Народни носии од Тиквеш

Тиквешките народни носии се дел од материјалната култура на Тиквешани и претставуваат репрезентативен дел од народното уметничко творештво. Во оформувањето на народните носии од Тиквеш, освен културно-историските прилики и творечкиот дух на народот, големо значење имале и географско-природните карактеристики на тиквешкиот регион кои ги определувале условите на стопанството и културата на населението.[1]

Тиквешката женска и машка носија припаѓаат на средновардарскиот вариетет на народни носии кој е во состав во источномакедонскиот тип носии. Овие две носии се преоден тип и се надоврзуваат со носиите од Велешко и Гевгелиско.[1] Според опсервациите на Ѓорче Петров, во Тиквешијата, под влијание на Солун, рано започнало напуштањето на традиционалните форми на облекување, и како и во многу други региони на Македонија, оваа носија била на пат да исчезне.[2]

*Забелешка: Во одредени предели (на пр. Неготинско), жените имаат облековни елементи слични, ако не исти со тие од мариовскиот крај

Селани во носии од с. Ракле, Раец (почеток на ХХ век)

Женската носија

Тиквешката летна невестинска носија се состои од: кошула од бело ткаено памучно платно со декоративен вез „шуто лозена“ и „крстои“, ткаен волнен тесен појас украсен со прави напречни шарки, ткаена волнена бочва „скутале“ (зорт бочва) украсена со каро шарки, ткаено памучно палто „саѓија“, плетени волнени чорапи, плетени волнени подлактици и ткаена памучна крпа „турбан“ за на глава. На градите невестата носи гердан-врвца со нанижени пари. Карактеристичен облековен елемент на летната невестинска носија е китениот фустан „вртешка“ изработен со ткаење на шарена волнена преѓа. Зимски женски облековен елемент е горно палто „гунка“ од ткаена волнена преѓа.[1] Кај женската облека, слично како во северните села околу Велес, уште кон крајот на 19-ти век се забележува влијание од градската мода. Заради својот поедноставен, урбан изглед, Мариовците – познати по нивната нагласено селска носија – со иронија ги нарекувале Тиквешани: „Пуста Тиквешија, пуста голотија“.[2]

Машката носија

Германски војници и мажот во средина, кој бил облечен во носија од с. Мал Радобил, Раец (1917)

Тиквешката машка летна носија се состои од: кошула од бело ткаено памучно платно, ткаен широк волнен појас „колан“ украсен со прави и каро шарки, набрано здолниште фуста (фустан) од бело ткаено волнено платно, долни машки гаќи од бело ткаено памучно платно, плетени волнени чорапи и памучно палто „сагија“. Фустанот како највпечатлив дел од оваа носија, бил од типот тосканска фустанела и според Ѓорче Петров, бил најдолг и имал најголем број клинови, во споредба со останатите фустани од регионот.[2] Карактеристичен облековен елемент на машката летна носија е ткаена волнена скутина - вута, украсена со прави хоризонтални шарки, која се носи само кога се работи во поле. Зимски машки облековен елемент е горно палто „антерија“ од ткаена волнена преѓа со темен колорит.[1]

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Етнолошки предмети од Тиквешијата. Кавадарци: РО Музеј-Галерија Кавадарци. 2005. стр. 18 и 19. ISBN 9989-2432-1-2.
  2. 2,0 2,1 2,2 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 130–131. ISBN 9989-48-584-4.

Надворешни Врски

Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya