Селото се наоѓа на крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Гостивар, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кичево.[2] Селото е планинско, сместено на просечна надморска височина од 920 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 21 километар.[2]
До селото води локален асфалтен пат, кој се издвојува од регионалниот пат 2231, кој всушност и завршува како асфалтиран пат во близина на селото.
Селото е планинско, се наоѓа на падините на планината Буковиќ. Околни села се Железна Река, Ќафа и Србиново. Водата за пиење до 1947 година се добивала од извори и од чешми. Тие се наоѓаат во самото село и во неговиот атар и се нарекуваат: Крој Китанит (Китанов Извор), Крој Мулини, Ѓура, Крој Салакут, Крој Печас, Крој Кокс, Крој Авмети, Крој Муаремит и други.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Краста, Мљак, Солиште, Ливаде Поројит, Мерешница, Кодра Мал, Гарванец, Село, Ара Алис, Марка Ливад (Маркова Ливада), Ара Појел, Фтосајна и Воре (Гробље).[3]
Падалиште зазема површина, која е поделена со долини, поради што маала и групи од по неколку куќи се наоѓаат на издвоени падини. Постојат четири главни маала: Граванец, Мерешница, Маала Ме Дисме (Средно Маало) и Маала Поштр (Долно Маало). Куќите во маалата не се групирани.[3]
Историја
Падалиште најпрвин било православно македонско село, што може да се заклучи по остатоци на црква, по името на селото, по некои топоними и по македонските иселени родови.[3]
Црквата се наоѓала под селото, а до 1947 година од нејзе се гледале рушевини. Македонците започнале да се иселуваат од селото под притисок на доселените Албанци и тоа го правеле во периодот на 1830-тите години. Најпрвин, Албанците го обесиле селскиот христијански кмет на мост, поради што останатите македонски родови се разбегале.[3]
Додека во селото имало Македонци, еден дел од атарот припаднал на пашите од родот Дерала, кои живееле во Тетово (Мемет-паша и други). Нивен бил и некогашниот падалишки ан. Подоцна, тоа земјиште пашите им го отстапиле на доселените Албанци.[3]
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 16,9 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.089 хектари, на пасиштата отпаѓаат 338 хектари, а на обработливото земјиште 213 хектари.[2]
Врз основа на составот на атарот селото Падалиште има мешовита земјоделска функција.[2]
Селото поседува своја железничка станица на линијата Гостивар-Кичево, а во негова близина се наоѓа и најдолгиот тунел во Македонија.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 600 Албанци.[5]
Падалиште преминало од средно во големо село, населено само со албанско население. Така, селото во 1961 година броело 881 жител, а во 1994 година бројот се зголемил на 958 жители.[2]
Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Падалиште, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[б 1]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 721 жител, од кои 717 Албанци, 1 Турчин и 3 останати.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 287 жители, од кои 251 Албанец, 2 Бошњаци и 34 лица без податоци.[7]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Падалиште е албанско село, а во него има мал број на исламизирани и албанизирани Македонци.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
Исламизирани и албанизирани Македонци:Марковци (14 к.), староседелци со старо презиме Токљевци, се делат на Џеловци и Незировци. Нивните куќи се наоѓаат во Средно Маало и Владовци (12 к.), староседелци, не се знае кога преминале на ислам. Нивните куќи се наоѓаат во Мерешница.
Муслимански Албанци:Муратовци (12 к.), по потекло од Љума, се доселиле во времето на тетовските паши, најпрвин биле во некое село во Полог, а потоа дошле тука на земјиште кое го добиле од пашите. Живеат во Мерешница; Али Маркут (17 к.), доселени од областа Матија во Албанија како католици. Основачот на родот се викал Алија Марк, предок од четврто колено (Ибиш жив со 60 години во 1947 година, Асип-Бајрам-Мустафа-Алија Марк). Откако дошол во Падалиште, основачот на родот преминал на ислам. За нив исто се говорело дека долги години го одржувале и христијанството во тајност; Гравенец (26 к.), по потекло од Љума од каде се иселиле околу 1830-тите (Сулејман жив на 50 години во 1947 година, Бешир-Суљо-Гафо, еден од доселените предци), куќите им се во истоименото маало; Вајља (7 к.), по потекло од Љума, имаат истоимени роднини во скопското село Дејковец, исто биле католици. Куќите им се во Долното Маало, а нивниот родослов е Метуш (жив на 50 години во 1947 година)-Касам-Исен-Исен Вајља, кој се доселил; Дановци (5 к.), имаат исто потекло како Муратовци, живеат во маалото Мерешница. Во селото дошле кон средината на XIX век: Зенун (жив на 30 години во 1947 година)-Идриз-Ајрула-Рамадан, основач на родот. Родовското име е изведено од Рамадан; Бајрам Османовци (2 к.), исто потекло како Дановци, куќите им се во Мерешница; Коковци (4 к.), по потекло од селото Реч во Љура, живеат во Средно Маало и Али Мурат (3 к.), по потекло од Албанија, живеат во Долно Маало.
Иселеништво
Од иселените Македонци денес се знае за следните: Сталевци (11 к.), Китановци (4 к.) и Дабевци (3 к.), иселени се во селото Железна Река. Иселени Македонци од Падалиште има и во Тумчевиште и Тетово. А исто така и во селото Бражогрнце кај Заечар (Србија). По потекло од Падалиште бил и македонскиот род Чупчеи (7 к.) во Горна Бањица, кои подоцна преминале на ислам и денес веќе говорат турски наместо македонски.[3]
Од Албанците се знае за следните иселеници: Селим (1 к.), иселени во селото Долна Бањица и Османовци (3 к.), живеат во Милетино.[3]
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Србиново, во која покрај Падалиште се наоѓале Железна Река, Куново, Србиново, Страјане, Трново и Ќафа. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во тогашната општина Падалиште во која влегувале селата Ќафа, Железна Река и Падалиште.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0524 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]
↑ 2,02,12,22,32,4Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 123.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 јули 2023.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.