Сретселото со задружниот дом во маалото Река, Конопница
Селото се наоѓа во областа Славиште, во јужниот дел на територијата на Општина Крива Паланка, од левата страна на Крива Река, чиј атар се издига на северозападната падина на Осоговските Планини.[2] Селото е ридско-планинско и е раштркано, чии маала се сместени на надморска височина од 600 до 1.000 метри. Од градот Крива Паланка, селото е оддалечено девет километри.[2]
Селото е доста големо и од особен разбиен тип. Се наоѓа десно од патот Страцин-Крива Паланка, на допир со падината на Осоговските Планини и пониската рамнина. Селото е многу издолжено во насока југозапад-североисток, долго околу 6 километри.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Подиште, Чивлак, Трнци, Деда-Маџовци, Рид, Мустафиница, Кртишови, Пољска Падина, Племњите, Китка, Чешмиче, Паднала Бука, Солиште, Средњо Брдо и други.[3]
Селото е од разбиен тип. Се разликуваат 14 маала. Во насока југозапад-североисток се следниве маала: Трнци, Гражданци, Црешњарци, Парталци, Стамболисци, Чивлак, Река, Аџи-Куртиш, Мечковци, Баратлици, Николинци, Самовци, Јушмерци и Станојинци. Главно средиште е маалото Река, каде се наоѓа основното училиште и задружниот дом.[3]
Конопница се смета за старо село во Славиште. Главно се наоѓа на мала рамнина на височина од 650 метри, додека сувите долини ги одвојуваат поединечните маала. Најстари остатоци од населба се наоѓаат во југозападниот дел на селото. Таму е сместено денешното маало Трнци и се наоѓа наоѓалиштето Градиште. Претставува тврдина на високо брдо.[3]
На пописот од 1519 година, селото било запишано како дервенџиско село со 131 христијанско и 3 муслимански домаќинства. Било попишано во нахијата Славиште. Постои предание дека денешниот град Босилеград некогаш опустел и дека бил повторно населен од некој ковач Паунко со неговите 8 синови од ова село.[3]
Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 21,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 852 хектари, на шумите отпаѓаат 817 хектари, а на пасиштата 300 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]
За време на Отоманското Царство, еден дел од населението обработувал своја земја, додека другите работеле на чифлици. Покрај тоа, селото поседува огромни пасишта на Осогово, кои порано ги издавале на влашките сточари.[3]
Население
Обичајот „невестинско поклонение“ на празникот Свети Теодор Тирон во Конопница, кога младите невести венчани помеѓу две Тодорици на Тодорова сабота заедно со своите свекрви му се поклонуваат на светецот со пригодни извезени натписи
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.250 Македонци.[7]
Конопница е големо село со позитивно популациско салдо. Селото во 1961 година броело 1.569 жители, а во 1994 година 2.450 жители, од кои 2.409 жители биле Македонци, 10 Роми, 13 Срби и 18 останати.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Конопница живееле 1.358 жители, од кои 1.395 Македонци, 2 Срби и 1 останат.[8]
Конопница е едно од ретките села во Кривопаланечко, кое што не било погодено од миграцијата село-град во втората половина на минатиот век, поради добрата местоположба и близината до градот Крива Паланка.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.288 жители, од кои 1.221 Македонец, 1 Влав, 1 Бошњак и 65 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Македонското население во селото е старинско, но има и доселеници.[3]
Родови во селото се:
Старинци: Деда-Маџовци (15 к.), сместени во маалото Трнци; Гражданци (15 к.), сместени во маалото Трнци, а во минатото биле во маалото Гражданци; Гражданци (6 к.), сместени во истоименото маало; Црешњарци (7 к.), сместени во истоименото маало; Парталци (20 к.), сместени во истоименото маало; Стамболисци (околу 30 к.), сместени во истоименото маало; Чивлачани (околу 30 к.), сместени во маалото Чивлак; Речани (околу 40 к.), сместени во маалото Река; Аџи-Куртешовци (20 к.), сместени во истоименото маало; Мечковци (12 к.), сместени во истоименото маало; Баратлици (12 к.), сместени во истоименото маало; Николинци (околу 20 к.), сместени во истоименото маало; Самовци (8 к.), сместени во истоименото маало; Јушмерци (8 к.), сместени во истоименото маало и Станојинци (7 к.), сместени во истоименото маало.
Доселеници: Калиманци (10 к.) и Гањовци (10 к.), сместени во маалото Парталци. Едните потекнуваат од селото Калиманци, додека другите од околината на Врање.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:
Со непознато потекло:Црешњарци (12 к.) и Нунушовци (4 к.)
Доселеници:Глувчанци (9 к.) доселени се околу 1765 година од некое место во Русија. Дошол некој дедо на Симон (жив на 67 г. во 1953 година); Баратлијци (16 к.) доселени се кон крајот на XVIII век од околината на Врање во Србија; Јушмерци (5 к.) доселени се околу 1813 година од околината на Врање; Николинци (8 к.) доселени се околу 1818 година од околината на Врање; Чолејци (6 к.) доселени се околу 1833 година од Бања кај Ќустендил во БугаријаВрање; Вучковци (3 к.) доселени се околу 1835 година од околината на Врање; Гугурци (4 к.) доселени се од околината на Врање; Тодоровци (2 к.) исто така од околината на Врање; Наковци (1 к.) доселени се од околината на Врање; Величковци (2 к.), Мутавџији (1 к.), Пранчанци (3 к.), Симовци (4 к.), Станојинци (3 к.), Милиновци (6 к.), Ѕивулци (3 к.), Филиповци (2 к.), Смилитарци и Галибата (5 к.), Ѓочинци (2 к.), Лакевци или Лаќевички (3 к.), Панцарци (2 к.) и Пијаничовци (3 к.) доселени се од околината на Врање; Петараговци (2 к.) доселени се од Бања кај Ќустендил, околу 1845 година; Бељаковци (12 к.) доселени се пред 1795 година од селото Добровница; Додевци (2 к.) доселени се во 1825 година од Бања кај Ќустендил; Иљави (1 к.) доселени се во 1835 година од селото Кркља; Гањото (1 к.) доселени се околу 1838 година од Бања кај Ќустендил; Буа Марини (2 к.) и тие се од Бања кај Ќустендил; Стојчинци (1 к.) доселени се од селото Добровница; Кобанџевци (1 к.) доселени се од селото Градец; Калиманци (2 к.) доселени се околу 1848 година од селото Калиманци кај Виница; Дрдоланци (1 к.) доселени се од селото Борово; Шушњаци (2 к.) доселени се од селото Нежилово кај Кратово, околу 1855 година; Маџовци (1 к.) доселени се околу 1860 година од селото Градец; Брлијци (1 к.) доселени се околу 1886 година од селото Лозаново; Лениште (1 к.) доселени се во 1903 година од селото Борово.[14]
Општествени установи
Поглед на подрачното основно училиште „Илинден“Поглед на главната селска црква „Св. Теодор Тирон“
Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Кривопаланечка градска општина, во која покрај градот Крива Паланка, се наоѓале и селата Б’с, Варовиште, Дренак, Дрење, Дурачка Река, Киселица, Конопница, Кошари, Лозаново, Мартиница и Станци. Селото било седиште на некогашната општина Конопница во периодот 1950-1952, кога покрај него се наоѓало и селото Мартиница.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 0953 и бр. 0954 според Државната изборна комисија, кои се сместени во основното училиште.[15]
Родот Конопничани (1 к.) живее во соседното село Т’лминци; Додеви (1 к.), живеат во селото Спанчево, Кочанско; Анѓелови (5 к.), Пешови (3 к.), Младенови (2 к.) и Арсови (1 к.), живеат во селото Видовиште, Кочанско; има иселеници и во други кочански и овчеполски села.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 18 јуни 2019.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.