Народна носија на Мрваците

Мажи во носии од с. Горно Броди, Мрвачко
Бегалци во носии од с. Горно Броди, Мрвачко
Селани, каде жените се во носии од с. Баница, Мрвачко

Народна носија на Мрвацитенародна носија на македонската етнографска група Мрваци, од историско-географската област Мрвачко во североисточна Егејска и јужна Пиринска Македонија, денес во Грција и Бугарија.

Машка носија

Машката носија во Мрвачко кон крајот на XIX век била речиси скоро еднаква во сите села од овој планински крај, при што кај горните делови од облеката, односно кај клашникот и каркот, преовладувале темните, од кои претежно се среќава црната и темнокафеавата.

Според записите на К’нчов, најкарактеристичен дел од мрвашката машка облека бил долгиот безракавен црн клашник со сини гајтани кој достигнувал до глуждовите. Овој клашник се носел во зима и припаѓал на зимската носија. Во оваа носија припаѓала и кошулата, која била пократка и се носела со вовлечени поли во гаќите. Над неа се носел пругаст волнен елек во црвена боја, опточен со црни и сини гајтани. Во истиот состав среќаваме и кожен силав, кој се опашувал над појасот. Црвените волнени тозлуци биле декорирани со црни гајтани и се носеле од глуждовите до колената.

Летната машка носија се состоела од платнена бела кошула, чии поли виселе слободно пуштени врз гаќите со долги ногавици, бели волнени чорапи, врз кои, од глуждови до колена, се облекувале украсени тозлуци од шајак, црвен волнен појас и безракавен волнен елек во црвена боја со пруги. На главата носеле цилиндрична шубара.

За постари елементи на оваа носија се сметаат белите ѕиври од шајак, кои биле украсени со гајтани, појасот од крута волна со геометриска декорација и црните волнени шалвари со должина до колена, кои се носеле во зима.

Во селата Корница, Л’жница, Брезница и околината, како посебна варијанта на носијата се смета празничната носија за млади мажи. Таа била составена од темносини шалвари од шајак, скроени како потури со тесни ногавици и темносини гајтани по рабовите. Горе носеле црвен волнен елек, богато украсен со црни гајтани.[1] Каркот бил исто така горна облека, но бил покус од клашникот и имал ракави, а по рабовите бил украсуван со црни гајтани. Црвениот широк појас се опашувал со кожен колан, и на главата се носела шубара, накитена со монистра и цветови.

Носијата од големото валовишко село Крчово била карактеристична по тоа што, кај нејзе, за разлика од останатите носии од овој регион, доминирала белата боја.

Женската носија

К’нчов ни оставил опис и на женската носија од мрвачките села, а особено внимание тој и посветил на женската носија од селата Горно Броди и Гајтаниново. Полите на долгите бели памучни кошули биле украсувани со везови со доминантна црвена боја, но во некои села кошулите често биле и без украсни везови. За оваа појава објаснување ни дава К’нчов, соопштувајќи ни дека според одлуката на селската општина во Гајтаниново било забрането девојките да ги украсуваат кошулите со вез, бидејки според толкувањето на  селаните, на една девојка и биле потребни две до три години повремена работа за да навезе 10-15 кошули.

Изоставувањето на везот особено станува честа појава во периодот на подемот на авторитетот на Македонската револуционерна организација, кога раководителите на Серскиот револуционерен округ, предводени од Јане Сандански и Тодор Паница им наредиле на селаните средствата наменети за украсување на облеката да бидат искористувани за попрагматични цели. Жените и девојките што не ја почитувале оваа одлука на организацијата биле казнувани на тој начин што везените поли и ракави на кошулите им биле расцепувани, па што постојат и регистрирани лични сведоштва.

Освен памучните кошули, според постари информации, се носеле и ленени кошули, но кон крајот на XIX век, тие целосно биле заменети со памучните. Од постанатите делови на мрвачката женска носија треба да се издвојат и антеријата тн. „шутак, к’сак“ и клашникот. Антеријата во Мрвачко била изработена од црн купен памучен материјал и долга е до листовите, а по рабовите е украсена со гајтани во светли бои. Клашникот е сличен на претходната наметка, само што е без ракави, малку е пократок и се кроел од дебел црн домашно изработен шајак тн. „гриш“. Невестинскиот клашник е многу поукрасен, и тоа со 9-12 реда гајтани, кој освен на свадба се носел на големи празници.

Жени во носии од с. Баница, Мрвачко

Кај појасите и скутините „ихрами“, што ги носеле мрвачките жени, доминирала црвената боја. Скутникот бил тесен, изработен од една дипла, со широчина од околу 40см, а должината му достигала ддо полите на кошулата. Чорапите „калцуни“ биле плетени од бела волнена преѓа и достигале до колената. Лете обовале шајачни црни „тузлуци“ и плетени „калами“, кои биле без стапало. Преку летото, покрај опинците „ц’рвули“, често оделе и боси, а зиме и на празник носеле и обувки „папуци“, кои биле купени од пазарот во Сер или некој друг град. Главата ја забрадувале со купени шамии во разни бои, во зависност од возраста. На празници и во други свечени прилики мрвачките жени се украсувале со разен сребрен и златен накит: разни низи до пари – „шија“, пафти, прстени, обетки, гривни, и сл.

На женската мрвачка носија посебно внимание и посветиле и некои бугарски етнолози, а некои од нив се обиделе и да ја класифицираат како варијанта на сајачниот тип женски носии, која ја идентификуваат со називот „неврокопско-серска“.

Литература

  • Зоранчо Малинов: Етнографската група Мрваци, „Етнолог“, бр. 12-13, Скопје, 2009, стр. 40-53.

Галерија

  1. Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 170–171. ISBN 9989-48-584-4.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya