Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Гостивар, во долината на реката Лакавица.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 540 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 14 километри.[2]
Селото се наоѓа во долината на истоимената река. Водата за пиење во минатото се добивала од бунари. На атарот на селото се наоѓаат повеќе извори, кои мештаните ги користеле за пиење и за наводнување. Тоа биле: Фтасије, Гурас, Кошања, Бакључ и Шарена Вода.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Дракница, Фјериште, Кошари, Брекнијова, Лаче, Капикор, Рапе, Ограде, Теферич, Марко Дол и Бузав Дол.[3]
Лакавица е типична селска населба од збиен тип и има издолжен облик, при што куќите се наредени покрај реката на нејзиниот лев брег. Поделено е на четири маала, кои од југ на север се наречени Пире, Курте, Авдије и Дише.[3]
Историја
Лакавица најпрвин била населена со православно македонско население. Старото село се наоѓало 15-20 минути пеш над денешното село, но тоа старо македонско село било уништено. Не се знае што се случило со старото население, ниту каде се иселило. На местото каде се наоѓала старата Лакавица, на патот за соседното Митрој Крсти, се познаваат слаби остатоци од куќи, цркви, гробови и постои една „ајазма“ (извор). Македонците од Куново кога оделе за Митрој Крсти палеле свеќи кај ова црквиште.[3]
По раселувањето на старото село, неговото земјиште било присвоено од тетовските паши. Подоцна, тоа земјиште било подарено на муслиманските Албанци кои се населувале од областа Мат и Дебарска Малесија. На тој начин селото повторно се обновило, овојпат со муслиманско албанско население. Доселувањето на Албанците се случило во втората половина на XVIII век. Истовремено се доселиле предците на родовите Пире, Курте, Авдије и Дише, кои основале и свои маала.[3]
По друго кажување, и денешното село било населено со православно македонско население, а последни мештани од тоа село биле Гего и Синадин. Тие еднаш се враќале од Цариград и тогаш го затекнале селото како целосно муслиманско. Поради тоа, и тие го примиле исламот и од нив се намножиле родовите Геговци и Синадиновци. Ова кажување е произволно, но за Геговци дека се албанизирани Македонци слушал и П. Јовановиќ.[3]
Атарот на селото зафаќа простор од 12,5 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.039 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 176 хектари, а на пасиштата само 9 хектари.[2]
Врз основа на составот на атарот селото Лакавица има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат услужни објекти.[2]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Лакавица било село во Големотурчанската општина во Горнополошкиот срез и имало 120 куќи со 546 жители Албанци.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 500 Албанци.[7]
Лакавица е големо село, со нешто зголемен популациски биланс. Така, тоа во 1961 година броело 839 жители, од кои 822 биле Албанци, 6 Македонци, 1 Турчин и 6 жители муслимани и неопределени, а во 1994 година бројот се зголемил на 914 жители, албанско население.[2]
Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Лакавица, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[б 1]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 994 жители, од кои 990 Албанци и 4 останати.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 522 жители, од кои 507 Албанци, 1 Србин и 14 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Лакавица е албанско село. Целото население е доселено.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:
Родови со албанско потекло:Пире (4 к.), доселени се според првото предание од Матија во северна Албанија. А според другото од Булчиза во долен Дебар. Една нивна гранка околу 1850-тите години заминала во Чегране; Курте (22 к.), исто предание како и претходниот род; Авдије (11 к.), се исто како и претходните два рода, името го добиле по основачот на родот. Го знаат својот родослов Асан (23 години во 1947 година)-Ариф-Асан-Азир-Емин-Сали-Авди; Дише (21 к.), исто како и претходните родови, една нивна гранка исто заминала во Чегране; Шере (7 к.) и Али Беге (4 к.), доселени се од дебарска Малесија, потекнуваат од два браќа; Леза (7 к.) и Ќосе (4 к.), исто потекло како и претходните два рода; Бачалар (6 к.) и Касалар (2 к.), доселени се од некое место во северна Албанија; Азем (1 к.) доселени се од селото Орќуше. Таму припаѓале на родот Алил Лок; Гарип (1 к.), доселени се од селото Балин Дол и Иљаз (1 к.), доселени се од селото Врапчиште.
Родови со торбешко потекло:Реџеп (1 к.), доселени се од селото Вруток, припаѓале на родот Џаферовци. Таму се доселиле од некое село во дебарски Дримкол. Најстариот предок во овој род зборел македонски.
Иселеништво
Се знае за иселениот род Пајлулар (7 к.), кои сега живеат во селото Пирок.[3]
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Бањица, во која покрај Лакавица се наоѓале Беловиште, Горна Бањица, Горна Ѓоновица, Долна Бањица, Долна Ѓоновица, Митрои Крсти, Симница, Сретково, Сушица и Церово. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во тогашната општина Беловиште во која влегувале селата Беловиште, Куново и Лакавица.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0520 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Куново.[14]
Лакавица — река низ селото, десна притока на Вардар
Личности
Родени во или по потекло од Лакавица
Ферид Мурад (14 септември 1936) — американски физиотерапевт и фармаколог, добитник на Нобелова награда за медицина во 1998. Неговиот татко е од Лакавица[19]
↑ 2,02,12,22,32,4Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 102.
↑Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 25.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 јули 2023.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.