Селото се наоѓа во крајниот северен дел на територијата на Општина Демир Хисар, недалеку од патот Демир Хисар-Крушево. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 730 метри.[3]
Атарот на селото зафаќа простор од 12,1 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 820 хектари, на пасиштата отпаѓаат 184 хектари, а на обработливото земјиште 175 хектари.[3]
Селото се споменува во отоманските документи од 1639 година (помеѓу 2 и 11 јули), во една гаранција за заем, каде што е запишано дека жителите од село Кочиште - Демирхисарско, зеле 5.700 акчиња на заем од лицето познато како Базирѓан-заде. Како гарант се јавува Али, субашија.[4]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Кочишта се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 19 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[8]
Кочиште е мало село, кое во 1961 година броело 274 жители, а во 1994 година бројот се намалил само на 45 жители македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 38 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Кочиште е македонско село, а во минатото имало и Албанци во селото.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1951 година родови во селото:[14]
Староседелци:Златановци или Најдовци (3 к.), Ристевци (1 к.), Трајчевци (2 к.) и Сиљановци (1 к.). Трајчевци пред 1903 година избегале во Растојца, па се вратиле. И Сиљановци избегале во Крушево, па се вратиле.
Доселеници:Јанкуловци (2 к.), Јоновци (5 к.) и Стевановци (1 к.), доселени се од селото Радово, Јанкуловци од османлиско време живее во селото, а останатите два рода се доселени после пропаста на Османлиите; Гроздановци (2 к.), доселени се во 1933 година од Крушево; Спасеновци (2 к.), Никодиновци (2 к.), Илијовци (9 к.), Јанкуловци (2 к.), Крстевци (2 к.) и Малци (1 к.), доселени се во 1914 и 1915 година од селото Зашле, таму имаат роднини; Шабан (1 к.), името го добиле по прекар. Доселени се преку Зашле од селото Брезово, таму припаѓале на родот Гаревци; Димовци или Вељановци (1 к.) и Митрушковци (2 к.), доселени се во 1914 и 1915 година од селото Растојца, таму имаат роднини; Петковци (1 к.) и Грујовци (4 к.), доселени се од селото Долно Дивјаци во 1915 година, таму имаат роднини; Петревци (1 к.), доселени се во 1916 година од селото Горно Дивјаци; Кузмановци (2 к.), доселени се во 1918 година од селото Слоештица.
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на Општина Демир Хисар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Долно Дивјаци, во која покрај селото Кочиште, се наоѓале и селата Арилево, Горно Дивјаци, Долно Дивјаци, Зашле и Пуста Река. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Растојца, во која влегувале селата Зашле, Кочиште, Ново Село, Растојца, Радово и Ракитница.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 639 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[15]
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.