Владиловци

Владиловци

Воздушен поглед на селото

Владиловци во рамките на Македонија
Владиловци
Местоположба на Владиловци во Македонија
Владиловци на карта

Карта

Координати 41°31′05″N 21°44′25″E / 41.51806°N 21.74028°E / 41.51806; 21.74028
Регион  Вардарски
Општина  Чашка
Област Клепа
Население 47 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1414
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29011
Надм. вис. 679 м
Владиловци на општинската карта

Атарот на Владиловци во рамките на општината
Владиловци на Ризницата

Владиловци — село во областа Клепа, во Општина Чашка, во околината на градот Велес. Понекогаш селото е сметано дека е дел од областа Азот.

Географија и местоположба

Поглед на селото

Селото се наоѓа во областа Клепа, во југозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна, чиј атар, на тесен дел, се допира со подрачјето на Општина Прилеп.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 460 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 30 километри, а од планираниот регионален пат Велес-Прилеп три километри.[2] Селото е оддалечено 21 километар јужно од општинскиот центар Чашка.

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1312 кај историското село Јасеново.

Куќите на селото се наоѓаат на падината на гребенот Јасенова Глава (висок 1.100 м.), кој е граница помеѓу областа на Бабуна на запад и тиквешката област на исток. Околни села се Извор, Смиловци и Крајници. Во минатото, водата за пиење доаѓала од извори и бунари.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Руен, Марково Кале, Панаѓуриште, Камила, Белутрак, Изворски Врв, Нункова Поројница, Белева Падина, Изворски Кладенец, Длаги Рид, Крнински Чешми, Маркова Воденица, Раздолици, Локва, Трапје, Рамништа, Коритник, Шамак, Шумајци, Стара Црква, Чафки-ан, Старо Владиловци и други.[3]

Селото има разбиен тип. Роднинските куќи се блиску една до друга и се групирани. Такви групи куќи се Зеленгоровска, Долевска, Богоевска и Китаноска.[3]

Историја

Улица во селото Владиловци

Селото најпрвин се наоѓало посеверно од денешната местоположба на месноста наречена Старо Владиловци. Таму се наоѓа и месноста Стара Црква. Не се знае кога и поради што мештаните преминале на денешната местоположба. На месноста Старо Владиловци има видливи остатоци на гробови.[3]

На 24 февруари 1907 година, тиквешкиот војвода на ВМОРО Карел Хошек заедно со прилепски чети опкружуваат српска чета од 80 души крај селото Владиловци. Во таа битка против четите на српската пропаганда загинува Антон Чехот заедно со двајца негови четници.[4]

Чифлигот го посед на Усеин-бег од Велес го купила турската власт и во 1908 година населиле босански мухаџири: во Владиловци се населиле 12, а во Јасеново 60 домаќинства. Тука останале до 1912 година.[3]

На 6 ноември 1910 година во битка против турските војски крај селото Владиловци загинува војвода Никола, деец на ВМОРО.[5]

Стопанство

Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 25,8 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.143,9 хектари, на шумите отпаѓаат 627,9 хектари, а на обработливото земјиште 612,4 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита функција.[2]

Населението најмногу одгледува тутун, домати, пиперки, грав и компири. Исто така, населението се занимава и со собирање шумски плодови. Покрај полјоделство, жителите чуваат крупен и ситен добиток, како и живина. Најзастапени се говедата, овците и козите.[6]

Пред крајот на отоманската власт, во Владиловци и во соседното (денес историско) село Јасеново постоеле чифлици. Сопственик на тие чифлици бил Усеин-бег од Велес.[3]

На месноста Панаѓуриште (3 километри западно од селото) во минатото се продавала стока од неколку околни села.[3]

Еден дел од атарот на селото по Втората светска војна припаднал на земјоделската задруга од Извор.[3]

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948401—    
1953458+14.2%
1961408−10.9%
1971233−42.9%
1981135−42.1%
ГодинаНас.±%
199176−43.7%
199459−22.4%
200277+30.5%
202147−39.0%
Народна носија од областа Азот

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Владиловци живееле 500 жители, сите Македонци.[7]

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Владиловци имало 680 жители.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[9]

Од Владиловци се иселил мошне голем број од населението. Така, во 1961 година, селото броело 408 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на само 59 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Владиловци живееле 77 жители, сите Македонци.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 47 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 500 680 401 458 408 233 135 76 59 77 47
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

Владиловци е македонско село, а населението се дели на староседелци и на доселеници.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1965 година, родови во селото се:

  • Староседелски родови се: Богевци (12 к.), Влчевци (4 к.), Симоновци (3 к.), Китановски (5 к.), Грујовци (1 к.) и Ангелковци (3 к.); и
  • Доселенички родови се: Долевци (5 к.), се доселени од некаде; Зеленгоровци (6 к.), се доселиле од соседното сега раселено село Јасеново; Крнинци (2 к.), дошле после Првата светска војна од соседното село Крнино; Богомилци (2 к.), дошле во 1919 година од Богомила каде припаѓале на родот Нацевски; Орешанци (11 к.) дошле од Ореше во 1951 година на купена земја и Љубе Србин (1 к.), по потекло од некое село во околината на Сурдулица, кој дошол кај негов роднина кој бил општински намесник во Владиловци по Првата светска војна.

Иселеништво

Од Владиловци имало повеќе бранови на иселувања. Еден бран се случил по заминувањето на Турците, кога на разни страни отишле повеќе домаќинства во Србија и во Бугарија. Меѓутоа, поголеми иселувања имало по Втората светска војна, кога од селото заминале околу 24 домаќинства, најмногу во Скопје (16 к.), Велес (6 к.) и Прилеп (4 к.). Во иселувањето учествувале сите постари и понови родови, а имало и целосно иселени родови, како што се: Крстевци, Дановци и Леовци. Дановци биле староседелски род. Леовци се доселиле од Јасеново, а нивните роднини Митревци (10 к.) сега живеат во соседното село Извор. Во Стари Град живее родот Ѓајлевци (1 к.), кои се гранка на родот Долевци.[3]

Општествени установи

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Извор.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Извор.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Извор, во која покрај селото Владиловци, се наоѓале и селата Долно Врановци, Извор, Крњино, Мартолци, Поменово, Попадија, Смилевиќ, Стари Град и Степанци. Во периодот 1950-1952 година, селото Владиловци било седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Владиловци, Крнино и Попадија.

Избирачко место

Во селото постои избирачко место бр. 2244 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селски објект, во кое влегуваат и населените места Крнино, Поменово, Попадија, Смиловци и Степанци.[15]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 49 гласачи.[16] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 46 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 45 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта[19]
  • Јасеново — некропола од римско време; и
  • Стара Црква — населба и некропола од доцноантичко време и средновековна црква со некропола.
Цркви[20]
Манастири
Реки[6]

Личности

Родени во Владиловци
Починати во Владиловци

Галерија

Панорами од селото

Поврзано

Наводи

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 55. Посетено на 11 август 2018.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1977). Област Бабуне и Тополке. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 211-212.
  4. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 178.
  5. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник. София, 2001, стр. 116.
  6. 6,0 6,1 „Саем на здрава храна“. Општина Чашка. Архивирано од изворникот на 2021-03-07. Посетено на 11 август 2018.
  7. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 158.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 11 август 2018.
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 11 август 2018.
  16. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2021-03-04. Посетено на 11 август 2018.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 17 јули 2025.
  19. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 62. ISBN 9989-649-28-6.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya