Носии од Славиште

Празнична носија од село Жидилово, Кривопаланечко

Носијата во Источниот дел на Славиште се одделува од останатиот дел на славишката котлина по својата форма, кројни елементи, начинот на украсување и колорит.[1]

Женска носија во Етномузејот во с. Подмочани

Женската носија

Во селата околу Крива Паланка, означени во народот како Источен дел на Славиште, женската носија се одликува со карактеристични белези на шопските носии - рамно кроена бела платнена кошула и шајак од црна клашна, долг до под колена, со куси ракави, украсен на градите и на ракавите со апликации од волнени гајтани и срма.[2]

Славишката женска носија претставува посебна варијанта на носија, иако се видливи сличности со ќустендилските носии. Кошулата била изработена од конопно или памучно платно со кенари и била украсена со специфична везба од геометризирани вегетабилно-флорални мотиви, организирани во таканаречени бемки, што претставува очигледно турско-ориентално влијание. Кај поновите варијанти на кошули отсуствувале везбените украси на долниот дел и долниот дел на ракавите, и наместо нив, ракавите и долниот дел биле украсени со бели рачно плетени тантели, многу слични на оние кај женските кошули од Црна Трава во соседна Србија. Специфичен елемент кај оваа носија претставувал горниот дел наречен саја, шајак или казмира — направен од црн шајак или индустриска ткаенина кашмир, долг до колена, со кратки ракави до лактите. Оваа облека била богато декорирана на градниот дел и ракавите со сребрени и златни гајтани, како и со богат терзиски вез.[3]

Појасот е од волнена и конопна, пругасто - шарена ткаенина, а скутината означена како скутача е украсена со ситни шарки, меѓу кои има и китки од срмени конци. Зимска и празнична облека е безракавно џубе, долго до колена, од црна клашна, со украси од гајтани и срма.[2][4] Невестинската скутина или скутача била ткаена во прави хоризонтални редови создавајќи визуелна хармонија. Чорапите биле плетени на црвена основа со дискретни орнаменти, а рустичниот појасот бил ткаен со напречни шарки од една двојно предиплена дипла - карактеристика што била присутна во сите шопските носии, вклучувајќи ги и оние од Средновардарската етнографска подгрупа. Како посебен детал во оваа носија се среќавала забрадката, која претставувала бела платнена или свилена шамија, чии рабови биле декорирани со рачно плетени ојки или сорки.[3]

Машката носија

Кај машката носија од Славиште преовладуваат облеки типични за Западниот дел на регионот, кои носат јасни шопска карактеристики.[3]

Мажите од овој предел носеле бела платнена кошула од памук или коноп, носена вовлечена во чаширите кои биле направени од црн или кафеав шајак. Над кошулата се носело елек кој бил долг до појасот и ткаен од кафеав шајак со црни гајтани околу предните рабови и тие околу вратот, а над сета горна облека се носело доламка од кафеав шајак со долги ракави.

Околу половината се носело појас од црвена волнена преѓа со вркстени шарки, на нозете носеле волнени чорапи со „алова“ црвена основа целосно покриена со шари. На главата се носело шубара која за младоженците била китена со синџир на кој биле прикачени сребрени пари со китка шишмир. Младоженците исто така носеле јашмак, вид на горна облека китена со шишмир, а сточарите носеле кушљак од дебел кафеав шајак (носена само од возрасните мажи).[1]

Наводи

  1. 1,0 1,1 „Македонски Народни Носии I - Ѓорѓи Здравев“.
  2. 2,0 2,1 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 155. ISBN 9989-649-25-1.
  3. 3,0 3,1 3,2 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 141–142. ISBN 9989-48-584-4.
  4. Народни носии од Средна и Источна Македонија, Посетено на 2023-06-16

Надворешни врски

Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya