Никодин се наоѓа во североисточниот дел на Општина Прилеп, во горното сливно подрачје на реката Раец, под североисточната падина на планината Бабуна. Селото се простира на надморска височина од 600 м. Од градот Прилеп е оддалечено 37 км. Неговиот атар зафаќа површина од 52,6 км2.[2]
На 4 април 1907 година, селото било нападнато од страна на српска чета и било заштитувано од селската полиција. Четите на ВМОРО предводени од Петар Ацев и Георги Попов пристигнале да им укажат помош на селаните, така што успеале да го одбранат селото, но војводата Георги Попов загинал во битката.[3]
Селото има мешовита земјоделска функција. Во рамки на селскиот атар преовладуваат шумите на површина од 2.528 ха, на пасишта отпаѓаат 1.512 ха, а обработливото земјиште зафаќа површина од 1.029 ха.[2]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[8]
Од Никодин се иселил значителен број од населението и селото преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година броело 437 жители, а во 1994 година само 10 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, селото имало население од 7 жители, од кои 6 Македонци и 1 останат.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жители, Македонец.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Доселеници:Новоселци (9 к.) доселени се од раселеното село Желишта кај Грбовец во средината на XVIII век; Глоговичани (6 к.) доселени се од раселеното село Глоговица; Варижановци (3 к.) доселени се од селото Фариш; Бошњаковци (1 к.) доселени се од селото Ракле; Балчевци (1 к.) доселени се од селото Крстец; Паровци (1 к.) доселени се од селото Ракле.[14]
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Прилеп од 1962 година. Претходно, во периодот од 1950 до 1952 година, тоа било дел од Прилепската околија; во периодот од 1952 до 1955 година било дел од Општина Тројаци; а во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во склоп на Општина Плетвар.
Избирачко место
Во селото се наоѓа избирачкото место бр. 1429 кое е сместено во приватна куќа.[15]