Долно Црнилиште
Долно Црнилиште — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе. Потекло и значење на иметоВо минатото, доста често името на селото било запишувано како Мало Црнилиште.[2] Во минатото, Турците селото го нарекувале Динлер-Незир со значење „Незирово село“. Така било наречено по основачот Незир-бег. Сепак, Македонците отсекогаш го користеле името Црнилиште.[2] Географија и местоположба![]() Селото се наоѓа во областа Овче Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Свети Николе, јужно од самиот град Свети Николе, недалеку од патот Свети Николе-Штип.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 290 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено околу 8,3 километри, додека од патот Свети Николе-Штип околу 2 километри.[3] Ова мало село се наоѓа помеѓу селата Горно Црнилиште, Пеширово и Амзабегово. Северно од селото се наоѓа ридест предел кој се користи за испасување. Обработливото земјиште се наоѓа јужно од селото. Мештаните користеле вода за пиење од седум чешми.[2] Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Дудин Дол, Уплашица, Аткорија, Куршумли-баир, Карпи, Колибиште, Ташлак, Голем Рид, Кадиаргичка, Пачишка Ричка, Алибекица, Брег, Аргач, Шарков Рид, Теќенлак, Мусли-баир, Кабалак, Куртишова Ричка, Сивирџе, Пешировски Пат, Ѓеренче, Брслика, Маркова Ричка, Гуштерица, Јолџак, Крива Нива, Чурлин, Кумсали и Ограѓе.[2] Селото има збиен тип. Некои делови од селото се наречени по главните родови, како што се Чентеровци, Богатинци и Ѓорѓиеви.[2] Селото е поврзано со асфалтен пат на регионалниот пат Свети Николе-Штип. ИсторијаПостои предание кое наведува дека некогаш Горно и Долно Црнилиште биле едно село. Според кажувањата на мештаните, тоа било македонско село, но било уништено од чума. По уништувањето на старото село, на неговото плодно земјиште кон крајот на XVIII или почетокот на XIX век биле основани две посебни села, Горно и Долно Црнилиште.[2] Денешното село било основано од страна на Незир-бег, кој бил сопственик на најголемиот чифлиг. На неговата земја работеле населените Македонци, доселени однекаде.[2] Во селото, покрај македонското население, живееле и Турци. До 1912 година имале 12 куќи, но таа година се иселиле во Турција.[2] Стопанство![]() Атарот е заеднички со Горно Црнилиште, зазема простор од 21 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.531,4 хектари, на пасиштата отпаѓаат 461,1 хектар, а на шумите само 44,6 хектари.[3] Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него има земјоделска задруга и продавница.[3] За време на отоманскиот период, во селото имало беглери, кои ја поседувале целокупната земја, а ја обработувале Македонците. Сите сопственици на чифлиците живееле во Штип, освен еден во Велес.[2] Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Црнилиште живееле 173 жители, од кои 95 Турци и 78 Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Долно Црнилиште имало 104 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5] Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[6] Селото е мало по големина и во 1961 година броело 157 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 120 жители, македонско население.[3] Според пописот од 2002 година, во селото Долно Црнилиште живееле 114 жители, сите Македонци.[7] Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 61 жител, од кои 46 Македонци и 15 лица без податоци.[8] Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
РодовиДолно Црнилиште е македонско село.[2] Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:
ИселеништвоТурското население е иселено во Турција.[2] Од Македонците, постари иселеници има во Свети Николе (Петрушеви), Ерџелија (Пишталкови, Црмкови и Љубенови), Горно Црнилиште (Каревци), Богословец (Гроздановци) и Амзабегово (Трајкови).[2] Од родовите во селото иселеници има во Скопје (од Таневци) и во Велес (Тесличкови и Богатиновци).[2] Општествени установи
Самоуправа и политикаВо XIX век, Долно Црнилиште било село во Штипската каза на Отоманското Царство. Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе. Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година. Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ерџелија, во која покрај селото Долно Црнилиште, се наоѓале и селата Амзабегово, Аџибегово, Богословец, Буриловци, Горно Црнилиште, Делисинци, Ерџелија, Кадрифаково, Мустафино и Пеширово. Селото било дел од некогашната општина Амзабегово во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Амзабегово, Аџибегово, Богословец, Горно Црнилиште, Делисинци, Долно Црнилиште и Пеширово. Избирачко местоВо селото се наоѓа избирачкото место бр. 1703 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место влегува и селото Горно Црнилиште.[13] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 364 гласачи.[14] На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 357 гласачи.[15] Културни и природни знаменитости
Галерија
Наводи
ПоврзаноНадворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia