Во врска со името на ова село, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е етничко, префиксално и суфиксално, изведено од коренот „моч“ (мочуриште), што целосно се совпаѓа и со преданијата на подмочанци.[2]
Географија и местоположба
Сретселото со уреденото корито на потокот низ селото (познат како Маличка Река)
Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Ресен, на патот кој води од градот Ресен до селото Љубојно, а чиј атар се издига до сртот на планината Баба, каде што се допира со подрачјето на Општина Битола.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 890 метри. Од градот Ресен е оддалечено околу 10 километри.[3]
Подмочани е големо и убаво село од собран тип, чии куќи се преплетуваат со селото Грнчари. Постарите куќи се обновени, а новите се одликуваат со нивната големина и фасадна убавина. Околу куќите постојат разновидно оградени дворни места во кои се изградени стопански и други објекти (гаражи, магацини, летни кујни и др.) и парцели на зеленчукови, овошни и цветни градини. Според самата групираност на куќите може да се подели на две големи маала: Горно (лево од патот) и Долно (десно од патот за Долна Преспа).[2]
Низ атарот на селото тече поток, кај месното население познат под името Маличка Река. Во летниот период значително го намалува својот водотек, дури и пресушува.[2]
Месности во атарот на селото се следниве: Арапски Гробишта, Ајдинов Гојдарник, Ауко Корија, Бели Брегои, Бел Камен, Битолски Пат, Бугарски Пат, Бранејнца, Бакушица, Вурните, Ветривец, Горица, Грот, Горни Лозја, Голема Река, Глобок Трап, Голем Камен, Горица (над село), Горички Лозја, Глаа, Дренска Река, Дива Кобила, Димоа Осојница, Дивоно, Дрма, Долга Дрма, Ѓурѓина Чешма, Ѓупско Ливаче, Евла, Зад Горица, Златарица, Зеленоно, Извор, Јами, Јасењана, Кодро, Кумбаражица, Кусо Ритче, Кирејца, Крамозо, Разорје, Ледиње, Локмине, Лекоита Вода (Дива Колиба), Леските, Леска, Мали Грот, Магаре, Маркоа Кула, Малечка Река, Мелец, Мејданоа Бука, Магарено, Мрамор, Ококорија, Опаљ, Осој, Подмочани, Плочите, Пусто Патче, Петрина Шума, Полен, Поленски Јами, Простиот Камен, Присој, Пион, Папаркојца, Ралејца (Голема и Мала), Рајкоец, Стежон, Солишта, Садико Ливаче, Средни Рид, Стара Река, Талико Ледина, Трлишта, Три Дабојци, Улица, Цер, Цигарица, Џаџов Камен, Широка Разор, Широка Присојница, Шапот и други.[2]
Селото добило систем за наводнување во 1957 година, електрична енергија во 1959 година, телевизиски прием во 1965 година, водовод во 1967 година, асфалтен пат во 1978 година, а со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]
Нема податоци, ниту други сознанија дека селото некогаш било преместено. Се смета дека постојано било населувано со семејства од околните (поблиски и подалечни) села.[2]
Подмочани е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Во минатото во него живееле неколку албански муслимански семејства. Во ист облик на денешното име неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано е споменато во турските пописни дефтери од 1519 година.[2]
До 1912 година, Подмочани било под турска власт, а со тоа и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание учествувало активно со своја востаничка чета предводена од војводата Кочо Кочовски. Од ова село потекнува и војводата на четите од западната страна на Големото Преспанско Езеро, Јоше Глобочки. Во текот на востанието загинале 35 жители, а селото било целосно изгорено.[2]
Во Првата балканска војна (ноември 1912 г.), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна (октомври 1915 г.) под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, подмочанци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Загинале повеќе жители. Од 1916 до 1918 година, селото било засолниште за евакуираните жители на Асамати, Сливница, Наколец и Долно Дупени.[2]
По завршувањето на Првата светска војна, Подмочани повторно се нашло под српска власт. Во овој период, селото било општинско средиште со опфат на уште 9 други села (Курбиново, Претор, Асамати, Рајца, Грнчари, Долна Бела Црква, Горна Бела Црква, Козјак и Езерани).[2]
Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време, во селото имало италијанска војска, карабинери и полиција поставени на повеќе места. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Во текот на војната загинале 6 жители.[2]
Во текот на војната, селото целосно било на страната на НОАВМ. Во септември 1939 година била создадена организација на КПЈ, во 1941 година уште една организација, а во 1942 година и трета организација. Во средината на ноември 1939 година било создадено и Околиско партиско поверенство, во септември 1941 година организација на СКОЈ, во ноември 1943 година НОО, а во септември 1944 и општински НОО за целата тогашна Општина Подмочани, во септември 1944 година околиски НОО.[2]
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 12,6 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 556 хектари, шумите заземаат 488 хектари, додека пасиштата само 121 хектар.[3]
Мештаните се занимавале со полјоделство, сточарство и печалбарство. До 1960-тите години најмногу се сеело жито (пченица, ’рж, јачмен, пченка, овес и друго), се саделе градинарски култури (пипер, домати, зелка, лук, кромид, грав, компир и бостан). Повремено се одгледувал и тутун. Денес, преовладуваат овошните насади со јаболка. Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале волови, коњи, овци и кози. Денес, оваа гранка е целосно замрена.[2]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[7]
Селото е средно по големина, но со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година селото имало 726 жители, од кои 675 биле Македонци, а 40 жители Албанци. Во 1994 година бројот се намалил на 350 жители, од кои 338 Македонци и 11 Албанци.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Подмочани живееле 306 жители, од кои 302 Македонци, 2 Албанци, 1 Србин и 1 останат.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 261 жител, од кои 254 Македонци, 2 Албанци, 2 Срби и 3 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Подмочани е македонско село, во кое отсекогаш преовладувале христијанските семејства.
Истражување во 1949 година
— Стиснете на [прикажи] —
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:[14]
Албански
Доселеници:Сеитовци и Исуфовци (3 к.) и Нуровци (2 к.), доселени се од селото Куртес кај Колоња во Албанија и Ајруловци (2 к.), доселени се од селото Љораси кај Колоња.
Доселеници:Китанчевци (6 к.), доселени се одамна од селото Долна Бела Црква; Шарковци (2 к.), доселени се однекаде; Глобочанци (8 к.), доселени се од селото Глобочани во Мала Преспа, имаат роднини во Стење (Несторовци); Беличовци (7 к.), доселени се однекаде; Мајзовци (4 к.), доселени се однекаде; Кочовци (9 к.), доселени се од селото Маловиште кај Битола; Кажановци (5 к.), доселени се од селото Долна Бела Црква, подалечно потекло од Кажани кај Битола; Кромичевци (3 к.), доселени се од селото Грнчари; Фотевци (2 к.), доселени се од селото Долно Дупени; Калунџиовци (6 к.), доселени се од селото Грнчари; Златарец (1 к.), доселени се од селото Златари, таму припаѓале на родот Пупалевци; Ристевци (1 к.), доселени се од селото Нивици во егејскиот дел од Преспа; Кипревци (1 к.), доселени се од селото Долна Бела Црква; Кусаковци со Гаџовци (5 к.), доселени се од селото Курбиново; Крушаровци (3 к.) и Николовци (1 к.), доселени се од селото Долна Бела Црква; Магдевци (4 к.), доселени се од селото Грнчари; Базгаловци (3 к.), доселени се од селото Долна Бела Црква; Статевци (3 к.) и Макашовци (1 к.), доселени се од селото Грнчари; Дојчиновци (2 к.), доселени се од селото Герман во егејскиот дел од Преспа; Шушевци (8 к.), доселени се од селото Долна Бела Црква; Костовци и Ничовци (2 к.), доселени се од селото Сливница; Пеликудовци (3 к.), доселени се од селото Грнчари; Димовци (2 к.), доселени се од селото Маловиште кај Битола, ги викале Власите; Целевци и Ѓурковци (2 к.), доселени се од селото Курбиново; Милевци и Доневци (1 к.), доселени се од селото Нивици; Гербаковци (7 к.), доселени се однекаде; Оџевци (1 к.), доселени се од селото Медово во егејскиот дел од Преспа; Дериволци (1 к.), доселени се однекаде; Пере Ѓурчин (1 к.), доселени се од селото Дрмени; Кривенци (2 к.), доселени се од селото Кривени; Ѓоргијовци (1 к.), доселени се од селото Езерани; Гаџовци (1 к.), доселени се од селото Курбиново; Попчевци (1 к.), доселени се однекаде; Пашариковци (1 к.), доселени се од селото Грнчари; Камбуровци (2 к.), доселени се од селото Маловиште, потекнуваат од предок Влав; Јоневци (1 к.), доселени се од селото Грнчари; Горичанец или Трајче (1 к.), доселени се од селото Горна Горица во Мала Преспа; Бузовци или Глобочанец или Крстин (1 к.), доселени се од селото Глобочани во Мала Преспа; Тумичанец или Науме (1 к.), доселени се во 1943 година од селото Туминец во Мала Преспа; Роџевци со Стрезовци и Босилковци (3 к.), доселени се од Горно Дупени и Грнчари, по женска линија се од исто потекло; Курбинци со Трповци (3 к.) и Нелковци (1 к.), доселени се од селото Курбиново.
Понови истражувања
— Стиснете на [прикажи] —
Според истражувањата пак на Владо Јовановски, родови во селото се:
Македонски родови:Беличовци, доселени од некаде на чифлик; Базгаловци, доселени од Долна Бела Црква околу 1940 година; Бекировци, Белевци и Берибаковци, доселени; Глобочанци, доселени од Глобочани околу 1870 година; Гаџовци, доселени од Курбиново околу 1910 година; Горичани, доселени од Горна Горица околу 1935 година; Гошевци (Чичовци); Дојчиновци, доселени од Долна Бела Црква околу 1865 година; Златаровци, доселени од Златари во 1922 година; Јаневци, доселени од Грнчари околу 1900 година; Јаневци-Кривенци, доселени од Кривени; Китанчевци, доселени од Долна Бела Црква околу 1800 година; Кромичевци, доселени од Грнчари околу 1820 година; Каљунџиовци, доселени од Грнчари околу 1870 година; Кусаковци, доселени од Курбиново околу 1895 година; Крушаровци, доселени од Долна Бела Црква околу 1825 година; Камбуровци, доселени од Маловиште, заедно со Пржевци; Кипревци, доселени од Долна Бела Црква околу 1830 година; Мајзовци, доселени од некаде на чифлик; Магдевци, доселени од Грнчари околу 1908 година; Макашовци, доселени од Грнчари околу 1850 година; Мишовци-Калунџиовци, доселени од Нивици околу 1815 година; Николовци, доселени од Долна Бела Црква околу 1850 година; Наневци, доселени од Златари преку Ресен во 1922 година; Ничовци, доселени од Сливница околу 1920 година; Ночевци, доселени од Медово околу 1860 година; Нелковци, доселени од Курбиново околу 1850 година; Пржевци, доселени од Маловиште, заедно со Камбуровци; Парговци, доселени од Претор околу 1875 година; Паликудовци, доселени од Маловиште преку Курбиново и Грнчари околу 1890 година; Перо Ѓурчин, доселени од Дрмени околу 1920 година; Попчевци, Пашариковци и Поповци, доселени од Нивици околу 1920 година; Роџевци-Ристовци, доселени од Горно Дупени околу 1855 година; Статевци, доселени од Грнчари околу 1910 година; Стрезовци-Босилковци, доселени од Грнчари околу 1800 година; Тумичани, доселени од Туминец во 1943 година; Фотевци, доселени од Нивици преку Медово околу 1850 година; Филиповци, доселени; Шушевци, доселени од Охрид преку Долна Бела Црква околу 1860 година и Шарковци. Најверојатно семејствата Пржовци, Паликудовци и Камбуровци имаат влашко потекло.
Албански родови:Пашоу, доселени од Албанија околу 1850 година. До 1950 година живееле и следниве родови: Ајрули, доселени од Љуграси, Албанија; Касами, доселени од Куртес, Албанија, во 1914 година и Сеити или Исуфи, доселени од Куртес, Албанија, преку Љубојно околу 1870 година.
Општествени установи
Училишната зграда на самата граница помеѓу селата Подмочани и ГрнчариЕтнолошкиот музеј во селото
Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1920 година, во која извесен период се школувале и децата од селата Грнчари, Курбиново, Рајца, Асамати и Долна Бела Црква. Денес, селото поседува ново училиште во зградата на поранешниот задружен дом, изграден околу 1950 година. Старото училиште прераснало во Младински дом и Месна заедница.[2]
Етнолошки музеј — мал приватен музеј во домот на Јоне Ефтимовски, во кој се изложени стари народни носии, накити и украси, предмети од домаќинството и оружје
Поранешна амбуланта
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Подмочани, се наоѓале и селата Асамати, Горна Бела Црква, Грнчари, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Курбиново, Претор и Рајца. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Подмочани, во која влегувале селата Асамати, Грнчари, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1660 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 17 јуни 2020.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑ 21,021,121,2. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
↑ 22,022,122,2. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
↑. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)