Википедија:Викиекспедиции 2025

ВикиПроект
„Викиекспедиции“
Кратенки:
ВП:ЕКСПЕДИЦИИ

Во текот на 2025 година се планирани четири викиекспедиции, со кои би биле опфатени следните области:

  1. Подгорје и Огражден (Општина Ново Село и Општина Босилово) — дводневна експедиција (3-4 мај);
  2. Цапарско Поле (Општина Битола) — дводневна експедиција (21-22 јуни);
  3. Струшко Поле (Општина Струга и Општина Дебрца) — дводневна експедиција (планирана); и
  4. Средорек и Козјачија (Општина Старо Нагоричане) — дводневна експедиција (планирана).

Прва експедиција

Подгорје и Огражден

Карта на посетени села во Македонија по првата експедиција. Посетените села за време на оваа експедиција се означени со жолто, за разлика од останатите со црвено кои биле претходно посетени

По спроведената изложба на крајот на април за 10-годишниот јубилеј на експедициите, решивме дека првиот викенд од мај е идеален за почеток на експедициите за 2025 година.

Првата експедиција за оваа година беше одредена во Струмичката Котлина, со што конечно нашата екипа ќе ги посети и струмичките села.

Во попладневните часови на 2 мај 2025 година (петок), вообичаените членови Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Полупрофесионален Шофер и Деан Лазаревски, како и новиот член во екипата на експедициите Корисник:MacedonianMaps се упатија кон сместувањето во градот Струмица.

Прв ден

Откако најдовме пекарница на излезот од Струмица и по краткиот појадок, се упативме кон првото село, а тоа беше Сушица, во која поминавме цел еден час, бидејќи селото имаше доста објекти за фотографирање. Покрај работите кои ги имавме забележано, излезе точно тврдењето дека во селото постои и манастир, за кој имавме само еден извор со што го потврдивме неговото постоење. На враќање од манастирот забележавме мал параклис, за кој излезе дека е изграден во двор на приватен имот.

Потоа, се упативме кон селото Зубово, каде исто така се задржавме, но поради компактноста на селото одеше доста побрзо фотографирањето на самото село. Од Зубово се упативме кон општинското седиште, Ново Село, каде најпрвин отидовме да го посетивме манастирот во близина на малото вештачко езеро, а потоа се упативме и на првата земјена авантура, односно посета на селото Барбарево. Кога се спуштивме од Барбарево, во Ново Село ги досликавме објектите кои не ги имавме опфатено во првиот момент, пред да се упатиме кон новоизграденото село Самоилово.

Од Самоилово, тргнавме во посета на второто село високо на Огражден, селото Стиник, по чиј пат сретнавме и планинари, кои се познаваа со Кирил. Во Стиник како времето да е застанато и малкуте жители одгледуваат свињи, што прокоментиравме дека е некоја карактеристика за самата планина Огражден, бидејќи и на беровска страна во селото Двориште имаме сретнато распространето одгледување на свињи. Бидејќи самиот пат беше доста лош низ селото, до црквата која доминира во селото, тројца членови (Тони, Кирил и Никола) отидоа пеш до нејзе.

Од Стиник се вративме повторно на регионалниот пат, каде за кратко време отидовме до селото Бајково, каде иако имавме забележано дека се наоѓа и манастир „Св. Петар и Павле“, сепак некако не ги проверивме податоците од тефтерот во тој момент и заборавивме да го документираме.

Кон крајот на денот, ни остана и последното огражденско село, а тоа беше селото Бадолен, за кое во минатото имаше многу написи поврзани со криминални активности за шверц на цигари од поранешен градоначалник на општината. Во селото одвај и да има останато куќи, но црквата е целосно обновена. На враќање од селото, ја посетивме и поранешната касарна на АРМ, која стои напуштена. На едно место, патот до селото се доближува до границата со Бугарија на само 2 километри.

Кога се вративме од Бадолен, го посетивме Ново Коњарево, каде веднаш наидовме на необичен објект, кој излезе дека е црква. По кратко време, мештанин кој дојде до црквата ни раскажа дека црквата не е осветена бидејќи градбата не била одобрена од црковните лица. Со посетата на црквата и училиштето во Ново Коњарево го завршивме првиот ден, кој излезе со помалку посетени села, но барем ги посетивме најтешко достапните села во областа.

Втор ден

Вториот ден го започнавме со незавршената мисија од претходниот ден, односно да ги посетиме сите села од општината Ново Село. Така, започнавме во Старо Коњарево, а пред самото село со нашиот дрон фотографиравме интересна географска појава наречена мртвица во близина на реката Струмица. Од ова село се движевме во подножјето на планината Беласица посетувајќи ги селата Дражево, а подоцна и Смолари. Во Смолари решивме да не го фотографираме водопадот, туку тоа да биде нешто што ќе биде дел од некоја посебна геоекспедиција, опфаќајќи ги сите беласички водопади.

Потоа, се придвиживме кон скоро споените четири села, Мокрино, Мокриево, Колешино и Борисово, во кои се задржавме долго време поради бројните верски градби и училишта, како и други стопански и општествени градби. Особено беше карактеристично селото Колешино кое поседува бројни христијански градби од различните деноминации, како што се протестанти, адвентисти, како и Јеховини сведоци, чиј објект не го пронајдовме, односно заклучивме дека веројатно повеќе не постои.

Од Колешино се придвиживме кон селата во Општина Босилово, но претходно застанавме сред полето да го фотографираме со дронот Моноспитовското Блато како заштитен споменик на природата. Штом дојдовме во Бориево, некако веднаш се примети голема разлика во уредувањето на селата кај општината Ново Село со овие од општината Босилово, па така првите села се далеку поуредени и средени во споредба со вторите.

Во Моноспитово, исто така, се задржавме подолго време поради големиот број верски објекти, слично како во Колешино. Тука, имавме и расправа со мештанин за тоа дали ни е потребна дозвола за снимањето со дрон и прашуваше зашто сме го правеле тоа, посочувајќи дека го правиме истото само за пари.

Од Моноспитово се упативме кон селото Еднокуќево, а потоа и во општинското седиште Босилово, со што ставивме крај на оваа експедиција.

Исход

Со фотографирани 20 нови села и поминати над 400 километри, можеме да кажеме дека имавме уште една успешна експедиција. Можеби бројот на селата е помал од нашиот просек, но бројот на фотографирани објекти и далеку над нашиот просек.

Галерија

Статии
Број Статија Фотографија Предмет на Википодатоци Забелешки
1. [[]] — [[Податотека:|200п|]] wikidata: статија

Фотографии

Сите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија:

Втора експедиција

Цапарско Поле

Во текот на јуни, односно третиот викенд, се решивме да отидеме да ги посетиме селата во малата област Цапарско Поле (позната и како Ѓаваткол), која беше делумно посетена во склоп на велоекспедицијата во 2017 година.

Во попладневните часови на 20 јуни 2025 година (петок), вообичаените членови Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Полупрофесионален Шофер и Деан Лазаревски (овојпат без новиот член во екипата на експедициите Корисник:MacedonianMaps) се упатија кон сместувањето во градот Битола.

Прв ден

Стандардно, првиот ден го планиравме да посетивме што е можно повеќе села и во план покрај сите села од Цапарско Поле, беа да ги посетила и селата околу Битола, со што следниот ден би можеле да се посветиме на селата од поранешната Општина Кукуречани. Бидејќи, бевме згодно сместени на излезот од Битола, застанавме во пекарница и во маркет, со што бевме подготвени за денот.

Веќе околу 9 часот бевме во првото село Братин Дол, со што ја започнавме експедицијата. Движејќи се по стариот магистрален пат Битола-Ресен, застанавме и кај мото-крос патеката Братин Дол каде има и мало вештачко езеро, за да ги фотографираме со нашиот дрон. По ова застанување, започнавме да ги посетуваме селата, кои веќе еднаш биле посетени во рамки на велоекспедицијата од 2017 година. Така, првото село Српци го посетивме и веднаш се упативме кон сретселото, каде направивме уште некоја фотографија од главната селска црква, а подоцна се упативме кон манастирот над селото, од кој немавме ниедна фотографија.

По Српци, следуваше Рамна каде веднаш отидовме до црквата над селото, која всушност се наоѓа на местото на некогашното старо село и се зачувани неколку куќи околу нејзе. Од селото направивме неколку фотографии од старите куќи, како и од задружниот дом. По Рамна, следуваше Лера, каде ја фотографиравме селската џамија, како и селското училиште, додека од црквата и светиот крст веќе имавме доволно фотографии. При дронското фотографирање на селото, го фотографиравме и вештачкото езеро Стрежево, кое се наоѓа во непосредна близина.

Од Лера заминавме кон Доленци, каде повторно ја фотографиравме селската џамија и училиштето, додека од селската црква која се наоѓа на патот за Гопеш имавме доста фотографии. Од Доленци планот беше да отидеме кон селото Ѓавато веднаш, но сфативме дека нема да можеме да ја преминеме реката Шемница, со што појдовме најпрвин до селото Кажани, каде се наоѓаат бројни општествени објекти и поранешниот участок (полициска станица). Од Кажани се упативме кон Ѓавато, во кое ги фотографиравме двете селски цркви, а до третата селска црква вративме до Кажани каде се приклучивме на новиот магистрален пат за Ресен, бидејќи истата се наоѓа на самиот превој Ѓавато.

Кога се вративме од превојот, се упативме кон селото Маловиште, кое единствено влегува во рамките на националниот парк Пелистер. Во селото го оставивме возилото и се движевме пеш, па така додека Нино и Деан ги оставивме да управуваат со дронот и да го фотографираат селото и огромната црква „Св. Петка“, ние (Тони и Кирил) отидовме до манастирот „Св. Ана“ над селото. До манастирот води козја планинска патека и се стигнува за 30-тина минути од селото. На враќање го слушнавме дронот и кога дојдовме во селото ги видовме Нино и Деан, кои ни кажаа дека дронот удрил во дрво и дека тргнале да го бараат. За среќа, набрзо, успеавме точно да го лоцираме и да го најдеме и истиот не беше оштетен, освен перките. За на крај остана да ја пронајдеме и третата селска црква, која беше тешко пристапна поради тесните сокаци, потоци што течеа, како и поставените огради за да не бегаат животните (стоката) што ги чуваат мештаните. Претходно, на влезот во селото, ја фотографиравме четвртата црква, која е сместена веднаш покрај асфалтниот пат.

По Маловиште, доаѓаше на ред поранешниот општински центар, селото Цапари, каде исто така имаше повеќе цркви. Најпрвин се упативме до манастирот, кој беше заклучен и кој го фотографиравме со нашиот дрон. Претходно, на патот за манастирот ја фотографиравме црквата „Св. Атанасиј“, а во селото продолживме со главната селска црква. При дронската снимка на селото, ги лоциравме и бугарските воени гробишта во селото и направивме слика од нив. Во селото ги фотографиравме и општествените објекти и се упативме кон последната селска црква „Св. Спас“ од училиштето. Земјениот пат стануваше сѐ потесен и пообраснат, а на многу места имаше паднато или фрлено гранки, поради што на крајот и се откажавме да стигнеме до самата црква. Откако јас и Кирил бевме до црквата и се вративме во возилото, тргнавме назад, но за кратко време слушнавме тропање. Застанавме и сфативме дека предната гума ни е дупната, односно се скинала на камен кој бил до патот и сокриен од вегетацијата. Изгубивме доста време за да ја смениме гумата на земјениот пат, но некако успеавме.

Поради овој немил настан го прекинавме понатамошното истражување на други села и се упативме кон Битола да најдеме вулканизер, со цел да видиме дали може да најдеме друга гума. За среќа успешно најдовме друга половна гума и со тоа имавме резервна гума за експедицијата следниот ден.

Втор ден

Вториот ден го започнавме со посета на Ротино, бидејќи тоа село ни остана после дефектот на гумата првиот ден. Откако се задржавме во Ротино да ги посетиме селските цркви, се упативме кон потпелистерските села и започнавме со посета на Магарево, во кое ги фотографиравме селската и манастирската црква и најдовме црква во изградба за која немавме податоци. Од Магарево, се спуштивме до Трново, каде го фотографиравме училиштето и големата селска црква, во која имаше верски обред и верници. Од Трново отидовме до селото Нижеполе, каде најпрвин го посетивме истоимениот скијачки центар, а потоа се упативме кон самото село.

Бидејќи во Нижеполе и соседното Дихово, во 2018 година имаше викикамп, главната селска црква била фотографирана, со што ние се посветиме на црквите од кои немавме фотографии. Истото, го направивме и кога стигнавме во Дихово.

По овие потпелистерски села се упативме кон селото Крстоар, од кое имавме само неколку фотографии од селската црква и од манастирот во склоп на велоекспедиција спроведена во 2018 година, но не беше целосно посетено. Од манастирот над Крстоар води и патот за манастирот на селото Буково, па така веднаш се упативме во таа насока, каде и ја направивме првата поголема пауза. Манастирот е доста уреден, како и претходниот Крстоарски манастир. Потоа, се упативме во самото село Буково, каде се задржавме, бидејќи селото поседува повеќе цркви на различни места во селото.

Од Буково по асфалтниот пат се упативме кон селото Орехово (или наречено и Горно Орехово), каде ја фотографиравме селската црква и самото сретсело, како и поранешното училиште. Од Орехово води и патот за селото Злокуќани, но сепак не појдовме бидејќи ќе ни одземеше премногу време, бидејќи се работи за земјен пат.

Како на крај на оваа експедиција, ги посетивме селата сместени веднаш до градот Битола, Горно Оризари и Раштани. Во Горно Оризари има новоизградена црква и училиште, додека во Раштани се наоѓа стара селска црква сместена на самото сретсело. Покрај нејзе, а по укажување на сопственикот на апартманот во кој бевме сместени во Битола, го посетивме и местото каде се наоѓало Битолското кале и каде се забележуваат основите на некогашната црква „Пресвета Богородица“, која била навистина голема. Од нејзе направивме одлични дронски фотографии, а таму направивме и групна фотографија, со што ја затворивме оваа експедиција.

Исход

Со фотографирани 15 нови села, 4 повторно посетени и поминати над 600 километри, можеме да кажеме дека имавме уште една успешна експедиција и покрај проблемите со кои се соочивме првиот ден.

Статии
Број Статија Фотографија Предмет на Википодатоци Забелешки
1. [[]] — [[Податотека:|200п|]] wikidata: статија

Фотографии

Сите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија:

Прв ден

Поврзано

Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya