Селото се наоѓа во областа Славиште, во северниот дел на територијата на Општина Крива Паланка, во северен правец од градот Крива Паланка, на оддалеченост од околу 10 километри.[2] Селото е ридско-планинско и раштркано, чии маала се наоѓаат на надморска височина од 900 до 1.140 метри.[2]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Гарваница (највисоко место во атарот), Крстато Дрво, Студенац, Вели Врв, Рашки Рид, Големе Њиве, Трначки Дол, Црцорски Дол, Лучка Река, Јабуки и Јагански Дол.[3]
Селото е од особен разбиен тип. Постојат шест маала: Србиновско, Речанско, Рашки Рид, Клинчаровско, Бељаковци и Гарваница. Првите две се во долинскиот дел, додека останатите лежат на висок терен.[3]
Селото се наоѓа северно од Крива Паланка, на ридско-планински предел. Селото е дел од географската област Славиште. На северозапад се граничи со селото Подржи Коњ, на север со селото Крстов Дол, на североисток со селата Голема Црцорија и Мала Црцорија, на југоисток со селото Киселица и на југозапад со селото Осиче.
Преку селото поминува асфалтен локален пат кој го поврзува селото со магистралниот пат Крива Паланка-Деве Баир, како и со соседните села. Во последно време патот прерасна во меѓународен, бидејќи е отворен граничен премин со Србија кај селата Голема Црцорија и Голеш. Но, и покрај тоа, што сега патот е меѓународен, се наоѓа во многу лоша состојба.
Средиште на селото е Србиновско Маало, каде се наоѓаат општествените установи и за кое жителите велат дека е Добровница.[3]
Историја
Селото изобилува со старини. Мештаните имаат пронаоѓано ќупови, како и метални монети.[3]
Денешното село е релативно нова населба. Била населена мештани доселени од други краеви, најмногу од Србија и од Куманово. Причината за нивното доселување било да ги избегнат давачките, градејќи куќи на „скришно место“. Основањето на селото се случило крајот на XVIII век или почетокот на XIX век.[3]
Според народното предание селото постоело уште во XVII век. Било село од збиен тип и се наоѓало во близина на сегашните гробишта. Во селото имало црква. По задушувањето на Карпошовото востание селаните биле принудени да го напуштат селото и заедно со австриската војска се повлекле на север. Подолг период селото останало без жители. Во втората половина на XVIII век во селото повторно почнало доселување. Најпрво е населена Речанска Маала (не се знае од каде се доселени). Потоа во Србиновци се населува едно семејство по потекло од Шумадија (Србија). Следува населување на маалото Бељаковци од кумановското село Бељаковце. Маалата Рашки Рид и Клинчарци се населени кон крајот на XIX век од соседното село Осиче, а во тој период е населено и маалото Гарваница од селата Осиче и Подржи Коњ.
Атарот зафаќа простор од 14,7 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 687,8 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 548,3 хектари, а на пасиштата 157,9 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]
Плодната земја на атарот на Добровница била во посед на Турци од градот Крива Паланка до 1912 година.[3]
Добровница е македонско село, населено со македонски родови, кои се доселени од други краеви.[3]
Според истражувањата од 1973 година, родови во селото се:
Доселеници: Долни Бељаковци, Горни Бељаковци и Чукарци (21 к.), потекнуваат од ист предок и живеат во маалото Бељаковци. Доселени се од селото Бељаковце кај Куманово. Го знаат следното родословие: Александар (жив на 37 г. во 1973 година) Давидко-Спасе-Петре-Анѓел-Симон, кој се доселил околу 1810 година; Шумадинци, Говедарници, Вучевци, доселени се од некое место во СрбијаПрисојарци, доселени од Голема Црцорија и Черкези Доселени од Голема Црцорија, пред тоа од Крстов Дол и живеат во Србиновско Маало; Јовановци, Милошари и Џогановци (12 к.), и тие се доселени од некое место во Србија и живеат во маалото Гарваница; Баратлија (5 к.) и Дојчиновци (4 к.), потекнуваат од ист предок и живеат во маалото Река. Доселени се од селото Баратлија; Осиче (7 к.), доселени се од селото Осиче; Г. Црцовци (3 к.), доселени се од селото Голема Црцорија; Падинци, Богачиновци и Кривоорничани (9 к.) и Клинчарци и Лисичари (7 к.), доселени сеод селото Осиче. Првите живеат во селото Рашки Рид, а вторите во Клинчарци.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:
Доселеници:Деа Петковци со Богдановци и Пуша (15 к.) доселени се околу 1800 година од блиското село Градец. Овде се доселил Петре, чукундедото на Стојан (жив на 65 г. во 1953 година); Србиновци со Шумковци (5 к.) по потекло се од околината на Власина во источна Србија. Од таму избегал некој Цветан. Најпрво се населиле во Кркља, а во 1843 година се доселиле во Добровница; Симоновци (13 к.) со Јовановци (3 к.) доселени се околу 1814 година од селото Конопница; Дојчиновци со Анѓеловци (5 к.) доселени се околу 1843 година од селото Рајчиновци кај Босилеград; Вучевци (4 к.) доселени се околу 1823 година од околината на Врање во Србија; Пешини (1 к.) доселени се околу 1885 година од селото Црвени Град во Горна Пчиња, денес во Србија; Присојарци (1 к.) доселени се околу 1898 година од селото Голема Црцорија; Черкези (3 к.) доселени се во 1905 година од селото Голема Црцорија; Лучани (3 к.) доселени се во 1912 година од селото Луке; Зајец (1 к.) доселени се во 1913 година од селото Луке; Џогановци (5 к.) доселени се во 1915 година од селото Подржи Коњ; Димчинци (4 к.) доселени се во периодот од 1920 и 1925 година од селото Подржи Коњ; Каравиљови (1 к.) доселени се во 1922 година од селото Осиче; Масларци (1 к.) доселени се во 1931 година од селото Крстов Дол; Гркуновци или Саравиновци (1 к.) доселени се во 1932 година од селото Горно Тлмино кај Босилеград; Вучковци или Андреј (1 к.) доселени се во 1949 година од селото Голема Црцорија.[16]
Општествени установи
Поглед на подрачното основно училиште „Јоаким Крчовски“Поглед на главната селска црква „Св. Димитриј“
Амбуланта, каде што еднаш неделно доаѓа лекар од здравствениот дом во Крива Паланка
Месна заедница
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.
Во периодот 1952-1955, селото било средиште на тогашната општина Добровница, во која покрај селото Добровница, се наоѓале и селата Голема Црцорија, Луке, Крстов Дол, Мала Црцорија и Подржи Коњ. Општината Добровница постоела и во периодот 1950-1952 и тогаш во нејзе се наоѓале селата Голема Црцорија, Добровница, Крстов Дол и Мала Црцорија.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0976 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште.[17]
Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква, сместена во Србиновско Маало, изградена по Првата светска војна на остатоци од стар храм, кој бил срушен од Османлиите во 1689 година.
Духовден — селска слава на останатите маала на селото Добровница
Иселеништво
Иселеништвото од ова село било застапено во голема мера. Иселеници има во градовите во Македонија. Потоа во областа Банат во Војводина (Јабука, Качарево, Пландиште; околу 15 к.). Исто така, и во селото Чичево кај Берово. Миладиновци, Станковци, Радојковци, Павлевци и Јаќимовци се иселиле во селото Видовиште кај Кочани. Ристинци се иселиле во селото Метежево. Вучинци во селото Орел кај Свети Николе. Има иселеници и во Кучкарево кај Куманово.[3]
Галерија
Амбулантата во селото
Поглед на селото
Селските гробишта во дворот на црквата „Св. Димитриј“
↑Овој податок за Ромите не е веродостоен. Според народното предание во поновата историја на селото никогаш во него не живееле постојано населени Роми. На неколку години доаѓале Роми номади (калајџии) и тука се задржувале краток период. Некаде од седумдесеттите години на минатиот век повеќе не доаѓаат бидејќи повеќе не се употребуваат бакарни садови.
↑D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 142-143.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 мај 2019.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.