите истражувања покажуваат дека можеби црквата била подигната подоцна, во периодот 1319-1320.[3] Низ историјата црквата била повеќепати поправана и доградувана.[4] АрхитектураГрадбата на црквата има облик на впишан крст во правоаголен простор, со купола врз висок тамбур. Била изградена од делкан камен, тули и малтер. Керамопластичната декорација на фасадите е особена застапена при обликувањето на олтарната апсида.[3] Фасадата е збогатена и со слепи аркади исполнети со најразлични геометриски орнаменти.[4] ФрескоживописЦрквата е целосно живописана. Тоа било направено во 1316 година.[2] Истиот е добро зачуван. Имињата на зографите може да се видат врз штитот на фреската на Свети Теодор Тирон, насликана во првата зона. Тоа се потписите на прочуените средновековни сликари, Михаил и Евтихиј. Тие работеле и на фрескоживописот во црквата „Богородица Перивлептос“ во Охрид, а во 1317 година и голем дел од живописот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во селото Старо Нагоричане.[3] Овој фрескоживопис се смета за значајно дело во средновековната уметност во Македонија, поради својот богат иконографски репертоар и високите ликовни вредности.[3] Најголемиот дел е насликан во периодот на нејзиното градење, додека од поново време (од XIX век) е единствено фрескоживописот околу куполата.[4] Во првата зона внимание привлекува фигурата на патронот на црквата „Св. Никита“, претставен во панцирна облека, со копје во десната и лак за стрели во левата рака. Од неговата десна страна, како воин во панцир и со целосно вооружување, е претставен „Св. Ѓорѓи“, а левата страна „Св. Стефан Првомаченик“. Во втората зона впечатливи се композициите „Изгонувањето на трговците од храмот“ и „Свадбата во Кана Галилејска“, а во третата зона сцените од страдањата Христови.[3] Ова сликарство споредено со тоа во „Св. Богородица Перивлептос“ покажува развојна фаза и наместо монументалност се забележува наративен карактер на насликаните ликови и композиции.[3] Сликарството од поново време било извршено од страна на Дичо Зограф, кој во темето на куполата на наосот ја пресликал Божествената литургија со Исус Седржител, запазувајќи го инкарнатот и линијата на облиците изведени од постарите мајстори.[5] ИконостасКон крајот на 1846 година и почетокот на 1847 година, Дичо Зограф ги изработил иконите за целиот иконостас и ѕидното сликарство во куполата на наосот во црквата.[5] За потребите на иконостасот ги изработил престолните икони Исус Христос Седржител, Богородица со Христос, Свети Јован Претеча, Свети Никита, Архангел Михаил, Крунисување на Богородица, Свети Ѓорѓи и Свети Димитриј, која денес се чува во оваа црква и стои потпрена на долниот дел од иконостасот се претпоставува дека припаѓала на иконостасот од црквата „Св. Троица“ во село Чучер.[5] Дичо, исто така, ги изработил и царските двери, иконите со апостолите, празничните икони, крстот над иконостасот и мала икона Богородица со Христос и светители.[5]
ЗанимливостВо внатрешноста на црквата постои камен под кого се верува дека се наоѓаат моштите на светецот Никита. Со овој камен поврзан е и ритуал, односно секој кој има некаква мака или желба доаѓа во црквата и најпрвин пали свеќа. Подоцна, клисарот на црквата ќе го тргне тепихот под кој се наоѓа самиот камен. Човекот ќе застане со лицето кон олтарот. Ќе се прекрсти, ќе направи круг и ќе се поклони свртен кон олтарот. Ова ќе го повтори трипати. По последниот круг се кажува молитвата „Оче наш“ и се кажува маката или желбата.[6] Галерија
ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia