Населбата се наоѓа на крајниот североисточен дел на Долни Полог, на територијата на Општина Јегуновце, на југоисточната падина на Шар Планина, или како што овој простор се нарекува, Подгор. Селото е ридско, на надморска височина од 720 метри. Од градот Тетово населбата е оддалечена 23 км, а од патот Тетово-Косово 1,1 км.
Историја
Во османлиските даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Калканделен од 1626 - 1627 година Беловиште е запишано како село со 47 домаќинства.[2]
Беловиште името го добило по беложолтата боја на глината што ја има на една падина над селото. Населбата е од збиен тип на куќи и со повеќе маала: Печинско, Попоско, Маркоско, Степанско, кои се меѓусебно поврзани. Над селото се наоѓа месноста Градиште со остатоци од ѕидини за кои се смета дека се од римско време.
Во XIX век, Беловиште било село во рамките на Полошката нахија во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Во 1912 година влегува во рамките на Кралството Србија, кадешто е во рамките на општина Вратница.[3]
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 13,6 км2. На него пасиштата заземаат површина од 562,1 ха, на шумите отпаѓаат 464 ха, а на обработливото земјиште 257,6 ха. Селото има мешовита земјоделска функција.[4]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Беловиште — село во Вратничката општина и има 102 куќи со 960 жители, сите Македонци.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Македонци.[8]
Беловиште е средно по големина село, населено со македонско население. Тоа, во 1961 година броело 809 жители, а во 1994 година 316 жители, македонско население.
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 311 жители, од кои 304 Македонци и 7 Срби.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 230 жители, од кои 187 Македонци, 13 Срби, 1 останат и 29 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата од 1948 година, родови во селото се:
Староседелци:Марковци (17 к.) ги викаат и Кантранџии. Имаат иселеници во Подбреѓе и во Романија (едно семејство); Поповци (34 к.) од нив потекнувале селските свештеници (Серафил, Стефан, Ѓоргија и Мисаил). Имаат иселеници во Скопје (две семејства) и во Белград (едно семејство); Степановци (24 к.) се делат на Куклеи, Љиљакои и Ѓокои. Имаат иселеници во Јанчиште, Бугарија (две семејства) и во Романија (едно семејство).
Доселеници:Пејчиновци (32 к.) потекнуваат од некое место во Албанија, доселени се како православни. Пред доселувањето во Беловиште живееле во околината на Качаник (некои мислат во селото Котлина). Имаат иселеници во Јегуновце, Брвеница, Белград (едно семејство) и во Романија (едно семејство); Шукои (3 к.) доселени се од некое село во Качаничка клисура; Гроздановци (10 к.) доселени се од селото Јелошник на Шар Планина. Таму биле староседелци; Вељановци (6 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Старо Село, таму припаѓале на истоимениот староседелски род; Душан (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Доброште; Борис (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Требош; Божин (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Јелошник; Душан (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Селце, во Средска (денес во Косово);Сане (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Жилче; Димко (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Теарце;Терзинци (1 к.) основачот на родот по мајка дошол од селото Непроштено. Роми:Реџо (1 к.) селски ковач. Доселени од соседното село Доброште.[15]
Општествени установи
Самоуправа и политика
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 2127 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на здравствен дом.[16]
Црква „Св. Богородица“ - Беловиште -изградена е во почетокот на XX век на местото каде дотогаш постоела мала истоимена црквичка. Оваа црква има најубав живопис од сите цркви во горни Полог. Зографи биле Гавро и Страте од Осој мијачко.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑Српски етнографски зборник (српски) (90-91. изд.). Српска академија наука и уметности. 1976.