Носии од Радовишки Шоплук![]() Носиите од Радовишки Шоплук, биле носени од населението во селата на југозападниот дел на планината Плачковица: Козбунар, Ново Село, Шипковица, Шаинташ, Штурово и Вртешка се издвојува со поинакви облеки и поинаков начин на украсување.[1] Женска носијаКако резултат на географската издвоеност, женската носија во Радовишки Шоплук се оформила како посебна варијанта, различна од носијата во матичната шопска област.[2] Кошулата на женската носија е украсена со везбени мотиви, под влијание на везовите од соседниот предел Радовишко Поле, така што и ова украсување во народот е означено како полско везмо.[1] Нејзините ракави завршувале со манжетни, познати како рокли, а декорацијата полско везено, била преземена од носијата на соседните пољци од Радовишко Поле.[2] Врз кошулата се облекувало кусо допојасно кошулче.[3] Горна облека е фустанот (ф'стан) од пругасто - шарена волнена ткаенина, составен од горен тесен, безракавен дел, и широк, со многу набори, долен дел.[1] Фустанот бил наречен антерија или интерија. Во селото Вртешка, самата облека се нарекувала антерија. Овој фустан најмногу личи на пијанечкиот тип, поради неговите составни делови - тесниот горен дел, наречен надавок и широкото здолниште со набори, познати како бркуљки.[2] На градниот дел се носела манта, накитена со позамантериски материјали.[3] На половината се опашува ткаен волнен појас кемер и ткаена волнена декоративно орнаментирана скутина скутач.[1] Скутината била наречена уште и како скутач кркулиците.Таа се украсувала со крпа, врз која се носел коланче сос пафти, додека поимотното население носело кован поес.[3] Во празничниот состав на носијата жените носат по два - три фустана еден врз друг, со што посебно се зголемува широчината на долниот дел, како и џубе од црна дебела волнена ткаенина, со украси од волнени и срмени гајтани, коешто во исто време е облека и за невести.[1] Еден од учесниците во обредната игра Џамала, во улогата на баба, носел износено џубе наопаку.[2] Бројни украси од монистра ја дополнуваат празничната носија на жените од овој предел.[1] Како накит се носеле мали пафти, копче и герданче. Косата се заплетувала во плетенки. Омажените жени и младите невести на предниот дел од косата крателе шишки, познати и како кркми, со што јасно бил видлив нивниот статус на омажена жена. На главата носеле свилена индустриска шамија со големи реси, која локално била позната како штипски каврак. На нозете невестите носеле чорапи и опинци.[3] Машка носијаМажите во оваа шопска оаза носеле бела платнена кошула, долга до под-појасот и вовлечена во потурите. Припиени за телото се носеле бели платнени гаќи кои биле долги до глуждовите. Над кошулата се носело безракавно елече од пругаста ткаенина „интерија“, а половината се опашувала со црвен волнен појас везан со хоризонрални шарки. Сточарите над се носеле долама од волнено-козинена ткаенина (кафеава „сура“ боја), долга до под колена и со куси ракави до лактите. На нозете носеле потури од црн или кафеав шајак, носени над гаќите, со сличен крој како истите. Исто така носеле црвени чорапи, долги до под колена и навезени со „кола“, а младите мажи носеле вид клашнени подколеници „калчиња“. Над чорапите носеле пинци од свинска или говедска кожа, а на главата носеле „каскета“, која била китена за младоженците со „китка“ од 6 метални монети.[4] Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia