СпанчевоОваа статија се однесува на село во Кочанско. За селото во Егејска Македонија, погл. Спанчово.
Спанчево — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани. Географија и местоположба![]() Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во северниот дел на Општина Чешиново-Облешево, во средното сливно подрачје на реката Брегалница.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 350 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 16 километри.[2] До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2342 пред самото село Спанчево. До селото може да се дојде и преку новиот експресен пат Штип-Кочани на А3, преку двоење кај истоимената клучка. Селото се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини, сместено помеѓу Соколарци на југозапад и Бања на североисток. Јужно од Спанчево се протега плодна низина, додека северно од него е планинска падина, која се користи како паша. Во минатото, мештаните водата за пиење ја добивале од една чешма, додека во поново време е спроведена вода од пет селски чешми.[3] Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Селиште, Батулица, Бресје, Средни Пат, Прогон, Горно Поле, Кривини, Еѓупка, Долно Поле, Катар, Назирица, Заимица, Сенаница, Црн Врв, Света Петка, Штитово, Божурнак, Крутиница, Кравутово, Турски Рид, Градиште, Царева Глава, Свети Атанас, Ѓенов Рид, Средобрдица и Бел Камен.[3] Селото има збиен тип, чии поединечни делови се наречени по родовите како Драјчевци, Голомевци, Ризовци, Ивковци и други.[3] Историја![]() Во селото постојат праисториски старини, пронајдени на месноста Петков Дол, која се наоѓа 1,5 километри северно од селото. Таму, во нивите, покрај римски материјал, биле пронајдени и фрагменти од праисториски старини. А покрај патот Спанчево-Бања, на Спанчевска Река биле пронајдени гробови. Во еден од тие гробови имало бисери, карактеристички за халштатски тип.[3] Во текот на 2007 година, во близината на селото, при вршење на земјоделски работи биле пронајдени повеќе женски фигурини кои потекнуваат од бакарното време, што ги поттикнало археолозите да започнат со сондажни истражувања. За истражувањата одобрени биле средства од Министерството за култура. Откриени се праисториски алатки изработени од коска и камен, накит од школки, фигури со антропоморфни и зооморфни одлики, керамика со врежување на разни фигури, како и рогови од крави и елени. Од истражениот простор може да се заклучи дека луѓето го користеле како праисториско светилиште во периодот на бакарното време, односно во четвртиот милениум пред нашата ера.[4] Други старини на атарот на Спанчево има од античкиот период, кои се сретнуваат на месностите Градиште и Браница, како и на месноста Петков Дол. Таму биле пронаоѓани фрагменти на керамика и питоси.[3] На ритчето кај црквата „Св. Атанасиј“, се наоѓа енеолитска населба, од периодот 4000 години пр.н.е. Уште при првите ископувања, откриен е објект во кој се извршувале верски обреди и пронајдени се многу предмети од керамика.[5] Таму, до 1912 година турската војска имала шатори и до таа година на површината се познавале ѕидови високи 1 метар.[3] Месноста Селиште се наоѓа под селото, каде денес е училиштето. При неговата изградба во 1935 година биле откопани стари гробови и земјени водоводни цевки.[3] За селото не се знае од кога потекнува и само родот Ризовци тврди дека е доста стар, додека останатите родови се доселени најмногу во втората половина на XVIII и во XIX век.[3] Околу 1900 година, во селото имало 48 македонски куќи.[3] Во 1904 година, селото настрадало во Пехчевскиот земјотрес, при што се срушиле куќи и загинале некои мештани.[6] Стопанство![]() Атарот на селото зафаќа простор од 17,6 километри квадратни. На него преовладуваат пасиштата на површина од 785 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 484 хектари, додека шумско земјиште нема.[2] Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него има услужни објекти, лупилница за ориз и ископ за рудникот за неметали „Опалит“.[2] Во отоманскиот период, целата земја во атарот припаѓала на чифликсајбиите, кои биле повеќе. Јаја-ефенди од Кратово имал околу 900 декари земја, додека тие од Кочани биле Дурак-бег, Риза-ефенди, Мазар-бег (Албанец) и Лиман-ефенди. Чифлици имале и двајца браќа од Битола, Куртиш-бег и Зенел-бег, како и некои муслимани од Приштина и Призрен. Од 1900 до 1912 година скоро целата земја била откупена. Месностите Назирица, Заимица и уште некои други носат имиња по некои од сопствениците на чифлиците.[3] Во Спанчево, во социјалистичкиот период постоела мала, но напредна земјоделска задруга, која имала 15 хектари винови лози, околу 400 овци и разни земјоделски машини.[3] Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Спанчево живееле 760 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Спанчево имало 608 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8] Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци и 25 до 50 Власи.[9] Селото е големо и населено со македонско население. Тоа, во 1961 година броело 1.209 жители, додека во 1994 година имало 1.061 жител.[2] Според пописот од 2002 година, селото имало 1.048 жители, сите Македонци.[10] Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 852 жители, од кои 832 Македонци, 1 Албанец, 1 останат и 18 лица без податоци.[11] Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
РодовиСпанчево е македонско православно село.[3] Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:
ИселеништвоМакедонски иселеници од Спанчево има во кочанските села: Облешево (Максимови, 5 к., Дончеви, 2 к. и Текови, 1 к.), Прибачево (Димитријови, 4 к. и Новаци, 2 к.), Чифлик (Шоневи, 3 к. и Јаќимови, 1 к.), Лешки (Ефтимови, 3 к.) и во Оризари (Спанчевци, 1 к.). Надвор од кочанските села, иселеници има во овчеполското село Дорфулија (Спанчевци, 3 к.) и во велешкото село Горно Оризари (Петрови, 1 к.).[3] До 1933 година, во селото имало 4 влашки домаќинства, кои припаѓале на родот Костови, кои се преселиле во Романија.[3] Општествени установи
Самоуправа и политикаНа крајот од XIX век, Спанчево било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство. Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Облешево. Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево. Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облешево, во која покрај селото Спанчево се наоѓале селата Бања, Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци, Облешево, Тркање и Чифлик. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Облешево, во која влегувале селата Бања, Облешево, Спанчево и Чифлик. Избирачко местоВо селото постои избирачкото место бр. 0887 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница.[16] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 823 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 826 гласачи.[18] Културни и природни знаменитости![]()
Редовни настани
Личности
Галерија
ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia