Јужномакедонска носија

Женa од Воден во народна носија, почеток на XX век

Јужномакедонската носија — носија која е карактеристична за најјужниот дел на Македонија, т.е. Јужно-Македонската етнографска целина, чиј најголем дел се наоѓа во рамките на денешните граници на Република Грција. Оваа голема целина ги зафаќа пределите: Костурско со Нестрам, Пополе и Корешта, Леринска Река, Леринско Поле, Воденско, Пазарско, Вардарија, Солунско Поле, Лагадин и Бојмија во Гевгелиско. Тука е присутно е големо шаренило од носии со различен степен на локална особеност.[1]

Региони

Во составот на Јужно-Македонската етнографска целина влегуваат носиите од следниве региони:

Заеднички карактеристики

Како и кај другите македонски носии, така и тука, разновидноста и сложената структура биле најсилно изразени кон крајот на 19-ти век. Со значајните политички и социоекономски промени кои започнале на почетокот на 20-тиот век и особено по трагичните случувања за време на Граѓанската војна во Грција, доаѓа до иселување на значителен дел од населението од своите родни огништа. Овие настани резултираат со масовно напуштање на традиционалните форми на облекување.[1]

Народните носии и во овој дел на Македонија покажуваат голема разновидност, со бројни облеки и разновидна декорација. [2] За изработка на платнените облеки главно се користело домашно бело платно, ткаено од коноп, лен или памук, како и ткаенини во пруги со украсни рабови - кенари. Одделни женски облеки се правеле и од обоено памучно платно во сина боја. Голем дел од горната машка и женска облека бил изработен од домашна бела ткаенина — клашна или шајак. Истовремено, се користеле и волнени ткаенини направени од исклучиво црна волна, а некои женски облеки биле кроени од волнена ткаенина обоена во темно-сина боја или од шарено ткаена волнена алаџа. Меѓу постарите облековни форми се издвојуваат и некои видови невестински покривала со изразено конусовидна форма, кои на одреден начин може да се поврзат со сличните покривала сокаи од Дебарско-реканскиот и Брсјачкиот регион, кои исто така завршуваат со остар, роговиден врв. Во декорацијата на овие носии на исто ниво е застапено и везбеното и вткаеното орнаментално украсување. Целосниот изглед се формира со разновиден метален накит и монистрени украси.[1]

Во машките носии, најкарактеристични биле волнените бели (поретко црни) долги ногавици клашни или ѕиври. Овие елементи, освен во овој регион, се среќаваат и во пограничните делови на Јужно-македонската етнографска област, конкретно во делови од Брсјачката и Струмо-местанската етнографска целина. Се смета дека овие носечки облековни елементи се меѓу најстарите и потекнуваат од многу старо време.[1] Основни делови на машките носии се: бела платнена кошула со широки ракави, гаќи од платно, клашнени ѕиври, ногавици, беневрези, тесни ткаени појасчиња за под колена - подвески, ќурдија - безракавна облека од црна клашна, и долама - зимска дебела облека со црвени украсни ширити. Сточарска облека е трлаган, гуна - од волна и козина, со широка јака за ќулафка.[2]

Анализата на одделните облеки од составот на празничната женска и обредната машка носија укажува на зачувани далечни траги од старобалканската и старословенската културна традиција, со примеси на елементи од византискиот и ориенталниот начин на украсување.[2]

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 180–182. ISBN 9989-48-584-4.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 154. ISBN 9989-649-25-1.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya