Прв устав на Македонската револуционерна организација

Дел од темата „Петар Поп Арсов
Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

Меѓу најзначајните настани во раното национално движење на Македонската револуционерна организација е пишувањето и подоцна издавањето на нејзиниот прв устав. Содржината на првиот устав на МРО е оспорена меѓу Македонската и Бугарската историографија. Во Македонија општоприфатено е дека првото име на организацијата е Македонската револуционерна организација. Додека пак во Бугарија некои историчари сметаат дека првото организационо име било Бугарски македонски-одрински револуционерни комитети (БМОРК).

Документот за БМОРК бил откриен околу 1961 година кога двете историографии пробале да откријат повеќе податоци за македонската организација. При неговото патување во Софија Иван Катарџиев добил пристап до уставот и подоцна го објавил во гласникот на Институтот за национална историја. Покрај тоа што Катарџиев бил првиот историчар да ја предложи теоријата дека првото име на организацијата била БМОРК, Катарџиев во истата статија признал „..податоците од мемоарската литература не се во согласност со содржината на членовите на тој „Устав““.[1]

Нема определен датум за кога бил издаден уставот, но најверојатно било после Јануарската средба но пред март 1894 година. Општоприфатено е во двете историографии дека авторот бил македонскиот револуционер Петар Поп Арсов и како основа го употребил уставот на Бугарскиот револуционерен централен комитет. Арсов го напишал уставот под наредба од Христо Татарчев заедно со неговата политичка брошура „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“.

Вовед

Страна од БМОРК со првите три члена.

После формирањето на македонска држава и нов комунистички режим во Бугарија никнале две нови национални историографии. Двете почнале да ја проучуваат нивната национална историја. Меѓу темите истражани била Македонската револуционерна организација, значаен дел во македонското национално и револуционерно движење. Македонскиот историчар Манол Пандевски забележал дека меѓу 1950-тите и 1960-тите имало во вид „трка“ за кои би открил повеќе податоци за организацијата.[2] Еден од главните теми во тоа време биле организационите устави.

Единствениот тогашен откриен устав бил на ВМОРО. Првиот напредок се појавил во 1955 година со целосното откривање и објавување на уставот на ТМОРО од страна на бугарскиот историчар Иван Поп Горов.[3] Горов го датирал уставот после Солунскиот конгрес во 1896 година. Околу тоа време при неговата посета во Софија, 1961 година. Македонскиот историчар и значен претставник на историографијата Иван Катарџиев барал дополнителни материјали за неговата следна книга. Во бугарските архиви тој открил претходно непознат устав кои наведува дека првото име на организацијата била БМОРК или Бугарски македонски-одрински револуционерни комитети. После откривањето Катарџиев се вратил во Скопје каде што ги објавил неговите откритија во статијата „Некој прашања за уставите и правилниците на ВМРО пред Илиденското востание“ во гласникот на Институтот за национална историја.

Во неговата статија Катарџиев предложил различни теории но неговата најзначајна е дека првото име на организацијата било БМОРК. Катарџиев дополнително додава дека уставот најверојатно бил во функција меѓу 1894 и сѐ до 1896 година со издавањето на уставот на ТМОРО. Според Катарџиев првиот устав бил изработен од Петар Поп Арсов додека првиот правилник во 1895 година бил изработен од Иван Хаџи Николов.[4] Во третиот член на уставот на БМОРК наведено е дека само Бугари можеле да бидат членови на организацијата. Некои историчари го толкуваат поимот „Бугари“ како религиозно т.е. припадници на Бугарската егзархија. Додека пак Катарџиев смета дека поимот бил употребен во етничка смисла.[5] Катарџиев дополнително тврди дека уставот меѓу ТМОРО и БМОРК се слични по самата градба.[6] Покрај тоа Катарџиев во статијата признал дека „..податоците од мемоарската литература не се во согласност со содржината на членовите на тој „Устав““.[1]

Гледишта

Македонски гледишта

„Го задолживме Поп Арсов да подготви нацрт за нашиот статут врз основа на статутот на Захари. На истиот состанок долго време се разговарало за името на револуционерната организација и комитетот. Ова прашање долго време не мачеше и конечно решивме да се наречеме: „Македонска револуционерна организација“, а комитетот „Централен македонски револуционерен комитет

- Христо Татарчев
Петар П. Арсову имал задача да го изготви статутот на револуционерната организација, кој го усвоил името „Македонска револуционерна организација“ и Комитетот: „Централен македонски револуционерен комитет (Ц.М.Р.К.)

- Тодор Станков
„Гледајќи го овој природен и незапирлив процес на самопочитување и непоколеблива стабилност на националната свест на своите следбеници, знаејќи од друга страна противречностите и интригите на меѓународната политика во однос на империјата на султаните, Македонската револуционерна организација го објави почетокот на автономија со експресна цел на малиот Балкан да се всадат европските сили"

- Дамјан Груев

Како што забележал македонскиот историчар Ванчо Ѓорѓиев..Катарџиев со својот поглед за првото име на Организацијата остана осамен во македонската историографија“.[7] Брзо после нејзиното објавување различни македонски историчари изразиле сомнение во документот. Историчарот Манол Пандевски отпрвин го прифатил БМОРК како првиот устав на организацијата[8] но подоцна изразил сомнение и истакнал како документот бил откриен за време на „трката“ меѓу двете историографии.[2] Македонскиот историчар Александар Стојановски тврди дека поради недостиг на датирање автентичноста на уставот е оспорен.[9] Некои историчари од Македонската академија на науки и уметност ја критикувале статијата на Катарџиев. Наведувајќи дека Катарџиев брзо го прифатил уставот како автентичен и првото име на организацијата без да врши дополнително истражување.[10]

Писмото од Христо Татарчев и Даме Груев како претставници на Централниот комитет на МРО со печат кои го содржи текстот „Македонски централен револуционерен комитет“.

Одредени историчари во Македонската историографија сметаат дека првото име било БМОРК но поради различни причини. Се сметало дека поимот „Бугари“ бил употребен во религиозна смисла т.е. да обележи членови на Бугарската егзархија.[11] Различни членови во уставот на БМОРК не совпаѓаат со архивскиот материјал. Значаен пример е печатот дефиниран во чл.8 на уставот. Според уставот на БМОРК печатот требало да содржи амблем знаме, сабји, пушки и бомба, со натпис „Македоно-одрински централен револуционерен комитет“. Со радиус 2 см и 6 мм и обиколка 16 см и 8 мм. Но нема документи каде што овој печат е употребен. Најстарото писмо со печат на револуционерната организација од Христо Татарчев и Дамјан Груев содржи сосема друг печат со натписот „Македонски централен револуционерен комитет“.[12]

Историчарот Ванчо Ѓорѓиев отпрвин сметал дека првото име на организацијата била МРО но го употребиле уставот на БМОРК. Покрај противречноста на податокот Ѓорѓиев забележал дека повеќе пати организацијата ги прекршила нејзините правила со имиња, печати и документи. Во 2013 година ја објавил неговата книга насловена „ВМРО 1893-1903, Поглед низ документи“ што содржи превод на целиот устав на БМОРК од Илинденската азбука во современ македонски јазик. Во предговорот на книгата Ѓорѓиев забележал:

ако Катарџиев бил повнимателен кон членот 8 од Уставот на БМОРК, каде е определен печатот на ЦК ќе забелжал дека за печатот е предвиден натписот Македоно-одрински централен револуционерен комитет. Ако ги следиме официјалните документи ќе забележиме дека првиот досега познат документ од името на Организацијата е потпечатен со печат на кој стои текст Македонски централен револуционерен комитет, при што Одринско не е спомнато, а на почетокот од документот во левиот агол стои кратенската ЦМРК. Токму овој печат неоспорно го потврдува пишувањето на првиот претседател на Организацијата д-р Христо Татарчев, кој вели дека името било Македонска револуционерна организација, на чело со Централен македонски револуционерен комитет.

— Ванчо Ѓорѓиев[13]

Подоцна во 2021 година Ѓорѓиев си го менува ставот и целосно ја исфрла теоријата дека уставот на БМОРК бил автентичен или пак употребен во организацијата. Строго тврди дека нема податоци ниту документи во историските архиви каде што била употребена кратенката БМОРК. Го употребува мемоарите на Христо Татарчев како пример дека првото име на организацијата била Македонска револуционерна организација и нејзиниот комитет — Централен македонски револуционерен комитет.[7] Во 1994 година контроверзниот македонски автор Коле Петров ја издал полемиката „Тајните на Македонија“ каде што нападливо наведува „Првото име на организацијата беше „Болгарски Македоно-Одрински Револуционерни Комитети“. Уставот на БМОРК е создаден од Георги „Гоце“ Делчев од Кукуш.“ и „Сето тоа покажува, дека Внатрешната револуционерна организација се создава единствено за самозаштита на Бугарското население, а не за да се бори за некакви си измислена од болни мозоци македонска нација.[14]

Гледишта на поранешни македонски револуционери

Мемоарската литература во кои под склоп паѓаат автобиографии, мемоари и спомени е богата со литература од поранешни македонски револуционери и борци. Покрај тоа голем дел од мемоарската литература е противречна. Македонскиот револуционер Тодор Станков наведува дека организацијата отпрвин била именувана како МРО.[15] Додека пак револуционерот Владислав Ковачев наведува спротивно.[16] Македонскиот социјалист и критичар на организацијата Алексо Мартулков наведил во неговите спомени насловени „Моето учество во револуционерните борби на Македонија“ дека првиот устав примил само „Бугари“ и бил присвоен во Ресен. Мартулков дополнително наведува дека со него „вратите беа затворени за други што живееја во Македонија и Одринско“.[17]

Во неговите спомени објавени во 1945 година во Софија, Михаил Герџиков дискутира за неговата прва средба со Гоце Делчев во Кнежевството Бугарија. Тој дополнително тврди:

Јас и Гоце се сретнавме за прв пат во Софија во 1898 година. Ова беше на состанок на кој требаше да се договориме за заедничка активност во Македонија. Бев претставник на таканаречената „Женева група“, која заедно со другите во Пловдив и Стара Загора ја формираше „Македонската револуционерна организација“, составена главно од студенти и млади луѓе. Гоце ги водел разговорите како прекуокеански претставник на „Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација“. И двете организации биле конспиративни, па едната не се сомневала во постоењето на другата. Кога дознале, почнале преговорите за заедничка работа. Состанокот даде добри резултати и редовите на Внатрешната организација влегоа во редовите на младите и просветлените луѓе, воспитани во принципите и идеологијата на револуционерите од 1789, 1848 и 1871 година и припаѓаа на генерацијата што порасна под влијание на Русите. револуционерна литература.[18]
Статијата „Македонска Револуционерна Организација“ од Тодор Станков во списанието Илустрација Илинден.[19]

Христо Татарчев, основачот на организација, тврди во неговите спомени објавени исто така во Софија дека првото име на организацијата било МРО и нејзиниот комитет ЦМРК. Но Татарчев забележува дека отпрвин било предложено да го додат и називот Бугарски во името на организацијата но поради други причини одлучиле да го исфрлат предлогот.[20] Татарчев тврди дека отпрвин можеле да се вчленат само „Бугари“, всушност Македонски егзархисти, но заклучува дека „не се раководеле од друга тенденција, освен од идејата за слободата и благото на целиот македонски народ.“[21]

Додека пак некои револуционерни тврдат дека организацијата се викала ниту МРО или БМОРК туку сосема нешто друго. Ѓорче Петров во неговите спомени наведува дека поимот „Организација“ било додадено во името после 1895 година.[22] Додека пак Петар Поп Арсов тврди дека првото име на организацијата било „Комитет за добивање политичките правди на Македонија ветувани од Берлинскиот конгрес“. Арсов тврди дека првите изданија на уставот биле пратени во печатница во Романија но за време на штампањето била изгорена.[23] Но македонскиот револуционер од Петрич Лазар Ѓуров тврди дека не биле испечатени во Романија туку во Солун и не биле изгорени. Ѓуров дополнително наведува дека порано чувал тираж од уставот но го изгубил. Додека пак некои дела наведуваат дека биле испечатени не во Романија или Солун туку во Софија.[24] Македонскиот јазичар Крсте Петков Мисирков ја критикувал Македонската револуционерна организација како бугарска организација.[25]

Бугарски гледишта

Пред откривањето на БМОРК голем дел од бугарските историчари го претставиле првото име на организацијата како Македонската револуционерна организација. После објавувањето на фалсификатот. Историографијата, како многу други документи кои го негираат постоењето на македонски идентитет, било брзо прифатено и вметнато во нивната нападна докторина. Во Бугарската историографија никнале три теории за првото име на организацијата, првото и најопштоприфатено во Бугарија е дека првото име било БМОРК и овој устав бил во употреба меѓу 1894 и 1896. Втората теорија е дека првото име на организацијата била Македонска револуционерна организација. Додека третата и поретко анализирана предложува дека првото име на организацијата било МРО меѓу 1893 и 1896 година но подоцна го сменило името во БМОРК наместо ТМОРО.

Во едно известување од 2004 година Бугарскиот централен архив тврди:

Првиот устав и правилник на револуционерната организација уште не се најдени, заради тоа единствени индикатори се мемоарските литератури на основачите на организацијата, и според тие ние можеме да доведеме во следниот заклучок дека првото име на организацијата е Македонска Револуционерна Организација (МРО)[26]

Наводи

  1. 1,0 1,1 Катарџиев 1961, стр. 156.
  2. 2,0 2,1 Пандевски, Манол (1989). Dame Gruev vo makedonskoto nacionalnoosloboditelno dviženje: Trkalezna masa po povod 80-godišninata od zaginuvanjeto, Bitola-Demir Hisar, 9 i 10 noemvri 1986. МАНУ. стр. 71.
  3. Пандев, Константин (2000). Националноосвободителното движение в Македония и Одринско 1878-1903. Гутенберг. стр. 140. ISBN 9789549943092.
  4. Катарџиев 1961, стр. 153.
  5. Катарџиев 1961, стр. 163.
  6. Катарџиев 1961, стр. 158.
  7. 7,0 7,1 Ѓорѓиев, Ванчо (2021). Постулатите на македонското револуционерно движење 1893-1908 (PDF). Скопје: УКИМ. стр. 167–168.
  8. Пандевски, Манол (1974). Националното прашање во македонското ослободително движење 1893-1903. Скопје: Култура. стр. 82.
  9. Стојановски, Александар (2003). Историја на македонскиот народ. Институт за национална историја. стр. 162.
  10. МАНУ (1992). Прилози. Скопје: МАНУ - Одделение за општествени науки. стр. 73–75.
  11. Шеа, Џон (2002). Македонија и Грција. Битката за дефинирање нова балканска нација. Макавеј. стр. 172–173. ISBN 9789989922336.
  12. Ѓорѓиев, Ванчо (2010). Подземната република: Дамјан Груев и македонското револуционерно движење. Тримакс. стр. 93.
  13. Ѓорѓиев, Ванчо. (2013) „ВМРО 1893-1903. Поглед низ документи“. Матица Македонска, Скопје, стр. 16-18
  14. Петров, Коле (1994). Тајните на Македонија (PDF). Скопје. стр. 41.
  15. Како беше создадено ВМРО“ (1937) од Тодор Станков (во весникот „Македонска трибуна“)
  16. Ковачовъ, Владиславъ. Автономна Македония (PDF). София: Печатница С. М. Стайковъ. 1919.
  17. Мартулков, Алексо (1954). „Поглавје XIV“ . Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. Во уставот на Организацијата, создаден на првиот основувачки конгрес во Ресен се одредуваше (во првиот член на Уставот) дека членови на Организацијата можат да бидат само „Бугари“ и вратите беа затворени за други што живееја во Македонија и Одринско. Тоа беше чисто националистичко становиште и при развивнатите борби со пропагандите Организацијата не можеше да го избегне применувањето на терор против нив.
  18. № 3 Спомен на М. Герджиков за първата му среща с Г. Делчев (1945)
  19. Станков, Тодор (јуни 1939). „Македонска Револуционерна Организација“ (PDF). Илустрација Илинден.
  20. Прифатен еднаш автономниот принцип, ни налагаше да бидеме последователни и во понатамошните решенија и да го избегнуваме сето тоа, кое, во инородното население би возбудило сомнение на тесноград национализам. Поради таа причина го напуштивме зборот българска од револуционерната организација; исто така и таа од централниот комитет. Одринско од почетокот не влегуваше во нашата програма. Целото наше внимание тогаш беше насочено околу Македонија; но подоцна почна да се зацврстува идејата во нас, така што нашата организација да го опфати и Одринско, каде судбината на христијанското население, особено на бугаското, не се разликуваше со ништо од тоа на македонскиот народ и каде политичко-социјалните и економски услови беа речиси идентични со оние во Македонија. Притоа чл. 23 од Берлинскиот конгрес не охрабри доста во тој однос и зафативме попосле да го обмислуваме поопстојно и тоа прашање - дали ќе биде полезно, ако и Одринско биде вовлечено во нашата програма. Најсетне дојдовме до заклучок дека и таа област треба да составува дел од нашата ревулуционерна дејност, така што, на тој начин си мислевме дека се даваше едно задоволително решение на балканското прашање, Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995.
  21. Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  22. Спомени на Гьорчо Петровъ. Съобщава Любомиръ Милетичъ (Издава „Македонскиятъ Наученъ Институтъ”, София. 1927), книга VIII, стр. 26.
  23. ВМОРО през погледа на нейните основатели. Спомени на Дамян Груев, д-р Христо Татарчев, Иван Хаджиниколов, Антон Димитров, Петър Попарсов. Съст. Т. Петров, Ц. Билярски. Св. Георги Победоносец; София, 2002, ISBN 9545092335; с. 203-207.
  24. Тараков, Т., Бисерков, М. "Спомени на един малко известен съратник на Дамян Груев", Македонски преглед, 2000, кн. 1, стр. 126; 130.
  25. Tchavdar Marinov, Famous Macedonia, the Land of Alexander: Macedonian identity at the crossroads of Greek, Bulgarian and Serbian nationalism; in Entangled Histories of the Balkans – Volume One: National Ideologies and Language Policies with Roumen Daskalov and Tchavdar Marinov as ed., BRILL, 2013, ISBN 900425076X, pp. 273–330. (p. 320).
  26. Известия на държавните архиви. (2004). Бугарија: Наука и изкуство. страна 201

Употребена литература

Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya