Технологија на древните цивилизации

Стопанската основа на првите цивилизации е новиот облик на земјоделство, различен од неолитското земјоделство или сточарството, општо преку вештачкото наводнување.
Амисадукината Венерина таблица од Вавилонија (VII век пр. н. е.) ги наведува првото и последното видливо излегување на Венера во раздобје од околу 21 година.
Приказ на Семирамидините висечки градини; во заднина се гледа Вавилонската кула.
Приказ на употреба на кормило на староегипетски речен брод (помеѓу 1422–1411 пр. н. е.)
Рачна количка од цивилизацијата на долината Инд (3000–1500 пр. н. е.).
Остатоци од самострел од Древна Кина (2 век пр. н. е.).
Два водни часовници од Стара Грција.
Љубљанското дрвено тркало е најстарото дрвено тркало со оска во светот и е старо околу 5150 години.
Приказ на плуг од Древен Египет (околу 1200 г. пр. н. е.).
Приказ на производство на пиво во Древен Египет.
Бронзено оружје и алатки пронајдени во Романија.
Плиткото огниште е вид на поранешна печка во која се топела железна руда, користејќи јаглен кој ги редуцирал железните оксиди (главно хематит) во железо, а производот било сунѓересто железо, кое било употребливо дури по ковањето, а крајниот производ бил ковано железо.
Сунѓерестото железо штотуку излегло од долниот дел на плиткото огниште со големо количество згура која подоцна се отстранувала со ковање.
Зигурат Дур Унташ, 13. век пр. н. е.
Пирамидите во Гиза.
Кинескиот ѕид.
Карта на Персиското Царство со означе.лски пат.
Тркало од Древна Месопотамија, старо околу 4000 години.
Реконструкција на Кеопсовиот брод.
Рамзес II на кочија во битката кај Кадеш.
Најстариот зачуван оклоп е веројатно оној пронајден во гробница во близина на Микена во Грција, 14 век пр. н. е.

Технологијата на древните цивилизации се однесува на урбаната револуција, која го означува крајот на каменото време и почетокот на бронзеното време.јот на праисторијата и почетокот на историјата, која започнала пред приближно 6000 години на Блискиот Исток и на крајот довело до првите цивилизации, со сите општествени и историски последици што ги следат: голема густина на население (поголеми популации), градови, развој на сложени и раслоени општества (специјализација на струките и поостра поделба на трудот), централизирана политичка и стопанска моќ (појава и организација на регионални држави), институции на принуда (армија, собирање даноци, полиција), верски институции и свештеничка класа, монументална архитектура (дворци, храмови, споменици), ширење на трговијата, пари, стандардизирани тежини и мерки, контрола над рудните богатстав, создавање на писмото, математиката и астрономијата.[1]

Древни цивилизации

Стопанската основа на првите цивилизации е нов облик на земјоделство, различно од неолитското земјоделство или сточарството, општо преку вештачко наводнување. Едноставното градинарство било заменето со одгледување поле засновано на големи мрежи за управување со вода, изградени и одржувани преку јавни работи, извршени од групи собрани врз основа на работна должност (притисок) и надгледувани од инженери во служба на државата.

Во суптропските области, земјоделството со наводнување е многу ефикасно и можно е да се постигнат приноси доволни за издржување на голем број жители. Реките полни со тиња обезбедуваат вода за наводнување и, особено кога се вештачки контролирани, ја збогатуваат околната почва. Меѓутоа, земјоделството со наводнување и контрола на поплавите бараат хидраулични градби, со цел да се донесе вода каде и кога е потребна, и одреден степен на заедничко делување неопходно за нивна изградба и одржување: мочуриштата требало да се исушат, да се изградат брани, насипи, канали, темели, тераси, тенкови, ѕидови и сето тоа требало да се чисти и одржува. Понатаму, споровите околу водата морало да ги решава некоја централна власт, а вишокот треба да се складира, чува, брани и дели по потреба.

Војувањето станало постојано и ги надминало вообичаените напади. Сега вклучувало освојување и потчинување, бидејќи поразените групи не можеле едноставно да побегнат и да образуваат нова земјоделска заедница на друго место. Пред тоа време, и во палеолитот и во неолитот, поразените групи можеле да се преселат во нови области, но во еколошки ограничените области како долината на Нил, земјоделците немале каде да одат. Победниците не само што преземале земјата и малите системи за наводнување, туку ги потчинувале и владееле со поразените групи, штедејќи ги нивните животи во замена за ропска работа во одржувањето на системот на засилено земјоделство.

Древна Месопотамија

До 4000 г. пр. н. е. неолитски села ја исполнувале Месопотамија т.е. долината помеѓу Тигар и Еуфрат во денешен Ирак. Месните власти ги исушиле мочуриштата во долната делта и подоцна изградиле обемен систем за наводнување во долината покрај реките. Најпрво се населиле северните ридски области, во кои има повеќе дожд. Јужните и средишните области имаат посува клима и повеќе сува почва. Но поради алувијалната тиња таа почва е многу плодна и околу 4000 г. пр. н. е. јужните области, благодарение на системот за наводнување и одводнување, станале понапредни од северните. Тука настанала сумерската цивилизација, а подоцна Вавилонија. За разлика од Египет, а можеби и поради променливите и непредвидливи шеми на поплави на Тигар и Еуфрат, со Месопотамија не управувало едно кралство, туку низа градови-држави со царства засновани на нив, кои се издигнале и паѓале во текот на милениумите кои следеле. Сите овие цивилизации се засновале на земјоделство со наводнување. Главните канали биле широки и до 20 метри и се протегале со километри, со стотици поврзувачки канали. Сите месопотамиски цивилизации развиле централна политичка власт и сложена бирократија со цел собирање, складирање и прераспределување на земјоделските вишоци, како и писмо, математика и астрономија.

Древни Египет

Долината на Нил е тесен појас на зеленило, широк од 20 до 50 километри и долг стотици километри, опкружен со пустина на исток и запад, планини на југ и море на север. Неолитските населби се намножиле долж Нил и првите кралства се појавиле веќе околу 5500 г. пр. н. е. Досега се препознаени седум преддинастички кралства до околу 3400 – 3200 г. пр. н. е. Некаде тоа време кралот Менес обединил две кралства, тоа на Долен Египет и тоа на Горен Египет, и на тој начин станал првиот египетски фараон од првата династија. Според традицијата, Менес организирал градежни работи, подигнал насип на Нил во близина на Теба. Следел силниот раст на египетската цивилизација. Врз основа на управувањето со годишните поплави на Нил, Египет ги развил сите особености на висока цивилизација, вклучувајќи ги и големите згради како што се пирамидите во Гиза. Од самиот почеток, централизираната власт се развила во соодветна мера. Египетската армија се состоела од 20.000 војници. Фараоните станале вистински наследници на сè во Египет и имале апсолутна контрола над нивните 2.500.000 поданици. Се развиле бирократијата, писмото, математиката, елементарната астрономија, занаетчиството и сите други одлики на цивилизацијата.

Цивилизација на долината Инд

Долж Инд се појавиле неолитски населби до 7000 г. пр. н.е. Цивилизацијата можеби се развила таму сама по себе, но можно е некои од нејзините главни одлики да пристигнале кај доселениците или трговците од Древна Месопотамија. Како и да е, плавната рамнина на реката Инд ја обезбедила потребната основа за цивилизацијата на долината Инд, а земјоделството со наводнување ги обезбедило потребните средства. Градовите Мохенџо Даро и Харапа во денешен Пакистан се развиле околу 2300 година пр. н. е. После тоа, цивилизацијата Харапа се проширила во внатрешноста и по бреговите на Арапското Море. Народите од долината Инд ги обработувале сувите долини и изградиле насипи за да ги заштитат градовите од непредвидливи поплави богати со тиња. Населението на градот се проценува на 40.000. Се користеле бакар, бронза, злато, сребро, калај и други метали. Грнчарите произведувале садови со глазура. Биле развиено писмо и висока ученост. Но, по 1750 пр. н. е. изворната урбана култура на Инд опаѓа, веројатно поради климатски и еколошки причини, вклучително и промена на текот на реката Инд.

Древна Кина

Во Кина, првиот развој на цивилизацијата е забележан долж реката Хуанг Хе (Жолта Река). До 2500 г. пр. н. е. илјадници села од доцниот неолит се ширеле покрај реката, а кога било воведено земјоделството со наводнување, се појавиле кралства. Големиот Шун, наводниот основач на првата династија Шјиа, е легендарен во Кина како владетел кој ги контролирал водите. Династијата Шанг (околу 1600 пр. н. е. до околу 1046 пр. н. е.), која ги означува документираните почетоци на кинеската цивилизација, загосподарила со долината на Жолтата Река благодарение на обемниот систем за наводнување. Подоцна, техниките за наводнување биле префрлени на југ, до реката Јангце. Одгледувањето оризо од јужна Кина се проширило кон север и вклучувало и контрола на водата. Во текот на кинеската историја, една од улогите на владата била да го гради и одржува системот за наводнување. Резултатот на тоа се многу канали, насипи, брани и вештачки езера низ Кина. Свесната владина политика за заштита на водите и подобрување на земјоделството вклучувало сушење, а сето тоа барало вклучување на голем број селани на принудна работа. Раната кинеска цивилизација изградила градови со заштитни ѕидови, дворци и обредни средишта. Раната кинеска држава изградила амбари и одржувала постојана војска. Била развиена истенчена бронзена металургија.

Технолошки достигнувања на древните цивилизации

Материјалните докази покажуваат дека древниот занаетчија често е еднаков на современиот во однос на неговите дела. Сепак, неговото знаење и техника се целосно искуствени, му недостига теоретска основа. Работата се засновала на искуствени методи. Различни можности биле испробувани на слепо, но многу трпеливо. Кога би се постигнала саканата цел, се застанувало. Древниот човек, кога сакал да го постигне она што го сака, едноставно поставувал напатствија за постигнување на таа цел, како рецепт во книга за готвење. Упатство за глазура на керамика, околу 1700 г. пр. н. е., го дава посакуваниот исход. Како ќе се случи тоа, не било на занаетчијата да истражува. Тој ги сфаќал овие преобразби како чуда.[2]

Писмо

Околу 4000 пр. н. е. е забележана првата употреба на печат во Древна Месопотамија. Овие печати биле изработени од печена глина или камен, во кој бил изгравиран геометриски образец, што се чини како ознака на сопственикот. Ова е основата на развојот на писмото. Околу 3500 пр. н. е. во Месопотамија, пишувањето е забележано на плочи направени од свежа глина, кои потоа се сушеле и се складирале (врежување знаци во материјалот). Прво се јавило сликовното писмо, во кое пишаниот знак го претставува самиот објект (идеограми пиктограми). Во Древен Египет, за пишување се користел материјал сличен на хартија, добиен од стеблото на папирусот. Стебленцата се сечеле на ленти кои биле вкрстувани и биени со дрвен чекан за да се добие тенок материјал што може да се намотува. На нив се пишувало со мастило. Околу 3000 пр. н. е. се појавил систем на логограми, знаци за зборови, во кои се обликувале знаци за важни зборови, како египетските хиероглифи. Во хиероглифското пишување, знаците можат да претставуваат и звуци или слогови, што е почеток на слоговната азбука. Целосно слоговен систем се развил околу 1500 пр. н. е., што овозможило да се запишува сè што може да се каже. Конечно, околу 800 пр. н. е. во Древна Грција била развиена азбука во која има знак за секој звук, согласка и самогласка, со вклопување на самогласките во семитска азбука развиена од Феничаните, околу 1100 година пр. н. е., а кој Грците го усвоиле и го усовршиле.

Сметање

Кај сите првични древни цивилизации се наоѓаат некои математички и астрономски знаења и вештини. Сите рани цивилизации развиле такво знаење независно, секоја развивајќи свој систем за сметање и свој календар. Тие по правило се резултат на дејности кои се одвивале на дворот и за потребите на дворот, се работи за знаењето неопходно за одржување на државниот систем, а се развивале од практичните општествени потреби: планирање земјоделски активности и верски празници, собирање даноци и распределба на плати, водење записи на приходите и расходите, планирање и изградба на системи и системи за наводнување, опремување на војската и друго. Структурата на ова знаење ја отсликува основната цел на која им служеле - одржување на државната управа.

Мерење на времето

Стопанстовото на древната египетска држава почивало на земјоделството. Тоа е зависно од годишните времиња и биолошките циклуси, со кои управуваат астрономски периодични појави, како што се денот, месецот и годината. Затоа, главните услови за животот зависат од оваа периодичност. Оттука и интересот за оваа периодичност, т.е. за астрономски појави, кои ги има неколку видови. Астрономијата исто така се раѓа од потреба, таа се состои во набљудување, снимање и споредување. Обликувањето календар бара повеќе од она што може да направи земјоделец, бара белешки, т.е. познавање на писмото. Ова е задача што мора да ја завршат образованите луѓе кои не трошат време на земјоделство, а тоа се повторно свештениците-чиновници.

Почетокот на поплавата на Нил бил главниот годишен настан. Обично се случувала во средината на јули, но со големи отстапувања. Таа значела обновување на животот, откако земјата станувала јалова по летото. Утврдиле дека раздобјето меѓу две поплави во просек трае 365 дена. Тоа било нилска година, која немала никаква врска со астрономската година. Околу 2400 г. пр. н. е. вовеле календарска година од 365 дена, но без поправки за усогласувањео со астрономската. Тие забележале дека во просек на почетокот на поплавата веднаш му претходело појавувањето на Сириус на небото непосредно пред зори. Свештениците биле задолжени да го набљудуваат овој настан на небото и да го најават почетокот на подготовките за поплавата.

Тие го знаеле приближното времетраење на лунарниот месец, чие времетраење го дотерале на времетраењето на годината (нивниот месец траел 30 дена). Стварното времетраење е 29,53 дена. Според службениот календар годината се состоела од 12 месеци од по 30 дена, + 5 дена на крајот на годината. Ваквиот календар бил попаметен од лунарниот и лунарно-сончевиот вавилонски календар и хаотичните календари на грчките градови-држави, кои се трудат да ги одржуваат месеците во согласност со набљудуваните фази на Месечината. Но, таа празнина не одговара на целиот број на денови (29,53). Се јавуваат посериозни проблеми бидејќи годината не може да се подели на цел број целосни лунарни месеци.

Најстарите обиди за мерење на времето ги поврзуваме со древните Египќани, кои направиле табели со ѕвездени часовници кои може да се користат за одредување на времето на ноќта според ѕвездите што се јавувале на небото. За да го одредат времето од денот, тие подоцна развиле примитивни сончеви часовници - сенката на водорамно стапче поставено на две исправени стапчиња постепено преминувала низа ознаки, од изгрејсонце до зајдисонце. Во гробницата на фараонот Сети I, кој владеел околу 1300 година пр. н. е. пронајдени се упатства за правење вакви часовници. Судејќи според натписот на неговиот гроб, египетскиот дворски службеник Аменемхет го измислил водниот часовник или клепсидра од 1417 до 1379 г. пр. н. е. Водата течела од садот низ дупката, а времето се мерело со спуштање на површината на водата во крај сатните ознаки (ноќта секогаш била поделена на 12 часа, без оглед на сезоната, така што имаше посебни ознаки за секој дел од година). Најстариот зачуван воден часовник (во фрагменти) датира од почетокот на XIV век пр. н. е.

Наводнување

Првите системи за наводнување најверојатно биле ископани во четвртиот милениум пр. н. е., а ги правеле земјоделците на југот на денешна Русија. Каналите биле долги и до 2,5 километри, длабоки околу 1,2 метри и широки до 3 метри.

Во Древна Месопотамија, силното земјоделство било овозможено со канали ископани од речните корита, кои носеле вода до областите далеку од реките. Во почетокот, додека притисокот врз земјиштето бил помал, околните ниви се наводнувале од акумулација направена со брана на реката. Подоцна, кога одгледувањето на овошје и зеленчук станало значајно, станало неопходно наводнување преку целата година. Делови од првиот познат канал во Месопотамија можат да се видат и денес, а почнуваат од Тигар. Намесникот на сумерскиот град Лагаш наредил да биде ископан уште пред 2500 г. пр. н. е., што ни е познато од зачуваниот запис за неговиот проект. Каналот бил долг 150 километри, како прв во огромната мрежа на канали кои продолжиле да служат како столб на трговијата и наводнувањето повеќе од четири милениуми.

Асирскиот крал Сенахерим, во 690 година пр. н. е., изградил камена брана на реката Атруш, а водата била спроведена до неговиот главен град (Нинива). Спроведувањето било извршено преку канал долг 58 километри, кој ја преминувал реката Јерван со петсводен аквадукт, долг 350 метри и широк 20 метри. Во случај на опсада, на Блискиот Исток било вообичаено да се носи вода во градот од изворот преку тунели (канат). Остатоците покажуваат дека насипите околу Еуфрат биле широки околу 30 километри и долги стотици километри, со ровови кои го исцедувале вишокот вода во резервоарите во пустината. Но, не знаеме речиси ништо за методите на изградба на овие големи системи.

И Древен Египет и Древна Месопотамија користеле едноставна направа за подигање вода, наречена шадуф - долга греда на оска што може да се врти на столб, со камен тег на едниот (пократок) крај и сад со вода закачен на јаже на другиот крај. Овој едноставен уред ја зголемил ефикасноста на наводнувањето и останал во употреба во различни облици со векови, а се појавил околу 3000 г. пр. н. е.

Плуг, вол и јарем

Плодноста на почвата значително се зголемува со орање. Плугот е алатка за првична подготовка на почвата за сеидба и садење, а неговата главна задача е да го заврти горниот слој на почвата навнатре и да го извади внатрешниот слој на површината. Со тоа се овозможува свежите хранливи материи подобро да стигнат до површината и се постигнува подобра лабавост на почвата. Најраниот плуг бил изработен од чаталест стап (чаталестиот крај служел како рачка) со зашилен долен крај (кој служел како плуг), кој првично го влечел човек со јаже. Подоцна, за влечење се користеле домашни животни, главно волови. На почетокот, јажето за влечење на плугот им било врзано на животните за роговите.

Раните докази за постоењето на рала, наједноставните плугови, доаѓаат од сликовните списи во Урук во Месопотамија (денешен Ирак) направени пред 3000 г. пр. н. е. Ралото е дрвен алат со сечило со две острици, без плугови и странична штица, кој ја ора и превртува почвата од двете страни. Ралото е најстариот и наједноставниот уред за орање кој при работата ја рие и донекаде ја расфрла земјата. Подоцна, јажето било заменето со руда закачена на јаремот и овој облик на запрега се користел со векови. Користењето на јаремот овозможило ефективно користење на пар животни за орање или превоз во коли со тркала. Но, ралото не ја превртува почвата, туку само ја расфрла од двете страни, ора само кај што минува гребенот, па меѓу редовите многу земја останува недопрена. Затоа се орало неколку пати во повеќе правци. Во Месопотамија меѓу 3000 и 2000 г. пр. н. е. плугот бил дополнително подобрен. Околу 1000 г. пр. н. е. се појавил вртечка рачна мелница, која ја забрзала секојдневната работа на мелење зрна.

Леб и алкохолни пијалаци

Јачменот и урмите биле нашироко одгледувани и се користеле за производство на алкохолни пијалаци со ферментација. Производството на пиво, кое бара ртење и вриење на јачменот, е прикажано на египетските гробни слики и месопотамиските печати од околу 2500 г. пр. н. е. Печењето леб било вообичаено во Древен Египет и се претпоставува дека истата постапка се користела за вриење на пивото. Јачменот се навлажнувал и се оставал да рти. Јачменот претворен во слад би се обликувал во векни и се печел. Испечените векни се растрошувале и се оставале да се варат во вода неколку дена. Така добиеното ферментирано пиво се процедувало и се ставало во шишиња. Вриењето на пиво станало важна дрејност во Древна Месопотамија, каде било детално опишано во Хамурабиевиот законик. Со оглед на тоа што урмите се богати со шеќер, лесно превриваат во топла клима на тие области.

Во третиот милениум пр. н. е. во Сумер и Египет се одгледувало грозје, иако употребата на вино веројатно била ограничена на кралските куќи и богатите слоеви на општеството. Уметноста на производството на вино ја усовршиле дури Старите Грци. Наодите покажуваат дека дивото грозје се јадело на Блискиот Исток околу 8000 г. пр. н. е. Во Грузија се пронајдени семиња на питома лоза, заедно со садови кои можеле да се користат за складирање на вино, кои датираат од околу 5000 г. пр. н. е. Сигурно е дека лозарството во Грузија било развиено околу 3000 пр. н. е., бидејќи во гробниците има лозови садници.

Преработка и ископ на метали

Преработката на метали вклучува сложен збир на технологии, кои вклучуваат вадење руда, топење на рудата и ковање или лиење во корисни производи. Металите имаат повеќе предности во однос на каменот како материјал за правење алати и оружје и со текот на времето го замениле каменот. Појавата на древните цивилизации била придружена со развој на голем број помошни техники, вклучувајќи, барем во Стариот Свет, производство и преработка на бронза (легура на бакар и калај). Мајсторството на бронзата му го дало своето име на новото време: бронзено време. Во Новиот Свет, бронзените оружја и алатки не ги замениле стапот за копање и камените чекани и ножеви, но била металургијата на злато и сребро за украсување. Се чини дека биле користени технологии кои одговараат на хемиска галванизација со злато (позлатување).

Поради новите технологии, контролата над рудните извори станала важна во раните цивилизации. Рудниците за бакар во Синај се покажале како важни за египетските фараони. Низ Блискиот Исток, калајот потребен за бронза бил пренесуван на големи растојанија. Во Средна Америка се развила трговијата со опсидијан (вулканско стакло) што се користиле за правење ножеви.

Бронза

Околу 3000 г. пр. н. е., веројатно во областа во близина на Сирија и Источна Турција, бил откриен нов материјал. Мајсторите кои работеле со бакар откриле дека додавањето на мала количина на друг материјал што може да се најде во областа - каситерит (калај оксид, SnO2, примарна руда на калај) - ја прави легурата покорисна од самиот бакар. Ова откритие го најавило бронзеното време и довело до огромно подобрување на квалитетот на оружјето и алатките. Бронзата е многу потврда од бакарот и има пониска точка на топење, што го олеснува лиењето. Оружјето, алатките, садовите и другите ракотворби станале сè почести. Иако во Месопотамија нема бакар и калај, тие пристигале со трговија и има многу докази за нивната употреба.

Бронзата била широко користена во Древна Месопотамија, додека во Древен Египет ситуацијата била поинаква. Во Египет имало големи рудници за бакар, но немало калај, така што поминале илјада години пред бронзата да заживее во Египет. Постапките за обработка на бронза доживеале големи подобрувања. Околу 2000 г. пр. н. е. биле воведени мевови, што во голема мера ја зголемиле ефикасноста на обработката на металите. Металот, кој дотогаш се користел само за оружје и некои алатки, во тоа време станал вообичаен и од тоа раздобје наоѓаме многу повеќе бронзени производи, кои покажуваат многу поголема разновидност во методите на леење. Техниките на леење и металургијата биле подобрени и до 1500 г. пр. н. е. обработката на бронза станала многу истенчена. Во текот на вториот милениум бронзата била широко користена. Занаетчиите откриле начини да леат многу големи предмети - моделот на предметот се правел од восок и се прекривал со глина. Потоа, глината се печела за да се отстрани восокот, а во шуплината се истурал стопениот метал.

Ковано железо

Додека бронзата преовладувала во Месопотамија, Египет и на други места, Хетитите од Источна Турција откриле употреба на друг метал кој се покажал поеднаков важен како бакарот и калајот. Се чини дека индоевропските освојувачи кои ги населиле Европа, Блискиот Исток и Индија ја знаеле тајната на производството на железо од руда, како и вештината на изработка железно оружје. Тие околу 1600 г. пр. н. е. на Блискиот Исток го основале Хетитското Царство, а кратко потоа и ведската цивилизација во Индија. Вториот бран на индоевропски освојувачи (Дорани) се појавил во Грција со железни орудија околу 1200 г. пр. н. е. За разлика од другите метали познати во тоа време, железото не можело да се топи во печките достапни во тоа време (точка на топење 1538 ° C), но се користело во некои облици.

Првото железо што луѓето го користеле веќе за време на праисторијата било од метеоритско потекло (забележан е висок процент на никел). Иако добивањето на железо од руда се досега до 2500 г. пр. н. е., така добиеното железо едвај се користело додека не се забележало дека станува потврдо по постојано загревање на јаглен и ковање. Производите од железо се појавиле во Индија во раздобјето од 1800 г. пр. н. е. до 1200 пр. н. е., а во средоземната област околу 1500 г. пр. н. е., кога почнал да се чувствува недостатокот на бакар и калај за бронза. Железото се користело за правење оружје во вториот милениум пр. н. е., особено по приближно 1500 г. пр. н. е. Но, само околу 1000 пр. н. е. во Египет и Месопотамија, железото почнало позначајно да се користи за алати.

За обработка на железо потребни се сосема различни постапки од оние при обработката на бакар или бронза. Употребата на мевови овозможувало да се постигнат повисоки температури во печките, но топењето на металот од рудата се вршел преку гасовите што се создавале со согорувањето на јаглен. Затоа, условите во печката требало да се контролираат подобро отколку во случајот со бакарот. Почнувајќи околу 1300 г. пр. н. е. посебните печки овозможиле да се добие речиси чисто железо во големи грутки.

Железото се добивало од неговите оксиди во печки од посебен вид. Производот на тие печки била порозна мешавина од железо и згура, сунѓересто железо. Од оваа мешавина требало да се отстрани згурата со ковање. Овие печки имале облик на оџак од глина или камен, со отвори за вдувување воздух при дното. Подготовката на железната руда почнувала со нејзино дробење и печење за да се отстрани влагата, а поголемите нечистотии биле отстранувани рачно. Во претходно загреана (со согорување јаглен) печка, од врвот се турале железната руда и јагленот во еднакви количини. Во печката, јаглерод моноксидот, создаден со нецелосното согорување на јагленот, ги редуцирал железните оксиди од рудата во метално железо без да ја топи рудата, што им овозможувало на печките да работат на температура пониска од температурата на топење. Бидејќи посакуваниот производ на печката е чисто железо, кое лесно може да се кова, т.е. со ниска содржина на јаглерод, температурата и соодносот на руда и јаглен требало внимателно да се контролираат, така што железото да не впие премногу јаглерод и да стане нековливо. На тој начин се образувале ситни железни честички, кои паѓале на дното на печката и се спојувале во сунѓереста структура, чии шуплини биле исполнети со згура. Заради тоа, ваквата смеса морало дополнително да се загрева и да се удира со чекан, за да се отстрани згурата од неа. Така добиеното железо било речиси чисто и се нарекувало ковано железо. Во раните печки, обично се добивало околу 1 кг железо по палење.

Покрај тоа, железото е многу помалку ковливо од бакарот и затоа треба да се кова додека е сè уште вжарено. Тоа значело дека за обработка на железото требало да се развијат низа новини, како што се клешти за држење врело железо, наковална и тежок чекан.

Леаното железо за првпат било произведено во Кина околу 550 г. пр. н. е., додека во Европа постапката за негово производство била прифатена дури во средниот век.

Рударење

Египетските фараони уште во 2.600 г. пр. н. е. почнале да ги испраќаат своите рударски групи вон Египет, на Синајскиот Полуостров, заради неговите богати наоѓалишта на тиркиз и таму ископувале бакар. Веќе двесте години пред доаѓањето на Египќаните, месните жители низ песочникот пробиле големи окна, со пречник до 6 метри, поврзани со систем на подземни галерии. Тоа е најстариот досега пронајден систем со окна и галерии за ископ на бакар. Египќаните ваделе големи количини злато од рудниците во Нубија, на југ. Можно е за осветлување на рудникот да користеле големи бронзени огледала.

Печени тули

Многу е веројатно дека искуството со керамичките печки и топилниците на бакар довело до идејата за печени тули. Во Месопотамија околу 3.500 г. пр. н. е. печените тули овозможиле силен развој на урбанизацијата. При изградбата на храмовите во месопотамиските градови била користена комбинација од печени тули, камен и плитари, што покажува дека печените тули сè уште биле новина во тоа време. Но, оваа техничка новина довела до значителна промена во градежништвото, иако уште неколку векови не стигнала до обичните луѓе.

Монументална архитектура

Монументалните градби се одлика на сите примитивни цивилизации. Во Египет биле градени пирамиди, во Месопотамија, на пример, големи храмови и пирамиди од тули, познати како зигурати. Така Навуходонозората кула, изградена околу 600 г пр. н. е., била повисока од 90 метри. Каменот бил редок, се градело претежно од тули исушени на сонце (плитари), кои не можат да издржат голема тежина (немало ни доволно дрво за печење тули). Затоа овие згради имаат својствен скалест облик - кога се достигнувало нивото на безбедност на еден ѕид, почнувал да се гради следниот, зад и над првиот на земјен темел. За поврзување на плитарите обично се користел асфалт или битумен .

Во Кина бил изграден Кинескиот ѕид, најголемиот градежен потфат во историјата. Изградбата на првите 2.000 километри од ѕидот, на границата на степските и обработливите површини, започнала во 4 век пр. н. е., а била завршена во 221 – 207 г. пр. н. е., што се совпаѓа со првото обединување на Кина. Подоцна, ѕидот бил продолжен на околу 5.500 километри, при што неговата висина обично не надминува 15 метри. Големиот канал во Кина, долг 2.000 километри, кој првично бил изграден од 581 до 618 година, исто така е пример за монументална градба. На него работеле околу 5.500.000 работници, од кои околу 2.000.000 починале за време на изградбата.

Древен Египет е својствен неисцрпен извор на труд (главно робови, но и месно население во раздобјата меѓу земјоделските работи) под апсолутна власт на владетелот и со голема количина камен. Користени се косини и валци. Не биле користени завртки или макари. Нема сложени направи како дигалки. Како ги подигнале тешките камени блокови при градењето на пирамидите? Една од најстарите теории се потпира на песочен насип, кој подоцна требало да се откопа. Пресметките за Кеопсовата пирамида укажуваат на насип со ширина на основата од околу 800 метри (основата на пирамидата е околу 250 метри). Камењата, што биле во употреба, биле подигани со санки кои постепено биле подигнувани со помош на лостови. Друга теорија, подобро поткрепена со докази, зборува за навален пат, прав или закривен околу градбата. Најпознатиот архитектонски неуспех е пирамидата на фараонот Снофру (Свиткана пирамида), изградена околу 2600 г. пр. н. е. Изгледа градителите на половина пат сфатиле дека нивната пирамида е малку престрмна, па нагло го намалиле аголот на стрмнина. Така настанала чудна градба со осумстрана структура.

Патишта

Во сите блискоисточни цивилизации, патиштата првенствено биле градени за потребите на управата и војската, како и за трговијата. Се чини дека рекордот за најдолг пат му припаѓа на Персиското Царство, бидејќи нејзиниот Кралски пат (изграден од Дариј I), изграден во 6 век пр. н. е., бил долг цели 2.700 километри, од главниот град Суза (денешен Иран) до градот Сард на западниот брег на денешна Турција. Најверојатно бил изграден од слој глина на кој бил поставен слој песок, потоа слој чакал и површински слој од големи камени плочи. Грчкиот историчар Херодот тврди дека патот имал 111 гостилници (приближно на секои 25 километри) и дека е можно да се помине за три месеци. Се чини дека улиците биле поплочувани пред да се развие системот за канализација и водоснабдување (Асирија, Вавилонија). Во Вавилон, познатата улица Процесија била изградена од тули прекриени со асфалт, а на тоа биле поставени камени плочи.

Тркало

Со воведувањето на тркалото превозот бил целосно променет. Точното потекло на тркалото не е познато, но по околу 3500 г. пр. н. е. наоѓаме прикази на превоз со помош на тркала на керамика и други облици на уметноста. Љубљанското дрвено тркало е најстарото дрвено тркало со оска во светот, а старо е околу 5150 години. Првите тркала биле направени од дрво, поточно од три поврзани закривени парчиња дрво. Фактот дека истиот облик на тркало се користел низ целиот свет многу векови укажува на тоа дека оваа технологија била пренесена од еден извор, веројатно од Древна Месопотамија. Тркалото не е насекаде корисно и неговата практична употреба е многу зависна од достапноста на добри патишта. Американските народи го познавале тркалото (детски играчки), но поради обликот на теренот и немањето големи животни за влечење, тоа немало практична примена. Во Северна Африка, караваните со камили со векови биле посоодветни од коли на тркала.

Пловила

Отприлика по 3500 г. пр. н. е. во Древен Египет и Месопотамија наоѓаме прикази на бродови што се користат за пловидба по реките. Тие во основа биле изградени од трска или папирус и се користеле за превоз на луѓе и стоки. До 3000 г. пр. н. е. тие во суштина биле пловила со кратки весла, чија посада веслала свртена во насока на движење на бродот. Првите едра биле забележани во Египет околу 3000 г. пр. н. е. Тие биле направени од памучна или ленена ткаенина, со квадратен облик и поставени нормално на оската на бродот, така што можеле да се користат само кога ветрот дувал во вистинската насока. Природата на реките во овие области ги направила овие лесни пловила употребливи за превоз и трговија.

Дури околу 2500 г. пр. н. е. во Древен Египет наоѓаме докази за постоење на бродови со низа весла, во кои посадата веслала со грбот свртен кон правецот на движење на бродот. Потоа почнало да се користи дрво за изградба на пловила, што овозможило да се градат потрајни и поголеми пловила. По 2000 г. пр. н. е. груби пловила со едра, кои настанале од чамци и сплавови изградени од трска, им го отстапиле местото на дрвените бродови со весла и едра и со високи носови и крми. Овие бродови биле управувани со помош на големо весло поставено од страна во близина на крмата (кормило). Во тоа време, бродовите станале поспособни за пловидба по море и ја забрзале трговијата и населувањето во областа на Средоземјето. Некои египетски бродови биле доста големи: околу 2400 г. пр. н. е. бил изграден брод со должина од околу 35 метри, а околу 1600 г. пр. н. е. брод долг околу 70 метри (за превоз на обелиск).

Првите морнари најмногу го избегнувале отвореното море, одредувајќи ја својата положба само според брегот и според Сонцето (крајбрежна пловидба). Исклучок биле Феникијците. Тие се појавиле како поморска велесила околу 1100 г. пр. н. е., а нивната златна доба траела до околу 800 г. пр. н. е. Во тоа раздобје, тие основале многу колонии во Средоземјето (Пунско Царство), меѓу кои и Картагина. Бродовите на Феникијците имале вертикална греда на носот и на крмата, и скелет од ребра што го зацврстувале трупот на бродот изграден од штици, што во основа е модерна конструкција. Тие тргувале со маслиново масло, вино, мермер, калај и земјоделски производи меѓу Северна Африка и Европа. Можеле да поминат стотици километри преку отворено море. Можно е да користеле астролаб (уред што го подражава движењето на Сонцето и планетите). Знаеле да пловат ноќе далеку од брегот. Пловеле сè до Британија, Канарските Острови (1300 километри од шпанскиот брег на Атлантикот) и Азорските Острови (каде што пристигнале околу 200 г. пр. н. е.). Околу 600 г. пр. н. е. е феникиска експедиција по налог од египетскиот фараон Нек II ја препловила Африка од исток кон запад.

Воена техника

Околу 2300 г. пр. н. е. Саргон Акадијанецот (или Саргон Велики), кралот на Вавилон, го создал првото царство во историјата, кое се протегало од Средоземното Море до Персискиот Залив, а тоа го постигнал со помош на најстарата позната професионална војска, која броела 5.400 војници. Треба да се има на ум дека само едно поколение претходно, судејќи според зачуваните текстови, жртвите во битките меѓу спротивставените држави во Сумер (во Јужна Месопотамија) обично се броеле во едноцифрени броеви. Битката кај Кадеш помеѓу Египќаните и Хетитите, околу 1270 г. пр. н. е.: 20.000 Египќани против 17.000 Хетити со 2.500 бојни коли со по два или повеќе борци (можно е бројките да се претерани!). Во битката кај Карќар, во 853 г. пр. н. е., Асирците против кралот на Сирија, Либан и Палестина со војска од 52.900 пешаци, 3.940 бојни коли, 1.900 коњаници, 1.000 борци на камили.

Бојна кола

Областите северно од Месопотамија биле во допир со номадските народи од степите на Средна Азија, што довело до интересни последици. Имено, степските овчари го припитомиле коњот, а на тоа се додала и месопотамиската вештина за обработка на дрво, која резултирала со боjна кола - возило кое ќе има огромно влијание врз историјата поради улогата во војните. Така,Хетитите во Анадолија во вториот милениум пр. н. е. биле првите што впрегнале коњ и магаре во кола со тркала, создавајќи борбена кола, која целосно го преобразила војувањето на Блискиот Исток.

Големата ера на војување на древниот Блиски Исток следела по пронаоѓањето на колата, која е најстарата воена машина. Првиот познат приказ на бојна кола, со запрега од четири диви магариња, е бронзена статуетка пронајдена во денешен Ирак, од околу 3000 г. пр. н. е. Урскиот барјак, украсена кутија од Ур во денешен Ирак, создадена во 2500 година пр. н. е., прикажува бојна кола (четири полни тркала, четири магариња) придружена од најстарата позната војска (кожен оклоп и копја). Во текот на следните два милениуми, постојаните подобрувања (на пример, тркала со жици и метални оски) ги направиле двоколките полесни и побрзи.

Воведувањето на бојни коли зависела од неколку откритија. За да се водат коњите, морало да се воведат узди. Тркалото повеќе не било круг од дрво, туку било направено од главина и жици. Запрегата што се користела за впрегнување волови била приспособена за коњи, но таквата запрега не дозволувала употреба на коњи како животни за влечење товар и орање. Имено, коњите биле впрегнувани со помош на два појаси - преку градите и преку стомакот - кои биле поврзани на задната страна на местото каде што бил прицврстен товарот за влечење. Таквата запрега била донекаде погодна за волот, но го задушувала коњот, кој затоа можел да влече само лесни товари, како што се борбените коли.

Оклоп

Се чини дека првите оклопи биле направени од кожа. Колку што знаеме, првите шлемови биле направени од метал. На кралските гробишта во Ур, бил откопан гроб на некој принц погребан околу 2500 г. пр. н. е. со шлем направен од едно парче електрумски лим (електрумот е природна легура на злато и сребро). Можно е слични предмети од бакар и бронза да носеле воини од понизок ранг. Најстариот зачуван телесен оклоп е веројатно оној пронајден во гроб во близина на Микена во Грција, во 15 век пр. н. е. Станува збор за целосен бронзен оклоп од преклопени плочки, тежок и несвитлив, веројатно за терач на двоколка. За време на ископувањето на замокот на еден фараон во Теба од околу 1400 г. пр. н. е., бил пронајден оклоп од бронзени плочки сошиени на кожен костум - полесен и посвитлив, а во исто време се појавил и во Кина. Околу 1000 г. пр. н. е. се појавувиле оклопи од железни лушпи. Најстарата трага од жичен оклоп (направена со поврзување на мали железни прстени), што овозможува уште подобра подвижност, може да се најде на статуа во Пергам (денешна Турција ) од 2 век. пр. н. е. Во исто време, се појавува во Кина.

Стакло

Првото вистинско стакло веројатно било направено во Месопотамија околу 2000 г. пр. н. е., со загревање на кварц (кремен, SiO2) и кристална сода (натриум карбонат, Na2CO3). Калциумот природно присутен во суровините го правел стаклото стабилно, а олово било додавано за стаклото да стане посјајно.

Ткаенини и разбој

Околу 3500 г. пр. н. е. и во Египет и во Месопотамија, за ткаење облека се користел едноставен разбој. Таквиот разбој бил поставен на земја и давал груба ткаенина. Подоцна почнал да се користи и вертикалниот разбој. Памукот веројатно бил извезуван од долината на Инд во Месопотамија, а Египќаните набрзо почнале да го одгледуваат. Меѓутоа, во Древен Египет, главно влакно било лененото. Во други области, како што се Анадолија и Сирија, се користела и волна. Во Кина се пронајдени докази за постоење на свилена облека од околу 3000 г. пр. н. е.

Извори на енергија

Мускулната сила на волот се користела за влечење на плугот, а и припитомениот коњ бил ставен во служба на човекот. Во првиот милениум пр. н. е., камилата почнала да биде основно превозно средство на Блискиот Исток, како ламата во Јужна Америка или слонот во Индија и Јужна Азија. Почнала да се користи и енергијата на ветерот. Ова особено на Нил – кој тече кон север, а ветрот дува главно кон југ – станал сообраќајна рута за бродовите и чинител што придонел за единството на древниот Египет. Бродовите почнале да пловат од Месопотамија до долината Инд.

Козметика

Маслото се добивало во маслени мелници со многу едноставни преси. Наједноставната преса била само вреќа која се обвиткувала околу два вертикални столбови, со цел да се исцеди масло од маслинки или други растенија и плодови. Околу 1500 г. пр. н. е. се појавила преса со лост. Постојат докази за употребата на мелемите како козметика направена од масла со мириси добиени од цвеќиња. Сапунот се појавил во Месопотамија, околу 2000 г. пр. н. е. Се варело масло и алкали и се добивал талог со кој луѓето се миеле. Римјаните го запознале сапунот преку Германците, од кои ја увезувале супстанцијата сапо, направен од козја маст и буков пепел. Египќаните и Евреите се миеле со сода, Грците користеле плева, песок и пепел, Римјаните маслиново масло. Арапите биле првите кои произвеле сапун, а негови основни состојки биле маслиново масло и дрвен пепел.

Метални пари

Во Древен Египет и Месопотамија, во вториот милениум пр. н. е. се користеле пари во вид на бронзени алки кои можеле да се носат нанижани на поголем прстен. Во Древна Вавилонија, таквите метални тегови биле стандардизирани и носеле државна ознака, што е првиот чекор кон ковањето монети. Првите вистински монети се појавиле во кралството Лидија, на запад од денешна Турција, околу 650 година пр. н. е. Тоа биле парчиња електрум (природна легура на злато и сребро) во облик на зрна грав и со знакот на кралот и печат што ја гарантирал тежината и чистотата на металот. Отприлика во исто време, Кинезите, исто така, почнале да користат метални пари, но леени, не ковани. Практично во исто време се појавиле и лажни пари (на пример, позлатена бакарна монета).

Наводи

  1. Basalla, G.: "The Evolution of Technology", Cambridge University Press, Cambridge, 1988.
  2. Janković, I. i I. Karavanić: "Osvit čovječanstva – Početci našega biološkog i kulturnog razvoja", Školska knjiga, Zagreb, 2009.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya