Серж Арош
Серж Арош (француски: Serge Haroche), (Казабланка, 11 септември 1944)[1] — француски физичар кој бил награден со Нобелова награда за физика во 2012 година заедно со Дејвид Вајнленд за „важните експериментални методи кои овозможуваат мерење и манипулирање на посебните квантни системи“, проучување на честичката на светлината, фотон.[2][3][4] Од 2001 година, Арош е професор на Францускиот колеџ и ја држи катедрата за квантна физика. Во 1971 година тој ја завршил својата докторска работа за физика на Парискиот универзитет VI, неговото истражување било под менторство на Клод Коен-Тануџи.[5] Личен живот и семејствоСерж е роден во Казабланка, како син на Албер Арош (1920–1998) и Валентина Арош, моминско (Рублева) (1921–1998) учителка родена во Одеса во еврејско семејство кое се преселило во Париз на почетокот на дваесеттите години на минатиот век. Неговиот татко, кој бил адвокат, потекнува од семејство кое живеело во Маракеш (Исак и Естер Арош), кое се преселило во Казабланка за да работат како учители при Школата на еврејскиот сојуз.[6][7][8][9][10][11][12] Арош го напуштил Мароко и се населил во Франција во 1956 година, по завршетокот на договорот за францускиот протекторат. Тој денес живее во Париз, оженет е со социологот Клодин Арош, која исто така има еврејско потекло од доселеничко семејство од Русија, и имаат две деца.[13][14][15] Тој е стрико на францускиот пејач, текстописец и глумец Рафаел Арош.[16] КариераАрош работел во Националниот центар за научни истражувања како истражувачки научник од 1967 до 1975 година, и поминал една година (1972–1973) како вонреден постдокторски соработник на Стенфорд, во екипата на Артур Леонард Шавлов. Во 1975 тој станал професор на Парискиот универзитет VI. Истовремено тој предавал и во други институции, како што е Политехничката школа (1973–1984), Харвард (1981), Јејл (1984–1993) и Националниот конзерваториум на уметностите и занаетите (2000). Тој бил декан на одделот за физика на Нормалната виша школа во Париз од 1994 до 2000 година. Од 2001 година, Арош е професор на Францускиот колеџ и држи предавања од областа на квантна физика. Тој е член на Француското друштво на физичарите, Европското друштво на физичарите и член на Американското друштво на физичарите. Во септември 2012 година,Серж Арош е избран за позицијата администратор на Францускиот колеџ. На 9 октомври 2012 година, Арош е награден со Нобелова награда за физика, заедно со американскиот физичар Дејвид Вајнленд, за нивната работа која се однесувала на мерењето и манипулирањето на поединечните квантни системи. ИстражувањеАрош главно работи на полињата на атомска физика и квантна оптика.[17][18][19][20][21][22][23] Тој е познат по докажувањето на квантната декохеренција со помош на експериментални набљудувања, додека работел со колегите на Нормалната виша школа (École normale supérieure) во Париз 1996 година. По неговата докторска дисертација за сврзаните атоми под менторство на Клод Коен-Тануџи (добитник на Нобелова награда) од 1967 до 1971 година, тој развил нови методи за ласерска спектроскопија во седумдесеттите години, засновано на проучувањето на квантното отчукување и суперзрачењето. За подоцна да се занимава со Ридбергови атоми, големите атомски состојби кои се особено чувствителни на микробранови, кои ги прави особено погодни за проучување на заемодејствата помеѓу материјата и светлината. Тој покажал дека таквите атоми, поврзани со суперспроводна празнина која содржи неколку фотони, се погодни за тестирање на квантната декохеренција и разбирањето на операциите со квантната логика потребни за обработка на квантната информација. Награди
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia