Носии од Радовишко Поле и Струмичко Поле![]() Народните носии од Радовишко и Струмичко поле биле носени во Струмичко поле и во Радовишко поле, заедно со радовишкиот дел од Лакавица. Женска носијаЖенската носија од рамничарскиот предел Радовишко Поле, која со незначителни разлики се јавува и во соседното Струмичко Поле, е лесна, главно од платнени облеки - кошула и саја, украсени со везбени мотиви, врз кои на половината се опашува волнен појас и ткаен прегач, од кој како најубав се издвојува с’нце прегач.[1] Белата ленена кошула била долга до средината на листовите, украсена со вез во техника „крсчиња“ на јаката, манжетните и рабовите на полите. Долниот дел кај некои кошули имал ткаен украс - ткаен шар или шар на разбој, со геометриски, флорални, а поретко и антропоморфни мотиви — единствени од ваков вид во македонската народна носија. Специфична била и декорацијата на долниот раб на кошулите од рачно плетени тантели - киниња и вплетени монистра и пулови. Под ракавите од кошулата се носеле ракавчиња од индустриска свила украсени со ширити и пулови. Платнената саја која се облекувала над кошулата, имала долги ракави и била долга колку и кошулата. Таа била однапред расечена, со ист вид вез и карактеристично се носела со предните поли свртени наназад, слично на саите од Струмо-местанските носии и носиите од Јужномакедонската етнографска целина. Токму од овие причини, оваа носија може да се смета како нивна преодна варијанта. Волнениот појас бил направен од една предиплена дипла и бил декориран со лито ткаени напречни шарки. Во лето се облекувало елече од кадифе, а горната облека — долг елек од алаџа, полнет со памук, бил речиси идентичен со оној од Овче Поле. За свечени прилики, младите невести над тоа носеле саја со поли спуштени над елекот. Зимската антерија, се изработувала од волнена ткаенина или куповен материјал со пруги, најчесто од терзии од Струмица. Антериите за младите жени и девојки биле во пруги на црвена основа, а за постарите жени на црна основа. Овој елемент исчезнал од женската носија меѓу двете светски војни. Чорапите биле од волнена преѓа, декорирани со хоризонтални појаси со орнаменти. Главата се забрадувала со свилена шамија, украсена со ширити, тантели и монистра. Од накит се носел сребрен колан со сребрени пафти, а жените носеле и повеќе редови гердани од монистра. Побогатите девојки носеле и низалка со лири и дукати.[2] Носијата за млада невеста од Огражден (Струмичко Поле) од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век била карактеристична по кусата допојасна облека наречена а’шлк врз кој се облекувала кошула, која во задниот дел била украсена со поли или бенки. Меѓу највпечатливите модели на кошули се издвојувале таканаречените три тавра и поуново перо. Скутината с’нце прегач дополнително се украсувала со риза, а особено се истакнувала чупканата риза поради нејзината декоративност. Чешлањето на косата било на патец, при што косата била сплетена во една плетенка наречена косланка. Главата била забрадена со бела крпа или волнена шамија. Невестата на нозете носела чурапе и кундури.[3] Машка носија![]() Во машката носија, освен кошулата и гаќите од дебело платно, се носи карактеристично широко набрано, платнено долниште фустан и елече од пругасто шарена волнена ткаенина, а покривката за глава е ткаена декоративно орнаментирана крпа. Во составот на празничната носија на младите мажи влегуваат калчини - ногавици од бел шајак со аплицирани украсни црни гајтани. Кошулата била украсена со вез на јаката, на градите - кршалкот и на манжетните со рокли. Празничната верзија на кошулата била поширока и била богато извезена долж ракавите. И секојдневната и свечената кошула се носеле пуштени преку белите ленени гаќи со долги ногавици.[2] ![]() Носијата наменета за младоженците наречена зетоска е најдекоративна и најбогато украсена, а поодделните облеки од нејзиниот состав носат назив бовчалски зашто се добиваат како дар од невестата. Оваа лесна носија составена од повеќе бели платнени облеки со декоративни везбени мотиви во женската или богати дипли во машката носија, делува едноставно на складна со впечатливоста на елегантната усогласеност на белите платнени облеки, со дискретната разнобојност на украсувањето и оформувањето на поделните облеки во составот на носијата.[1] Кај машката носија, горниот дел го покривал краток елек без ракави, изработен од волнена алаџа ткаенина со црвена основа, обложен со платно и полнет со памук, украсен по рабовите со гајтани и ширити. Чорапите биле плетени од волна со геометриски мотиви - тркала или кола, слични на оние од Овче Поле. Во зима се носеле потури од црн или кафен шајак, со проширен горен дел и долги ногавици, стегнати со учкур. Секојдневните потури се пристегнувале со подвески, додека свечените биле тесни, украсени со гајтани. Се носеле и куси потури со беневреци — шајачни подколеници украсени со гајтани. Главата можела да биде покриена и со шубара од црна јагнешка кожа. Завршен белег на машката облека бил украсниот ќустек од монистра, кој се прикачувал на елекот или на појасот во свечени прилики.[2] Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia