Селото се наоѓа на 15 км југозападно од градот Костур и на 8 км југозападно од Рупишта. Лежи на надморска висина од 670 м на десниот брег на реката Галешово, во пазувите на планината Одре.[3]
Селото се спомнува во османлиски дефтер од 1530 г. под името Истаричани и Ан Истаричани. Во двете маала имало 12 христијански семејства.[4] Во црквата на Старичани се чува вредна икона на Богородица од XIV век.[5] Според месните преданија, селото првично било поблиску до Бистрица и се нарекувало Порино. Порино имало 10 цркви — Св. Илија, Св. Атанас, Пресв. Богородица, Св. Троица, Св. Спас (Спасовден), Св. Никола, Св. Петка, Св. Костадин и Св. Благовештение (Благоевец). Поради прелевање на реката селото се преместило на сегашното место и го добило името Старичани.[3]
На крајот од XIX век Старичани било чисто македонско село. Неговите жители биле познати ѕидари кои оделе на печалба во Цариград и Анадолија. Дел од нив останале да живат во Бугарија.[3] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Старичани имало 350 жители Македонци.[7][8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Старичани е чисто македонско село во Костурската каза на Горичкиот санџак со 65 куќи.[9]
Според Георги Константинов Бистрицки Старичени пред Балканските војни имало 60 македонски куќи,[7][13] а според Георги Христов покрај македонските имало и една влашка.[14]Боривое Милоевиќ („Јужна Македонија“) вели дека во приближно истиот поериод селото имало 54 македонски куќи, од кои 4 куќи биле погрчени.[15]
Селото било упориште на комитите во Костенаријата и на многу наврати е напаѓано од грчки андартски чети. Според зборовите на Христо Силјанов:
„
Имињата на селата Старичени, Езерец и Осничени станаа симболи на хероизам и мачеништво.[16]
“
Ноќта 23 спрема 24 (или 19) декември 1905 г. селото е нападнато од 200 андарти кои биле одбиени од месната милиција и четата на ВМОРО на чело со Кирјак Шкуртов.[17] Загинале две жени и запалени се 15 плевни.[18] Во 1909 г. во Старичани имало 52 македонски куќи под егзархијата и 8 прогрчки; второспоменатите ги држеле црквите и училиштето.[19]
Во Грција
За време на Балканските војни селото е окупирано од грчка војска и во 1913 г. влегло во состав на Грција. Таа година во него се попишани 340 жители.[3] Од 1914 до 1919 г. 41 жител на Старичани, а по 1919 г. уште 6 се преселиле во Бугарија по официјален пат.[20] Некои жители на Старичани се преселиле во селото Бошинос, Драмско,[21] а четири семејства се преселиле во Рупишта.[22] Во 1927 г. селото е преименувано во Лакомата. На пописот во следната 1928 г. се води со 290 жители.[3]
За време на Втората светска војна во селото се создадени огранок и чета на бугарската паравоена организација „Охрана“ на чело со Васил Маниолов.[23] На 29 април 1943 г. грчка паравоена чета од околу 600 лица го нападнало Старичани, кое пак го бранеле 33 милиционери. Селото е изгорено, ограбено и дел од неговите жители се масакрирани.[24] Според Тодор Симовски нападот се случил на 1 април 1943 г., а напаѓачите биле војници на ЕЛАС, при што загинале 40 жители и селскиот поп. По нападот мештаните добиле оружје од италијанските окупациски власти. 45 семејства од селото се иселиле во Бугарија и социјалистичките земји.[3]
За време на Граѓанската војна (1946-1949) селото силно настрадало, поради што 45 семејства се иселиле во источноевропските земји.[3]
Месности во Старичани преименувани со службен указ на 5 мај 1969 г.
↑Бистрицки (1919). Българско Костурско(PDF). Ксанти: Издава Костурското Благотворително Братство „Надежда“ в гр. Ксанти. Печатница и книжарница „Родопи“. стр. 9.