Народни носии од Воденско и МегленскоНародните носии од Воденско, Негушко и Мегленско се надоврзуваат на носиите носени во Пазарско (Ениџе - Вардарско).[1] Истите биле носени во околијата на Воденско, Негушко (Сланица) и Мегленско (Македонски и Влахомеглен), денеска во Егејска Македонија. Носии од Мегленско![]() Женската носијаВо минатото, пределот Меглен претставувал крстосница на различни етнички простори и главно се граничел со Мариово и градот Воден. Старите носии што се носеле до XIX век биле напуштени релативно рано, при што само неколку села или одделни жители останале доследни на традиционалната облековна култура. Карактеристично за Меглен е што украсната декорација на кошулите се изведувала со техника на ткаење — појава што претставува реткост во многу предели на Македонија.[2] Во овој предел, жените носеле кошула, сагија, шајак, долама и прегач. Некои од овие облеки биле застапени и кај мегленските власи. До крајот на XIX век невестите носеле на главата и сокај во вид на ќесе за плетенките до косата, везено со свила, а над челото се носела везена лента тн. „таркма“. Меѓутоа, под влијанието на воденската градска носија, традиционалните делови од женската мегленска носија од рано почнала да се заменува со градски облеки од фабричкиот материјал „свита“, и тоа либаде, ќундугун, болка, идр.[3] Основен дел на невестинската носија од почетокот на 20-ти век била кошулата, под чии ракави се носеле плетени ракавки. Како горна облека, невестите ја облекувале сагијата која се стегала со појас наречен пујас или кимер. На предниот дел од телото се носела скутина, позната како пригач, а преку неа се носеле пафти — локално познати како плочи — кои се прицврстувале со колан. Градниот дел бил украсен со ѓердан со синџири, наречен ќустек. Од горна облека се носел илек (елек), но во некои села во Меглен, дури и во подоцнежни години, покрај новоприфатената градска мода, сè уште се носеле и традиционалните горни облеки познати како сукарди. Косата се плетела во една плетенка, наречена пашка, а на челото се извивале витици и цулуфи. Главата се покривала со шамија во зелена нијанса. На нозете се носеле волнени чурапи и чели.[2] Машката носијаМашката носија од мегленско се надоврзува на носиите од западните предели на јужна Македонија. Непосредно до телото мажите облекувале бела шајачна аба со ракави, соединети во долниот дел со плетени нараквици до китката. Над неа носеле китèна кошỳла сошиена од повеќе бочници, како и платнени гаќи. Другите делови од носијата изработени од шајак се шалвари, елек (за летото), шајак „шајач“ (за зимата), и ногавици „ѕифри“, кои со врвки се придржувале за појасот, а под колената се стегнувале со тн „подвèски“. Подоцна влегле во употреба и памучни ногавици, познати како „берски ѕифри“. На главата во турско време носеле фес. Во машката сточарска носија била застапена и гуна со ќулавка за главата тн. „капỳчка“.[3] Носии од ВоденскоМашката носијаСо значителни разлики во декорацијата, оваа машка носија (долуспомнатата мегленска) се прострала и во другите предели околу Воден.[3] Женската носијаТрадиционалната женска носија од околината на Воден се одделува со своите специфичности, а најдолго се одржала во десетина села североисточно од Негуш. До крајот на XIX век, традиционалната селска носија во тие села целосно била заменета со градската облека од Воден.Карактеристични делови од оваа носија се кошула, тн. „кават“, сагија за летно време и шаек (шајак) за зимно време. Специфичност на кошулата е масивната ткаена декорација од дебела црвена волна во долниот дел.[3] Ракавите на кошулата, биле посебно впечатливи поради украсите во долниот дел (квадрати) - складно организирани геометриски форми во систем на килимска декорација.[1] Во минатото, градот Воден бил важен индустриски центар за производство на свила коприна, особено прочуен по свилата стофа. Се смета дека богатите трговци, кои најчесто тргувале со Виена, ја донеле и современата женска мода во градот. Оваа мода постепено се проширила и во околните села, а подоцна и во соседниот регион Меглен.[2] Горна облека „кават“ со долги ракави е изработена од индустриска материја, а сагијата со куси ракави е изработена од бело домашно платно. Двете предни поли на сагијата, која се облекува над сите облеки, се завратуваат наназад и затоа од внатрешната страна се поставени со апликации од црвено платно. Во празнични денови скутината „прегач“, која се правела од една дипла (од две дипли понатаму), се китела со сребрени пафти, а на градите со токи (трореден метален накит). Како и кај другите јужномакедонски носии, и тука е карактеристично невестинското покривање на главата кое се состои од пирамидална капа тн. „калпак“, од внатрешната страна оформена од три мали штички, потоа везена лента „тракма“ и голема квадратна везена марама „чембер“, која паѓа на грбот.[3] Носијата за млада невеста од почетокот на 20-тиот век се состоела од кенарна кошула су кенијна, врз која се носела фуста, а потоа и свилен фустан направен од прочуената свилена ткаенина - стофа. На градниот дел се поставувала памучна крагна огрлија, украсена со тантели кенијна, а под ракавите се носеле ракавки украсени на ист начин. На предниот дел се препашувала скутина наречена пригач уд стофа, а половината се стегала со пујас уд стофа. Како горна облека се носеле кратка крзнена облека, позната како кундугун, или долга крзнена облека наречена боука. Невестите се украсувале со бисерни ѓердани и златни монети, како дубла, кастрена и форлини. Косата се разделувала на п'тец и се плетела во две пашки (плетенки). Главата се покривала со свилена марама наречена парланта или со плитка овална капа, врз која бил пришиен т'пл'к и била завиткана со памучна шамија. Посебно значење имало украсувањето со природно и вештачко цвеќе – невестите си качеле (кителе) со малока и перца. На нозете се носеле чурапи и чејли.[2] Носии од НегушкоЖенската носијаНосијата што се носела во пределот Негушко или Његушко ги опфаќала и селата што административно припаѓале на Воденската околија и на Ениџевардарско. Женската традиционална облека била напуштена рано, а веќе во текот на 20-ти век започнала да се прифаќа градската мода. Маж и жени во носии од с. Пископија, Сланица Основен дел од носијата била кошулата со нагласени големи орнаментирани бојови на долниот дел. Над неа се облекувал илек со ракави, а врз обете облеки се носела темносина горна облека изработена од клашна - шајак. Половината се стегала со пујас, а на предниот дел се носела скутина позната како пригач, која дополнително се украсувала со метални пафти наречени плочи. Невестите носеле накит, најчесто бисерен ѓердан и сребрено копче. Косата се плетела во една плетенка, а главата најпрво се покривала со калпак што се прицврстувал со подбрадник. Над калпакот се врзувала везена преврска или украсна преврска со метални парички. Целиот украсен дел бил покриен со крпа за глава наречена решетарка, на која под брадата се прикачувал костек. Покривката често била украсена со природни цветови и перца. На нозете се носеле волнени чурапе и чејли.[2] Галерија
Наводи
Надворешни врски |
Portal di Ensiklopedia Dunia