Сезоната 2018-2019 за фудбалскиот клуб Јувентус била 121-та од неговото основање и дванаесетта последователна сезона во највисоката лига на италијанскиот фудбал.
Преглед на сезоната
Почетокот на летото 2018 во клубот го одбележал планот за недвижен имот, според кој бил додаден уште еден дел во J-Village, каде првиот тим од 9 јули бил префрлен да тренира од Виново во новиот Јувентус тренинг центар во Континаса.[1][2] За време на сезоната, клубот, исто така, направил значителна структурна реорганизација, така што својот мандат во клубот го завршил генералниот директор Џузепе Марота[3] и било воспоставено ново управно тело, кое меѓу другото донело и порелевантната улога за спортскиот директор Фабио Паратичи.[4][5]
На фудбалски план, летната трансфер кампања била една од највпечатливите во историјата на Јувентус. Иако се разделиле со две "икони" на клубот како што се Буфон[7] и Маркизио,[8] Јувентус се залагал и понатаму за големи промени во составот, во кој биле вклучени и заминувањата на различни протагонисти од претходните години како Лихтштајнер,[9]Асамоа[10] и Игуаин.[11] За да ги заменат овие играчи, во Јувентус дошле неколку нови засилувања меѓу кој посебно се истакнува доаѓањето на португалската суперѕвезда Кристијано Роналдо, доведен од Реал Мадрид за сума од 100 милиони евра[12][13] - еден од најскапите трансфери во историјата на фудбалот и најскапиот во историјата на италијанскиот фудбал.[14] Покрај Роналдо, во текот на летото 2018 во Торино пристигнале и голманот Перин,[15][16] португалскиот бек Жоао Кансело,[17][18] и играчот од средниот ред германецот Емре Џан,[19] додека од позајмици во црно-белиот дрес се вратиле и бекот Спинацола[20] и напаѓачот Кен[21]. За крај на летниот преоден рок како големо изненадување во Јувентус се вратил Бонучи, по скандалозното заминување од клубот само дванаесет месеци претходно, во размена по која овој пат во Милан заминал Калдара.[22][23]
На почетокот од сезоната Јувентус понудил многу добри "перформанси"; во Серија А постигнале 8 последователни победи во низа, а во Лигата на шампионите освоиле максимални 9 бода во првите три натпревари.[24][25][26] Квалификацијата во нокаут фазата од Лигата на шампионите била обезбедена на едно коло пред крајот на групната фаза, после победата на домашен терен со 1-0 над Валенсија;[27] Јувентус исто така на крајот го освоил првото место во групата пред Манчестер Јунајтед и заедно со англичаните се пласирале во осминафиналето.[28] Во исто време водачкото место во лигата никогаш не било доведено во прашање, а титулата зимски шампион била освоена со импресивни 53 бода (17 победи, 2 нерешени) и без ниту еден пораз по првиот дел од првенството[29] нешто што веќе претходно му успеало на клубот во сезоната 2011-2012 иако со значително помал број на бодови.[30]
Во јануари, клубот ја започнал својата авантура во Купот на Италија, елиминирајќи ја Болоња во осминфиналето.[31] По победата во Саудиска Арабија - по избор на Италијанската фудбалската федерација да се игра натпреварот на неутрален терен - над Милан со 1-0 во Суперкупот на Италија, бјанконерите го освоиле осмиот наслов во Суперкупот со што станале осамени рекордери (претходно со Милан имале по 7). Меѓутоа, многу брзо потоа момците на Алегри претрпеле големо разочарување откако биле поразени со 3-0 од Аталанта во Купот на Италија.[32] Во осминафиналето на Лигата на шампионите, бјанконерите ги вкрстиле копјата со шпанскиот Атлетико Мадрид, освојувач на Лигата на Европа во сезоната 2017-2018. Во првиот натпревар одигран во Мадрид, Јувентус бил целосно надигран од шпанците и загубил со 2-0; сепак во реваншот прикажуваат многу подобра и поубедлива игра и со хет-трикот на Роналдо го свртеле исходот, победа од 3-0 за пласман во четвртфиналето.[33] За тоа исто време, во првенството Јувентус нема проблеми ниту во пролетниот дел од првенството, од коло во коло ја зголемува предноста во однос на конкурентите и ја продолжувува својата серија без пораз. Сепак, само 4 дена по фантастичната победа над Атлетико и пласманот во четвртфиналето на Лигата на шампионите, клубот го доживеал првиот сезонски пораз во првенството на гостувањето кај Џенова со што била прекината серијата на натпревари без пораз која траела речиси една цела година започната на 22 април 2018 година (кога Јувентус загубил дома од Наполи).[34] Патот на клубот во Европа завршил во следниот круг, кога "аутсајдерот" каков што претставувал холандскиот Ајакс ги елиминира италијанските шампиони со победа од 2-1[35] во Торино по нерешените 1-1 во Амстердам.[36]
Веднаш по елиминацијата од Лигата на шампионите, Јувентус го освоил скудетото на 5 кола пред крајот на првенството победувајќи ја Фјорентина со 2-1 во Торино.[37] Победата над виолетовите од Фиренца го остава Наполи — единствениот соперник во оваа сезона — без математичката можност да ги стигне, завршувајќи го првенството со 11 бода предност пред соперниците од југот на Италија (90 на спрема 79).[38] На крајот на сезоната, дошло до разделба помеѓу Јувентус и тренерот Алегри,[39] кој по пет успешни години му кажал збогум на клубот. Како тренер на Јувентус, Алегри освоил 5 скудета (со кој го надминал легендарниот Карло Каркано, тренер на Јувентус во 1930-тите), 4 Купа на Италија и 2 Суперкупа на Италија.