Десанка Максимовиќ
Десанка Максимовиќ (српски: Десанка Максимовић; 16 мај 1898, Рабровица, Ваљево, Кралство Србија - 11 февруари 1993, Белград, СР Југославија) била српска поетеса, професор по книжевност и член на Српската академија на науките и уметностите.[1] ЖивотописДесанка Максимовиќ е родена како најстаро дете на учителот Михаил и мајката Драгиња. По нејзиното раѓање, Михаил Максимовиќ бил прекомандуван на друго место, поради што целото семејство се преселува во Бранковина. Таму, Десанка го поминала своето детство; гимназија завршила во Валево. Во почетокот на август 1933 година се венчала за Сергеј Сластиков, но никогаш немала деца. Дипломирала на Философскиот факултет во Белград, на отсекот за светска книжевност, општа историја и историја на уметноста. По дипломирањето, најпрвин работела во гимназијата во Обреновац, а потоа и како суплент во Третата женска гимназија во Белград. Во Париз живеела една година како стипендист на француската влада. Од 3 септември 1925 година работела во учителската школа во Дубровник, по што повторно се вратила во Белград за да се вработи во Првата женска гимназија.[2] Една од нејзините ученички била и Мира Алечковиќ, која подоцна станала поетеса и блиска пријателка на Десанка Максимовиќ. По почетокот на Втората светска војна, Максимовиќ заминала во пензија, но во службата се вратила веќе во 1944 година и во истата школа останала до нејзиното конечно пензионирање, осум години подоцна. ![]() Максимовиќ постојано патувала низ сите земји на поранешна Југославија и се спријателила со голем број познати писатели и поети; меѓу нејзините блиски познаници биле: Милош Црњански, Иво Андриќ, Густав Крклец, Исидора Секулиќ, Бранко Ќопиќ и многу други. На 17 декември 1959 година била избрана за дописен член на Српската академија на науките и уметностите, а на 16 декември 1965 и за нејзин редовен член. Максимовиќ умрела во четврток, на 11 февруари 1993 година, во Белград, во својата 95. година. Погребана е во нејзиното родно место - Бранковина крај Валево. ТворештвоДесанка Максимовиќ е поет, раскажувач, романсиер, писател за деца, а повремено се занимава и со препејување на поезија од руски, словенечки, бугарски и француски јазик. Таа има објавено околу педесет збирки поезија, низа песни и прозни дела за деца и младинци, раскази, романописецска и патописна проза. Денес, таа се смета за најголемата поетеса во српската поезија.[2]
Нејзини најпознати песни се: Предосећање („Претчуство“), Стрепња („Трепет“), Пролећна песма („Пролетна песна“), „Опомена“, На бури („На бурата“), Тражим помиловање („Барам помилување”) и Покошена ливада („Искосена ливада“). Откако дознала дека едно дете било стрелано во Крагуевац на 21 октомври 1941 година, поетесата ја напишала својата најпозната песна „Крвава бајка" - вистински сведок за теророт на окупаторот врз невиното население за време на Втората светска војна. Песната била објавена дури по завршувањето на војната. Таа има напишано и три патриотски поеми: „Ослобођење Цвете Андрић“ (1945), „Отаџбина у првомајској поворци“ (1949) и „Отаџбино, ту сам“ (1951), а борбата против германската окупација ја обработила и во делата „Спомен на устанак“ и „Србија се буди“.[2] Најпознати дела во опусот на Максимовиќ се:[3]
Критички осврт кон поезијата на Максимовиќ![]() Поезијата, расказите, романите, книгите за деца и низа есеи на Максимовиќ се преведени на огромен број светски јазици, а исто така поединчни песни од нејзиното творештво се влезени во голем број светски антологии. Најчест мотив во поезијата на Десанка Максимовиќ е љубовта, зашто според неа, секоја нејзина форма самата по себе е поезија. Често и обилно користи алитерации и внатрешни рими. Нејзино основно поетско мото е дека поезијата треба да биде разбирлива, јасна, искрена, отворена кон човекот и животот. Многу од нејзините песни претставуваат повик кон човекот да стане добар, благороден, горд, благороден, да ги почитува луѓето со други верувања и сфаќања, мислења, бои и вери и да биде строг спрема своите маани како и кон туѓите. Од вредностите во животот кои Максимовиќ ги велича, особено се истакнуваат, покрај љубовта, и верноста, храброста, добрината и некористољубивоста. Десанка Максимовиќ не спаѓа во громогласните говорници и поети за светот околу себе, особено во првиот период од нејзиното творештво, туку таа зборува тивко и разговара самата со себе. Во почетната фаза, таа е загледана во себе и се држи далеку од светските настани. И токму со тоа, таа се издвојувала од нејзините современици: нејзините песни биле исполнети со љубовта, пролетта и младоста, делувајќи топло, непосредно и наивно-искрено. Основното поетско чувство на Максимовиќ е младоста, отелотворена во пролетта и љубовта. Нејзината младост е страсна, но не претерано соголена; полна со гревови и чисти страсти. Во нејзините песни, љубовта не е нешто што еднаш се раѓа и еднаш умира, туку таа се обновува непрекинато, се прелива и претставува плима и осека на човековата душа. Во основа, поезијата на Максимовиќ значи восхит кон животот и затоа кај неа нема целосен пад и пораз, а минатото е присутно само како опомена, бидејќи она што доаѓа значи живот, нешто што носи убавина. Подоцна, во нејзината поезија се јавува нов став кон животот и луѓето - враќањето кон родниот крај. Притоа, таа ја чувствува својата изгубеност во „злобниот свет“, но таа изгубеност нема ништо декандентно и песимистичко. Во таа смисла, ненаметливо, едноставно како игра во нејзината поезија се наметнува односот меѓу градот и селото. Нејзината социјална поезија, заснована токму на тој однос, отскокнува од останатата српска литература во 1930-тите. Најпосле, од 1941 година, во нејзината поезија се јавува и нов мотив - љубовта кон својот народ и кон својата земја.[4] ТворештвоВо својата „Антологија на српската поезија“, Зоран Мишиќ истакнува дека Максимовиќ имала најголема дарба и сензибилност меѓу српските поети кои по Првата светска војна зачекориле по старите, утврдени патеки. Таа не воздигнува над општите места и чувства, но сепак успеала да пронајде свој особен стил на топла, непосредна, нежно-сентиментална поетска нарација, која ги ублажува бројните слабости во нејзината поезија: површноста на мислите, сиромашната метафора и стандардната постапка на поетизација на сето видено и доживеано.[5] Награди и признанија![]() Десанка Максимовиќ има добиено голем број на книжевни награди. Првото свое признание го добила во 1925 година, на конкурсот за најдобра песна на списанието на Мисао („Мисла“). Во 1964 година ја добила Седмојулската награда за животно дело; во 1974 година ја добила Вуковата награда, а следната година и Специјалната Вукова награда; во 1984 година ја добила Његошевата награда за збирката „Слово о љубави“ (1983).[2]; а таа е добитник и на Наградата АВНОЈ. Во 1988 година, Десанка Максимовиќ е одликувана со Златен венец на Струшките вечери на поезијата.
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia