Носии од Леринска Река![]() Носиите од Леринска Река — карактеристични за групата села Желево, Оштима, Трнеа и Руља, расположени југозападно од Лерин (во северниот дел на областа Корешта), во голема мерка се надоврзуваат на носијата од Долна Преспа.[1] Населението во Леринска Река било познато под името рекарци.[2] Машка носијаМажите од с. Желево и другите села од пределот Леринска река носеле безраквна ќурдија, од црна или темна сиво-сина клашна орнаментирана со син и розов вез на градниот дел. Пред оваа верзија, ќурдијата била кроена во бела боја до околу 1906 год.[3] Ќурдијата околу струкот се опашува со кожен ремен.[1] Кошулата била од бело памучно или конопно платно, била долга до колената, со широки ракави долги до лактите, и била навезана со син, розов, црн и лилав вез на работ на ракавите и на јаката. Помладите мажи на градите носеле метален ќустек.[3] На нозете носеле бечви кои биле тесни, но за полесно кроење постанале пошироки, а исто така носеле волнени чорапи, долги до колената и со богата орнаментација. Исто така носеле клашни, долги до колената, кои биле бели за младите, а црни за возрасните мажи. Клашните за зимата биле кроени долги до половината. Над чорапите носеле опинци од свинска или говедска кожа. На главата носеле крзнена капа, замената присилно со турскиот фес, но народот најчесто не носеле капи.[3] Женска носијаЖенската носија, која исто така го следи карактерот на долнопреспанската се состои од: бела платнена кошула, на ракавите и градите везена со полихромен вез, а на долниот околен дел со бел вез „чикме“; калци – вид плетени полуракави, богато орнаментирани што се носат од китката на рацете до лактите; волнен појас, ткаен на црна основа со напречни прави шарки; еднодиплена стутина „шарена фута“, ткаена на црвена основа со геометриска орнаментална декорација, од бочните страни и на долниот дел опточена со поткит од црвени волнени рески дискретно комбинирани со црни. Од горните облеки во овој состав влегуваат: саја од бел шајак, долга до колена, кроена со ракави до лактите, на предниот граден дел на ракавите богато извезена со геометризирани вегетабилни мотиви, со дополнителни украсни елементи – аплицирани парчиња од црвена ткаенина, и облеката „ресачка“ или „власеник“, долга до колена, од црна волнена ткаенина, по рабовите, на колковите и околу џеповите ефективно декорирана со оптока од црвени гајтани. Чорапите се плетени од волнена преѓа на сличен начин богато орнаментирани во духот на орнаментиката застапена кај калците. Главата се покрива со бела шамија „дулбен“ или со „шкепе“. Во минатото невестите на глава носеле капа со зашилен врв, наречена „булка“. Китењето и украсувањето се состои од украси за на гради и низи со нанижани сребрени пари, кои се користени и како украси врз скутината.[1] Младите невести од крајот на 19-ти век и почеток на 20-ти век, како основен дел од облеката носеле кошула, под која на пределот на градите ставале гушогашник, а под ракавите се облекувале калчини - еден вид на полуракави. Од горната облека се облекувал шаак, а на него се прикачувале кратки ракавчиња познати како кесици. Врз појасот напред, се редела скутина наречена ресена фута. Над неа, како украсен елемент, се преврзувала калемќарка, а врз неа се носеле два пара пафти. За време на невестинскиот период, врз целата оваа облека, невестите облекувале ресачка. Косата им била собрана во една плетенка, во која се вметнувало декоративно наплитче. Белата марама - дуљбен или дулбен, била внимателно и суптилно извезена на сите три агли. На нозете носеле алски чорапи, а пократките чорапи наречени калци биле носени само во лето. Од обувки најчесто се носеле кондури.[4] Галерија
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia