Носии од Овче ПолеНародната носија од Овче Поле се носела во големата пределска целина сместена во централна Македонија, зафаќајки делови од градовите Скопје, Велес, Свети Николе, Штип, Пробиштип, Кратово и Кочани.[1] Таа се надоврзува на носијата од Бабуна со сличен облековен состав, но со одредени разлики во оформувањето и украсувањето на одделните облеки.[2] Женска носијаВо женската носија кошулите се од бело домашно платно, со разнобојни пругасти шарки означени со народниот назив кенари, а на ракавите има разнобојни украсни тантели оји. Елекот, со широк ѕвонест долен дел, поетавен е со дебело конопно платно и со прошиени конци, и сиот е малку набран. Украсни оји се застапени и на другите делови на носијата. Околу половината се опашува тесно, декоративно, орнаментирано појасче - ѕуница и скутина - крпа, со вткаени пругасти и ситни геометриски шарки.[2] Кај носијата за млада невеста од овој регион бил присутен ситниот вез наречен „девојчиња“. Прво се облекувала роклата кошула врз која се облекувале повеќе кратки кошули или само ракави. Тие биле богато украсени со тантели наречена сорки. Во невестинскиот период, жените знаеле да носат и до седум пара ракави. Градниот дел бил покриен со ткаенина наречена манта. Како горен слој се носел ѕвонест елек од алаџа, богато украсен на грбот со волнен вез. Половината се стегнувала со појас наречен ѕуница, а врз него, на предната страна, се закитувал пешкир со краишта, преку кој се поставувала втора скутина наречена прав пешкир. Од накит, невестите носеле монистрен колан со пафти, ќустеци од монистра, а интересен детаљ биле и ткаените бришалки, закачени на појасот или џебот од горната облека. Како дополнителен горен слој се носело срмено елече. Косата се разделувала по средината и се плетела во една плетенка, во која се вплетувало коцле. Главата се покривала со свилена марама наречена каврак, врз која се ставал платнена крпа – бошча. Бошчата можела да биде украсена со ромбови (бошча со колја, за млади невести) или со едноставни линии (права бошча). На нозете облекувале чорапи и опинци.[1] ![]()
Машка носија![]() ![]() Платнените облеки во машката носија се од тенко платно кенарлија со кусо безракавно елече, преклопено на градите, ткаен, пругасто шарен, волнен појас, а машката скутина или скутача - вута е со тесни црно бели пруги и ситни геометриски шарки на долниот дел. Носијата е дополнета со повеќе ткаени крпи бришалки што се носат на појасот, префрлени преку рамењата и на главата. Основниот облековен елемент кај младите мажи била кошулата наречена „тоска“, со клинасто скроен долен дел. Таа била изработена од пругаста памучна кенарлија, а истиот материјал бил користен и за гаќите. Во рамки на летната машка носија се вклучувала и облеката фистан – еден вид здолниште проширено со многу клинови.[4] Половината се стегнувала со појас чија боја го условувала и неговото име: црн појас, алов појас или зејтинлија појас. Како горна облека се носел елек од пругаст материјал алаџа, а преку него, околу вратот, се префрлала украсена ткаена крпа – бришалка, збогатена со монистрен накит ќустек. На нозете имале волнени чорапи кои се држеле со ткаени ленти – подвески. Чорапите биле богато декорирани со геометриски мотиви - кола и се нарекувале колајлии чорапи. На нозете обувале опинци.[1] Специјална овчарска наметка е кунтеш од светлосива валана волнена ткаенина, со украсни црни гајтани и кожув од штавена овча кожа. Овие два вида облеки, отпорни на студ и влага, - придружувајќи го овчарот, биле постојан состав на носијата на сточарот како облеки, но во исто време и како постилачи и покривачи при спиење на отворено, па оттаму и констатацијата на народот - „овчар без кунтеш и кожув е како без куќа".[2] Во зимскиот состав влегувале и други сточарски облеки, како: Гуна од црн шајак што се носела на празници, Кусак со ќулавка од дебела волнена ткаенина – долг до колена, чакшири од дебел шајак украсени со црни гајтани по рабовите и тозлуци од сина или црвена клашна кои ретко се носеле и само кај одредени професии.[4]
Детска носија![]() Носијата кај женските деца се состои од: кошулче, елече, ѕуница и мало пешкирче, додека машките носат: гаќи, кошулче тоска, елече, појас, дури и колести чорапи.[3] Наводи
Надворешни врски |
Portal di Ensiklopedia Dunia