Евроазиска Плоча
Евроазиска Плоча — тектонска плоча која ја опфаќа копнената маса на Евроазија, сочинета од континентите Европа и Азија) со исклучок на Индискиот Потконтинент, Арапскиот Потконтинент и подрачјето на исток од Черските Планини во источен Сибир. Над неа лежи и океанската кора која се протега на запад од Средноатлантскиот и на север од Гакељовиот Гребен. Источната страна ја образува границата со Северноамериканската Плоча на север, со Филипинската Плоча на југ, а можеби и со Охотската и Амурската Плоча. Јужната страна граничи со Африканската на запад, Арапската во средината и Индоавстралиската Плоча на исток. Западната страна претставува раздвојувачка граница со Северноамериканската Плоча, образувајќи го најсеверниот дел од Средноатлантскиот Гребен кој минува преку Исланд. Ова раздвојување е причинителот за вулканската активност на Исланд како избувот на Лаки (1783), Елдфедл (1973) и Ејафјадлајекидл (2010). За геодинамиката на Средна Азија е одговорно заемодејството помеѓу Евроазиската и Индиската Плоча. На овој простор се утврдени бројни потплочи или блокови од кората кои ги сочинуваат средноазиското и источноазиското преодно подрачје.[2] ПоврзаноНаводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia