Селото се наоѓа во источниот дел од Општина Кавадарци, во областа Витачево, во изворишното подрачје на реката Луда Мара.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 750 метри. Од градот Кавадарци е оддалечено 18 километри.[2]
Има голем атар, кој зафаќа површина од 27,4 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.762 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 700 хектари.[2]
Селото се наоѓа на ниска тераса, веднаш под Витачево. Селото било христијанско и од збиен тип. Било поделено по родови на пет маала: Узуновско Маало, Камчевско Маало, Милошовско Маало, Богевско Маало и Брајовско Маало.[3]
Историја
Подрачјето на Страгово е населено уште од доцната антика, за што сведочи наоѓалиштето Падарница на 2 км источно од селото.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[7]
Страгово во 1961 година било средно село по големина со 469 жители. Во 1994 година бројот се намалил на само 55 жители, од кои 52 биле Македонци и 3 жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Страгово имало 22 жители, од кои 21 Македонец и 1 Србин.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 9 жители, од кои 2 Македонци и 7 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Доселеници:Мантевци (2 к.) доселени се околу 1860 година од селото Горни Дисан; Танчевци (1 к.) доселени се околу 1860 година од селото Криволак; Ѓорѓовци (1 к.) доселени се околу 1865 година од селото Драчевица; Терзијовци (3 к.) доселени се околу 1865 година од селото Вешје; Ѓоровци (2 к.) доселени се околу 1870 година од селото Конопиште; Баровци (2 к.) доселени се околу 1870 година од селото Барово; Деловци (3 к.) доселени се од селото Барово; Криволачки (1 к.) доселени се околу 1875 година од селото Криволак; Анѓелевци (2 к.) доселени се во 1880 година од селото Ума кај Гевгелија; Крстевци (1 к.) доселени се во 1884 година од селото Бунарче; Витановци (3 к.) доселени се од селото Бунарче во 1890 година; Дрчевци-Габеровци (1 к.) доселени се во 1890 година од селото Чемерско, а таму од Драчевица. Уште подалечно потекло од раселеното село Ракета; Ѓоревци-Власи (1 к.) доселени се во 1895 година од селото Стрмашево. Таму се доселени од влашкото село Ливадија кај Воден; Камчевци (1 к.) доселени се во 1895 година од селото Долна Бошава; Стојановци (1 к.) доселени се во 1896 година од селото Чемерско; Јанчевци (2 к.) доселени се во 1896 година од селото Чемерско; Мановци (1 к.) доселени се во 1896 година од селото Долна Бошава, а таму од селото Бешиште во Мариово; Трпковци (1 к.) доселени се во 1900 година од селото Бунарче; Костадиновци (1 к.) доселени се во 1900 година од Битолско; Николовци (2 к.) доселени се во 1902 година од селото Горна Бошава, а таму од селото Градиште; Меловци (1 к.) доселени се во 1902 година од селото Горна Бошава, а таму од селото Мрежичко; Сурџијовци (4 к.) доселени се во 1904 година од селото Чемерско; Аџијовци (2 к.) доселени се во 1913 година од селото Стрмашево; Ташковци (2 к.), Топлевци (1 к.), Ѓауровци (1 к.), Јанковци (2 к.) и Ачковци (1 к.) доселени се во 1917 година од селото Бојанчиште. А таму во 1916 се доселени од селото Зборско во Меглен; Турски-Цигани (1 к.) се доселил Алија во 1904 година од селото Ваташа.
Самоуправа и политика
Панорама на селото
Селото влегува во рамките на Општина Кавадарци, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната општина, Конопиште. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Конопиште.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Крњево, во која влегувале селата Барово, Горна Бошава, Долна Бошава, Крњево, Страгово и Стрмашево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Крњево, во која покрај селото Страгово се наоѓале селата Барово, Бохула, Бунарче, Горна Бошава, Долна Бошава, Конопиште, Крњево, Радња, Стрмашево и Чемерско.
Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Конопиште.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци.
Избирачко место
Селото е опфатено во склоп на избирачкото место бр. 0709 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Страгово и Бунарче, кое е сместено во зграда на општината, поранешни простории на месната заедница во село Крњево.[14]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 јануари 2018.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.