Финалето на Светското првенство во фудбал 2022 година бил фудбалски натпревар со кој се одредил победникот на Светското првенство 2022 година. Ова било 22-ро финале на Светското првенство, турнир на кој учествуваат фудбалските репрезентации кои се членки на ФИФА. Финалето било одиграно на стадинот Лусаил Ајконик во Лусаил на 18 декември 2022 година.
Аргентина повела со 2-0 со головите на Лионел Меси од пенал и на Анхел Ди Марија и тоа бил резултатот на полувремето. Иако изгледале немоќно во поголемиот дел од натпреварот, бранителите на титулата се вратиле со два гола за помалку од две минути реализирани од Килијан Мбапе и натпреварот во регуларните 90 минути завршил нерешено 2-2 по што се играле продолженија. Во нив, Аргентина со уште еден гол на Меси повела со 3-2, но со хет-трикот на Мбапе, Франција изедначила на 3-3. По изведувањето на пенали, подобри биле аргентинците и победиле со 4-2.
Финалето се одиграло на стадионот Лусаил Ајконик во Лусаил, сместен околу 15 километри северно од центарот на градот Доха.[1] Стадионот бил предвиден да биде домаќин на финалето уште за време на кандидатурата на Катар за организација на Светското првенство,[2] а тоа било потврдено на 15 јули 2020 година.[3] Стадионот претходно бил одреден да биде домаќин на девет други натпревари, од кои шест во групната фаза и три други нокаут натпревари.[4]
Стадионот Лусаил, во сопственост на Фудбалскиот сојуз на Катар, бил изграден како дел од победничката кандидатура на Катар за Светското првенство. Стадионот бил дизајниран од британската фирма Foster + Partners и Populous,[5] поддржано од MANICA Architecture.[6] Стадионот се лади со помош на сончева енергија и се тврди дека има јаглерод нула.[7] Изградбата започнала во април 2017 година,[8] и било планирано да заврши во 2020 година. Завршувањето на стадионот сепак било одложено, за изградбата на крајот да заврши во ноември 2021 година.[9] Стадионот првпат бил домаќин на некој фудбалски натпревар, во Суперкупот на Лусаил, одигран на 9 септември 2022 година.[10]