Селото се наоѓа на 25 км јужно од градот Костур и на 10 км северно од Богатско, високо на планината Саракина. Лежи под ридот Скала, на надморска висина од 960[2] или 1.000 м.[3]
Историја
Во Османлиското Царство
Селото првично било македонско. Во османлиските дефтери од средината на XV век Косторажде е спомнато со 5 семејства на Серангос? [веројатна грешка], Тодор, Никола, Тозо и Стале.[4]
Според преданието, селото било основано од жителите на три гребенски села — Турија, Смикси и уште едно село, чии остатоци се на денешната месност Стари Куќи (Палиоспита), кои заедно се преселиле овде поради турски зулуми. Во тоа време тие села биле македонски. Легендата вели дека името го носи по ајдутинот Коста Ризо.[2][5]
Во XIX век Костараџа било село на самата јужна граница на македонскиот етникум, чие население се состоело од „Грци“ (погрчени Власи) и погрчени Македонци. На југ и исток селата се „грчки“ (т.е. на претходно погрчени Власи), на север и на запад — македонски. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Костараџа (Коштерјак) имало 150 Македонци и 600 жители „Грци“ христијани.[6][7]
На Етнографската карта од 1901 г. Костураџи е претставено како чисто грчко село во Костурската каза на Горичкиот санџак со 120 куќи.[8]
Грчка статистика од 1905 г. ја води Костараџа со 800 жители „Грци“.[11]
Во „Етнографија на Македонија“, издадена во 1924 г. Густав Вајганд го опишува Гоштерац како речиси целосно погрчено село на македонско-грчката јазична граница.[12]
Во Грција
На 20 октомври 1912 година за време на Првата балканска војна селото е опожарено од османлиската војска на повлекување.[2][13] Селото било окупирано од грчка војска и по Втората балканска војна во 1913 г. влегло во состав на Грција согласно Букурешкиот договор. Таа година селото броело 941 лице, кои во 1920 г. се намалиле на 796.[3] На пописот од 1928 г. Костараџа е заведена со 798 жители.
Во 1944 г. Костараџа е повторно изгорена, овојпат од германските окупациски единици,[2] бидејќи служело како база за партизаните.[10] Окупациската власт имала толкави проблеми со партизаните што, по дводневен престој Војската СС и Вермахтот во селото, на 13 април 1944 г. (Велики четврток) е решено Костараџа да биде уништена. Сите жители се собрани за да бидат стрелани, но во последен миг решението е поништено, и така населението ја избегнало судбината на селаните од Клисура неколку дена претходно. Покривот на црквата бил изгорен.[13]
Селото силно настрадало во Граѓанската војна. Костараџа била растурена и жителите пребегале во градовите и полските села. По војната на 4 км југозападно е изградено ново село — Нова Костараџа.[3] Единствена здрава зграда останала црквата „Рождество на пресв. Богородица“.[10]
Во 1979 г. црквата е делумно обновена од жителите на Нова Костараџа, а во 1999 г. е направена целосна обнова.[14]
Селото се користи од жителите на новото село за престој во летниот период, кога планината е летно пасиште.[3]
Селото не е отпишано. Иако претходно без жители, на пописот од 2011 г. во него се заведени9 лица. Во јуни 2017 г. со претседателски указ Костараџа е прогласена за „село-маченик“.[15]
Месности во Костараџа преименувани со службен указ на 5 мај 1969 г.