Носии од Пијанец

Носиите од Пијанец од етнографски аспект припаѓаат на групата носии од Шопско-Македонската етнографска целина. Тие се носеле во источниот дел на Македонија, т.е. во Пијанечката котлина, опкружена со планините Влаина (на исток), Голак (на запад) и Осоговските Планини (на север). Најголемо населено место е Делчево, кое прв пат се споменува под името Царево Село во повелбата на цар Душан од 1347 – 1350 година.

Во развојот на пијанечката носија се забележуваат две фази: од крајот на 19-тиот век до Првата светска војна и по Првата светска војна до 70-тите години на 20-тиот век. Постоеле локални разлики, особено меѓу носиите на Долноселците од Долните Села (Саса, Моштица, Дулица, Цера, Костин Дол, Ново Село, Драмче, Киселица, Косевица и Каменица) со посиромашно украсени облеки и носиите на Горнанците од Горешните Села (Калиманци, Црн Камен, Грљани, Драгобраште, Трсина) со побогати везови.[1]

Женската носија

Во планинскиот предел Пијанец кој го опфаќа и рударскиот регион Саса, во женската носија, оформена со едноставни облеки во смирени темни тонови, врз кошулата (имала ракавчиња нараквици) која на градниот дел има огрље, се носи саја сосема поинаква по материјал, крој и украсување од истоимените облеки во пределите на Западна Македонија.[2] Во оваа носија се испреплетувале елементи од носиите од Источен дел на Славиште и од Малешево.[3]

Сајата во овој предел била долга црна горна облека, со долги ракави, која сосема ја покривала кошулата (оттука произлегува нејзината едноставност), а била направена од тенка волнена ткаенина, означена исто така со називот саја. Аплицираните гајтани и бикме на градите и ракавите ја украсувале оваа облека од составот на женската носија.[2] По кројот и украсите била слична на истоимената носија од Источно Славиште, а се разликува само по должината на ракавите.[3] Некогаш се среќавала под името шарена саја, поради богатото гајтанско украсување или пак вртена саја, поради широката раскроеост (развртена) на градите. Некои податоци упатуваат дека во Пијанец покрај црната се носела и сина саја украсена со жолти ширити. Во ладните зимски денови наместо сајата се носел и шајак - горна зимска облека со слични кројни карактеристики како сајата.[1] И во овој предел се носело црно волнено џубе, како празнична и невестинска облека.[2] Тоа бил скроено од стан, поли, бочници и алтици под мишките и се носело до Втора светска војна и тоа само врз сајата, никако врз ентеријата. Невестите го носеле џубето дури и во лето, се до завршувањето на жетвата.

Ентеријата, сајата и шајакот се опашувале со четворно ткаен појас. Тој имал должина од 2,5 до 3,5 метри и се носел превиткан три до четири пати. Се носеле три вида скутини: скутач или правошарка - лито ткаен од волна, со прави вткаени шарки, фута - ткаена на памучна основа со волнен јаток и Фута четворна (правошарка) - четворно ткаена од волна. Сите скутини се состоеле од две вертикално сошиени дипли (страчки) со врвци за врзување. Дебелината на ткаенината одредувала со која облека ќе се носи: тенкиот скутач - со ентерија и саја а подебелите фути - со шајак и џубе. Понекогаш се носеле комбинирано - фута како долна и скутач како горна облека, при што едниот крај од скутачот се подигал и вметнувал во појасот за да се видат шарките на футата.[1]

Меѓу горните облеки, посебно место заземало минтанчето — допојасна облека од црно кадифе, со црвени детали, преклопена напред и закопчана на левото рамо. Оваа облека која го покривала  градниот дел, се носела под богато украсената саја, создавала елегантен и впечатлив изглед на носијата, што претставува контраст на рустичниот стил. Естетиката на носијата била видлива и преку скутината фута ткаена од фино волно, со вткаени карирани мотиви во хармонични бои: црна, бордо, кафеава, со зелени и жолти акценти. Истата колористичка гама се следела и во орнаментите на чорапите. На целиот хармоничен изглед на носијата се надоврзувала и црвената свилена шамија дувале.[3] Дувалето или дуалешата била предиплена по дијагонала и краевите се провлекувале под косата и се врзувале во кукол, кључец. Како прекривка за глава се јавувал и кушак рескалија - црна памучна шамија со реси, со која се забрадувале во време на жалост сите возрасти, и млади и стари.

Пафти од женската носија од Пијанец - НУ Музеј на Македонија

Огрлица или градник, била секојдневна облека која се носела на градниот дел од кошулата. Се правел од кадифе во темна боја и бил набран со набори брчкуље. Наместо градникот се носело и дорамче - вид елече од кадифе (често темносино), без ракави, со кружен изрез околу вратот. Ентеријата или антеријата, била секојдневна безракавна облека, долга до нозете, отворена напред по цела должина. Се правела од тенка волнена ткаенина и била скроена од стан, поли и бочни страни, со триаголно парче ткаенина (кутре) за поголема ширина. Се носела врз кошулата цела година. За празници, врз неа ставале саја или втора ентерија. Опинците биле направени од свинска или говедска кожа.

Овие облеки биле носени подеднакво од сите возрасни групи, освен од децата под пет години. Разлики во носијата имало во нијансите на бојата: помладите жени (девојки и невести) носеле посветли тонови, додека постарите жени – потемни. Празничната, а особено невестинската носија, била дополнета со разни украсни елементи, како: украсни крпи поставени над скутината, колан од мониста со пафти врз појасот, копче-игла за градите, затилници (ушници) прикачени за марамата на тилот и ѓердан од метални парички околу вратот.[1]

Машката носија

Машката пијанечка носија припаѓа на источните типови машки носии, пред се поради темниот клашнен материјал.[4] За разлика од женската носија, таа била поедноставна, со помал број облеки за облекување.[1] Мажите во пределот Пијанец и рударскиот предел околу с. Саса носеле бела платнена кошула со црни „кенари“ по ширината на платното, што била долга до над колената.[5] Таа била туниковидна и имала специфичен крој, без јака, со закопчување на рамениот дел од левата страна налик на руска рубашка и вертикални везени украси со црн конец што ја прави многу уникатна меѓу машките кошули.[3] Ја носеле секогаш вовлечена во потурите.[1] Над неа се носело елек „џелепка“ од пругаста алаџа, со црни, зелени, темно бордо и црвени пруги.[5] Џелепката или џелетката која исто така отстапувала од традиционалниот крој се носела во летниот период, додека во зимскиот се носела горна облека со долги ракави, наречен елек гајтанлија.[4] Била скроена од грб и предници, а на левата страна имало хоризонтално поставен џеб со украсно крпче, со краеви богато украсени со вез и тантела. Во зима под елекот, наместо џелепката се носела долама - горна потпојасна облека без ракави, направена од валана клашна брдница.[1]

Половината се опашувала со волнен појас, кој бил или ткаен во каро-комбинации на црвена основа, или со прави шари на црна основа за постарите мажи.[5] Тој бил исклучително широк и на двата краја имал реси.[1] Се украсувал со долгнавести крпи - презрачница или рачник и врз него се препашувал кожен ремен. На големите селски собори, мажите го одредувале темпото на орото со презрачница во раката.[4]

На нозете се носеле кафеави/црни шајачки потури, припиени за нозете и украсени со црни гајтани (потури гајтанлии).[5] Тие биле скроени од седло и ногавици со капаци и поради практични причини имале ист крој од двете страни. Се врзувале со гашник усучен од волнена преѓа.[1] На нозете носеле бели волнени чорапи, а на главата се носела шубара од јагнешка кожа носена и во најжешките летни месеци.[5] Постоеле два вида црни капи: шапка - рамна шубара чијшто врв е вовлечен навнатре и висока шубара со врвот издигнат нагоре.[1]

Наводи

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 Видиниќ, Горданче (2022). „Народната носија од областа Пијанец – Делчевско“. Зборник Етнологија. 5: 9–25.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Етнолошко Поднебје на Македонија - Народни носии во Средна и Источна Македонија“.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 145–147. ISBN 9989-48-584-4.
  4. 4,0 4,1 4,2 Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 198. ISBN 978-608-65803-2-2.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 „Македонски Народни Носии I - Ѓорѓи Здравев (стр. 161)“.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya