Носии од Малешево

Маж и жена во носии од с. Црник, Малешевијата (1916)

Носиите од Малешево биле носени во Шопско-Македонската етнографска целина - Малешевијата, денеска во териториите на општините Берово и Пехчево (со исклучок на селото Панчарево). Тие вклучувале облековни делови типични за шопскиот стил, комбиниран со елементи од градската мода. Основните компоненти биле облеки направени од шајачни ткаенини во темни бои, како и пругастите материјали алаџа и антерија.[1]

Женската носија

Женскиот рувет се состоел од бела памучна кошула, долга до средината на листовите и украсена со везови, антерија изработена од домашна ткаенина „алаџа“ со црвени, зелени и црни пруги, фустан исто така направен од „алаџа“, долг до под колена и украсен со пруги на црвена основа.[2] Од почетокот на 20-ти век, везовите на кошулата постепено исчезнале, а антеријата била заменета со фустан антериов, кој имал различен крој и стил на украсување[3] Ова било последица на влијанијата од градската мода, поради кои и самиот фустан (антериов), добил европски крој. Истото се забележува и кај еднобојните френски чорапи.[1]

Невестинска носија од Малешево

Над него се носело појас од волнена преѓа, сличен на машкиот, но потесен, пократок и „препашан на дипли“. Исто така носеле скутина „фута“, ткаена од тенка волнена преѓа од кои има фута со прави шарки и фута со тн. „влашки шар“, од кои најзастапен вид бил првиот вид.[2] Футата како облековен елемент, најдолго се задржала кај некогашната традиционална носија.

Во Малешевијата задолжителни биле белите дискретно везени крпи, кои се носеле вденати во појасот и имале и практична и украсна улога.[1] За оваа носија карактеристична е и сајата со долги ракави, која имала должина речиси колку и кошулата и скромно везени бордури. Истата се среќавала и во Пијанец, Долните села и Горешните кочански села.[4]

На нозете носеле црвени/винести (боја) чорапи ткаени од преѓа, долги до под колена, а на главата се носело платнена шамија (тн. „мумлија“) – бела за млади моми, а црна за постари жени. Исто така жените носеле фес за време на празници.[2]

Машката носија

Машката носија била составена од минтан (долна допојасна облека) направен од пругаста волнена домашна ткаенина „алаџа“ (вертикални сино-бели пруги), бела памучна кошула „френска“, носена вовлечена во потурите, потури (наликуваат на бечви) од црн/син шајак, украсени со црни гајтани по рабовите и на долниот дел на ногавиците (секојдневни потури имале 4 гајтани, а празнични имале повеќе), појас ткаен од волнена преѓа на морова основа, долама од шајак, долга до колената и носена во летно време, а старите мажи носеле црно џубе од јагнешка кожа, либаде (допојасна облека) од црна јагнешка кожа носена во зимно време, чорапи од бела преѓа, високи над глуждовите.[2]

Кошулата понекогаш била изработена и од копринено платно. Терминот френска јасно ги потенцира влијанијата на градската мода во селските средини, што понатаму придонело за постепено напуштање на народната носија. Преку градската култура биле воведени и потурите, слични на оние во Пијанец. Оваа турско-ориентална облека била поврзана со развојот на занаетчиско-трговските центри, што се гледа и во соседните бугарски региони каде се носеле црните носии.[1]

Старите луѓе носеле големи рунтави капи „гугли“ издигнати со врв, а младите носеле помали капи во вид на фес.[2]

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 147–150. ISBN 9989-48-584-4.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Здравев, Ѓорѓи (1996). „Македонски Народни Носии I“. Скопје: МАТИЦА МАКЕДОНСКА. стр. 164, 165 и 166.
  3. Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 156. ISBN 9989-649-25-1.
  4. Крстева, Ангелина (1998). „За некои развојни фази на Шопските носии во Македонија“. Balcanoslavica. 25: 93–111.

Надворешни слики

Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya