Елиф Елмас
Елиф Елмас (р. на 27 септември 1999, во Скопје) — македонски фудбалер, играч од средниот ред на Торино и на македонската репрезентација. Неговиот прекар е дијамант, поради значењето на неговото презиме преведно од турски.[1][2] БиографијаЕлмас е роден во Скопје, од родители со турско потекло, а израснал во скопската населба Чаир.[2][3] Неговиот татко Џеват бил сопственик на слаткарница, каде во раните години му помагал и самиот Елиф.[2] Својата фудбалска кариера ја започнал во фудбалската школа Форца од каде потоа се преселил во Работнички каде станал професионален фудбалер.[4] Во јули 2017, селекторот на турската репрезентација Фатих Терим се обидел да го наговори Елмас да игра за Турција, но тој одлучил да ја претставува земјата во која е роден.[5] Технички карактеристикиЕлмас е играч од средниот ред, кој може да игра на сите напаѓачки позиции во тој дел од теренот, како офанзивен играч од средниот ред или на двете крила, иако најмногу ја претпочита улогата лево крило.[6][7] Опремен со одлична техника,[6] контрола над топката, агилност и креативност, тој е многу добар и во уфрлувањата од втора позиција и во фазата на одбрана.[6] Располага со добар удар од далечина, главно со десната нога, но може исто така подеднакво добро да се служи и со левата.[7] Клупска кариераРаботничкиДебитирал за првиот тим на Работнички на 30 септември 2015 на возраст од 16 години и 3 дена, во победата со 4-0 на гостувањето против Гостивар во Купот на Македонија.[8] Неколку дена подоцна, на 4 октомври 2015 дебитирал во Првата лига на Македонија во победата со 2-0 на домашен терен над Металург Скопје. На 10 април 2016, го постигнал својот прв погодок во кариерата за романтичарите во победата со 2-0 над Хоризонт Турново на домашен терен. Својата прва сезона во дресот на Работнички ја завршил со 11 настапи и 1 гол. Следната сезона, Елмас бил редовен стартер и клучен играч за Работнички. На 28 јуни 2016, дебитирал во европските купови, во натпреварот од првото квалификациско коло за УЕФА Лигата на Европа против Будуќност Подгорица во Скопје; натпреварот завршил 1-1, а токму Елмас 18 минути по влегувањето во игра од клупата го постигнал израмнувачкиот гол за својот тим. На отворањето на новата сезона во македонското првенство, Елмас постигнал два гола и забележал асистенција во убедливата победа со 4-0 на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров. Одличната форма ја одржувал во текот на целата сезона 2016-2017, која ја завршил со 33 натпревари во првенството на кои постигнал 6 гола и имал 7 асистенции. Одличните игри во сезоната му ја донеле наградата за Млад играч на годината,[9] пред Јани Атанасов од Академија Пандев и Енес Фазлагиќ од Шкендија.[10] Елмас го напуштил Работнички во летото 2017, после 51 настап и 9 гола за клубот. ФенербахчеНа 28 јули 2017, Елмас потпишал петгодишен договор со турскиот гигант Фенербахче.[11] Веднаш потоа, турскиот клуб објавил дека за трансферот на играчот на Работнички му биле исплатени 180.000 евра и дека Елмас ќе го носи дресот со број 21.[12] Своето деби за Фенербахче го направил на 28 јануари 2018, во ремито 1-1 на гостувањето кај Трабзонспор влегувајќи во игра од клупата за резерви на местото на Хасан Али Калдирим во 64-тата минута.[13] Својата прва сезона во клубот ја завршил со 5 настапи во лигата и 2 во купот, без постигнат гол. На почетокот на сезоната 2018-2019, Елмас го имал своето деби во Лигата на шампионите, играјќи ги комплетните 90 минути во поразот со 1-0 од Бенфика на 7 август 2018 во третото квалификациско коло од елитното европско натпреварување. Својот прв гол за Фенер го постигнал на 16 септември 2018, во победата со 1-0 на гостувањето кај Конијаспор, откако само 6 минути претходно влегол во игра од клупата за резерви.[14] На 14 април 2019, Елмас постигнал гол во интерконтиненталното дерби против најголемиот соперник на Фенербахче, Галатасарај, во натпревар што завршил 1-1. Наполи![]() На 24 јули 2019 година, Елмас се преселил во италијанскиот Наполи за обесштетување од 16 милиони евра плус бонуси, потпишувајќи петогодишен договор со партенопеите.[15] Своето деби за клубот го направил на 24 август во победата со 4-3 на гостувањето кај Фјорентина, влегувајќи во игра од клупата за резерви на местото на Алан во 72-рата минута од натпреварот.[16] На 17 септември тој го направил своето деби во Лигата на шампионите во победата на домашен терен со 2-0 против Ливерпул во групната фаза (претходно тој играл само во квалификациите за елитното европско натпреварување).[17] На 3 февруари 2020 година, тој го постигнал својот прв гол со дресот на Наполи на гостувањето против Сампдорија во натпреварот кој завршил 2-4 за „светлосините“.[18] Набргу по враќањето на клупскиот фудбал на терените по паузата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, Елмас го освоил својот прв трофеј со Наполи, победувајќи во Купот на Италија откако во финалето тие го совладале Јувентус по изведување на пенали со 4-2. Својата прва сезона во Италија ја завршил со 36 настапи во сите натпреварувања и еден постигнат гол. За време на својата втора сезона, Елмас го постигнал својот втор гол во дресот на Наполи во победата со 6-0 на домашен терен над Џенова.[19] Сепак, по одигрувањето на тој натпревар било востановено дека поголемиот дел од играчите на Џенова биле зарзени со КОВИД-19, по што и самиот Елмас се заразил и поради тоа ги пропуштил натпреварите на македонската репрезентација во баражот за Европското првенство и во Лигата на нации. На 28 јануари 2021, го постигнал својот прв гол во кариерата во Купот на Италија во победата со 4-2 на стадионот „Диего Армандо Марадона“ над Специја. Три дена подоцна, на истиот стадион, тој го отворил резултатот во победата со 2-0 над Парма во Серија А. Користен главно како резерва од тренерот Џенаро Гатузо, тој ја завршил сезоната со 44 настапи и 3 гола. Во следната сезона, со Лучано Спалети на клупата, тој продолжил да биде користен најчесто како замена.[20] За време на групната фаза од Лига Европа тој постигнал 4 гола, вклучувајќи го и голот што му донел водство на тимот во домашниот натпревар на 30 септември против Спартак Москва, постигнат по само 12 секунди;[21] гол со кој македонскиот играч од средниот ред влегол во историјата со тоа што го постигнал најбрзиот гол на италијански тим во натпреварувањето,[22] но тоа не било доволно за Аѕурите кои го загубиле натпреварот со 2-3. На 9 декември, во последниот натпревар од групната фаза против Лестер Сити, тој го постигнал два гола - за прпат како играч на Наполи -, што им овозможило на наполитанците да го добијат натпреварот (3-2) и да се пласираат во следната фаза.[23] Десет дена подоцна, тој постигнал гол со кој го решил дербито против Милан (0-1), натпревар од рамките на 18-тото коло на Серија А.[24] Третата сезона во синиот дрес ја затворил со 7 гола на 46 настапи. На 31 август 2022 година, тој го постигнал својот прв гол во сезоната 2022-2023, во ремито на домашен терен против Лече (1-1), во рамките на четвртото коло од првенството.[25] На 5 ноември го постигнал решавачкиот гол во победата со 2-1 на домашен терен против Аталанта, во 13-тото коло на Серија А.[26] Тој го повторил подвигот една недела подоцна, постигнувајќи гол во домашниот натпревар против Удинезе, кој завршил со резултат 3-2 во корист на партенопеите.[27] На 13 јануари 2023 година, тој го постигнал голот за конечен резултат 5-1 во победата на домашен терен против Јувентус, во 18-тото коло од првенството.[28] На 17 јануари, тој за првпат ја носел капитенската лента на Наполи за време на натпреварот од Купот на Италија против Кремонезе, со што станал вториот најмлад капитен во историјата на клубот по Лоренцо Инсиње.[29] На 4 мај, благодарение на ремито 1-1 на Наполи против Удинезе, тој го освоил првото скудето во својата кариера.[30][31] Сепак, не можејќи да се избори за место во стартната постава ниту во наредната сезона, тој го напуштил Наполи во јануари 2024 година, после 4 ипол години во кои забележал 189 настапи и 19 гола за клубот. РБ Лајпциг и ТориноНа 27 декември 2023 година, официјално било објавено дека германскиот клуб од Првата Бундеслига, РБ Лајпциг,[32][33] го купил Елмас за сума од околу 25 милиони евра.[33][34] Македонскиот фудбалер потпишал четири ипол годишен договор со германскиот клуб.[32][33] Тој го направил своето деби за новиот тим на 13 јануари, влегувајќи во игра како замена за Бенџамин Хенрихс во последните минути од поразот на домашен терен со 1-0 од Ајнтрахт Франкфурт.[35] Откако останал „замрзнат“ во Лајпциг во првата половина од сезоната 2024-2025,[36][37] забележувајќи само 6 настапи во сите натпреварувања, на 30 јануари 2025 година тој се преселил на позајмица со опција за откуп во Торино враќајќи се во Серија А.[38][39] На 14 февруари, тој го направил своето деби за биковите, во натпреварот загубен со 3-2 на гостувањето кај Болоња, во рамките на 25-тото коло од првенството; во истиот натпревар, тој го постигнал и својот прв гол во новиот дрес, привремено доведувајќи го својот клуб во водството од 2-1.[40] Репрезентативна кариера![]() Елмас ја претставувал македонската репрезентација во категориите под 16, под, 17, под 18, под 19 и под 21 година. Своето деби за сениорската репрезентација го направил на 11 јуни 2017 во поразот со 1-2 од Шпанија во Скопје во квалификацискиот натпревар за Светското првенство 2018, влегувајќи во игра на местото на Остоја Степановиќ во 46-тата минута. Неколку дена подоцна, тој бил повикан во составот на македонската репрезентација под 21 година за Европското првенство под 21 година во Полска и бил најмладиот играч во составот.[41] Тој играл во сите три натпревари од групната фаза, по која Македонија го завршила учеството на турнирот со едно реми и два порази.[42] На 2 септември 2017, го направил својот втор настап за сениорската репрезентација во победата со 1-0 на гостувањето кај Израел во Хаифа, исто така во квалификациите за Светското првенство 2018. Својте први голови (два) за македонската сениорска репрезентација ги постигнал во победата со 3-1 над Латвија во Скопје во квалификациите за Европското првенство 2020. На 31 март 2021 година, тој го постигнал победничкиот гол со кој Македонија ја победила Германија, во натпревар од квалификациите за Светското првенство 2022; со тоа на Германците им бил нанесен само третиот пораз во 87 години во квалификациите за Светското првенство (првите два биле од Португалија во 1985 година и од Англија во 2001 година).[43] Откако Македонија со победа во баражот над Грузија се пласирала на Европското првенство 2020 (одложено за летото 2021 година поради пандемијата на КОВИД-19), прво историско учество на земјата на натпреварувањето,[44] во јуни 2021 Елмас бил повикан да ја претставува репрезентацијата.[45] Тој ги одиграл сите три натпревари на првенството на кое Македонија во група со Австрија, Украина и Холандија забележала три порази и била елиминирана уште во првата фаза.[46][47] На 17 октомври 2023 година, Елмас за првпат ја предводел Македонија со капитенската лента во победата со 3-1 во пријателскиот натпревар против Ерменија.[48] Хронологија на репрезентативните настапиСтатистикаКлупска статистикаСтатистиката е ажурирана на 28 март 2025.
Репрезентативна статистика
ТитулиКлупски
Поединечни
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia