Селото се наоѓа во областа Порече, во средишниот дел на територијата на Општина Македонски Брод, од левата страна на реката Треска.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 500 метри. Од градот Македонски Брод е оддалечено 19 километри.[2]
Има голем атар, кој зафаќа површина од 18,6 км2, кој го дели со селото Горни Манастирец. На него преовладуваат шумите на површина од 1.270,3 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 188,3 хектари, а на пасиштата само 76,2 хектари.[2]
Историја
Во XIX век, Долни Манастирец било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.
Во Долни Манастирец, бројот на населението по пат на иселување, се преполовил. Така, во 1961 година селото броело 309 жители, а во 1994 година 133 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Долни Манастирец имало 169 жители, сите Македонци.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 147 жители, од кои 135 Македонци, 9 Роми, 1 Србин и 2 лица без податоци.[7]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Долни Манастирец, Горни Манастирец и Старо Село (во минатото наведените три села биле сметани како едно) се чисто македонски православни села. Селата се состојат од четири маала: Старо Село, Ново Село, Мало и Василковци. Во селата има староседелски и доселенички родови.
Староседелци:Ѓурчевци (4 к.), Данковци (4 к.) и Милошевци (2 к.), Милошевци трипати се селеле во Модриште и се враќале назад.
Родови во Ново Село се:
Староседелци:Велковци (13 к.), Учумовци (5 к.), Митревци (10 к.), Бунташевци (6 к.) и Веселиновци (1 к.), порано живееле во маалото Старо Село. Учумовци и Велковци се еден род. Учумовци некое време живееле и во Драгов Дол. Митревци некое време живееле во скопско и тетовско;
Доселеници:Чкорлевци (2 к.), доселени се од некое место во околината на Скадар во Албанија.
Во Мало се родовите:
Староседелци:Кочовци (9 к.), Жежовци (4 к.) и Кокаревци (4 к.), се еден род и се староседелци, порано живееле во Старо Село;
Доселеници:Петковци (8 к.) и Клишуровци (6 к.), потекнуваат од заеднички предок кој дошол како домазет однекаде.
Во маалото Василковци е само родот:
Доселеници:Василковци (8 к.), основачот на родот Василко дошол од Охридско, кај Кочовци и тука останал и се оженил и основал маало.
Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Македонски Брод.
Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Манастирец, во која влегувале селата Горни Манастирец, Долни Манастирец, Драгов Дол, Инче, Томино Село и Тополница.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Долни Манастирец, во која покрај селото Долни Манастирец се наоѓале селата Горни Манастирец, Горно Крушје, Долно Крушје, Драгов Дол, Слатино, Томино Село и Тополница.
Во периодот 1955-1957, селото било седиште на тогашната општина Манастирец.
Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.
Избирачко место
Во селото постои избирачко место бр. 0244 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Долни Манастирец и Старо Село, кое е сместено во Селскиот дом во Долни Манастирец.[13]
↑D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 156-157.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 октомври 2017.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Податоците за населеното место Старо Село, согласно важечката територијална организација за време на Пописот од 1953 година, се содржани во податоците за населеното место Долни Манастирец.
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑ 19,019,119,219,319,4. Крајчески, Цуте (2017). Порече (1943 - 1945). Скопје: Државен Архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)