Опинчарски занает

Опинчарски занает е занает за рачна изработка на опинци.[1] Од занаетчиските еснафи меѓу најзастапените биле опинчарите[2]. Опинчарите произведувале опинци од штавена кожа со опути (кожени врвци).

Историја

Појавата и потреба за носење обувки овозможила развој на опинчарството како еден од најзастапените занаети во XIX век.[3] На самите почетоци, овој занает бил сметан за градски[4], но подоцна со масовната употреба на овие обувки се проширил и во поголемите селски средини.

Опинчарството било доста застапено и со опинчарство се занимавале и христијани и муслимани кои лепеле и изработувале опинци.

Опинчарите најчесто изработувале опинци од штавена и нештавена кожа (говедска сува и сурова кожа, телешка кожа, кожа од камила, а поретко и кожа од свиња). Опинците од нештавена кожа биле поеластични и поудобни за носење, но затоа биле понежни, послаби и побрзо се кинеле. Занаетчиите, не само што изработувале, туку и поправале (репарирале) и ги лепеле опинци.

Опинците по нивната изработка се разликувале и делеле на опинци за градска и селска средина. Доколку, опинците биле наменети за жителите во градот, мајсторите ја бричеле кожата од влакната, со цел да не се внесува кал во куќите. Опинчарите за луѓето кои живееле во селата правеле опинци од необричена кожа, и опинците имале повисока трајност и издржливост. Често опинчарите морале и сами да ја штават кожата која требало прво убаво да се испере, потоа се ставала во вар, каде што стоела десетина дена, пак се перела, па се стругала, влакното да се симне и се ставала во мравја киселина и со неа се штавела кожата.

Алати

Изработка

За изработка на опинците било потребно повеќе време и бил користен и соодветен алат, кој се состоел од: стол без наслон за седење, каца до половина закопана во земја во која се вршело штавењето на кожата, а потоа и лужење, казан за греење на водата при боење на кожата, кофа за пренесување на вода, буре за боење на кожата, дрвено сито за исцедување, калап за растегнување на кожата, нож за чистење или пердашење, остар нож за кроење на врвките, шило, кашикмајак (издупчена дрвена лопатка), точило за острење сечила, разни калапи – кројки за кроење и др.

Изработка на опинци

Опинци со зарамнет врв
Опинчар

Процесот на изработка на македонски опинци траел неколку дена (во зависност и од годишното време кога се изработуваат). Најпрвин парче кожа од теле или крава кое е веќе било иштавено, се кроело спрема големината на посакуваниот опинок. Па се ставала кожата во вода да накисне. Времетраењето на киснењeто на кожата во вода зависело од дебелината на самата кожа која, пак дебелина зависела од штавењето на самата кожа. Ако кожата била подебела и потврда тогаш морала да се кисне подолг временски период. Еден пар опинци не можат да се замислат ако не поминат низ тој процес на киснење во вода. За да се изработат еден пар опинци неопходни биле кожата и водата.

Кога ќе завршел процесот на киснење во вода, се одредувало кој ќе биде бројот на опинците и цело тоа време опинокот бил на калап. Со помош на овој калап се одредувала формата. Кога ќе се одредела формата на опинокот, од задната страна се шиело едно парче кожа, на средина еден ремен и уште два ремена напред. Кога ќе се завршело со процесот на шиење, опинците се носеле на сушење и не се тргнувале од калапот околу два-три дена во зависност од дневната температура.

Во зима процесот на сушење траел подолго. Но во лето тој процес можел да заврши и за неполни дваесет и четири часа. Оти сушењето морало да биде природно без никакви помагала.

Македонскиот опинок[5] кај нас се прави со каиши. Во минатото опинци се правеле и од гума, односно од стари автомобилски гуми. Дебелите опинци биле наменети за овчарите, за да можат да ги носат додека ги пасат овците. Од каучук се правеле и опинци за жени, девојчиња, деца. Многу често во селата посиромашните семејства и сами си шиеле опинци од свинска или јагнешка кожа.

Денес, овој занает го изработуваат уште неколку занаетчии.[6] Опинците се користат во игроорни групи, за музеи, за филмови или ги купуваат туристи.

Поврзано

Наводи

  1. „Опинци Македонски обувки“. Etsy (англиски). Посетено на 2025-03-21.
  2. Александар (2025-01-09). „Заборавените занаети во Македонија - традицијата пред исчезнување“. Денар. Посетено на 2025-04-09.
  3. Ајановска, Соња (2021-06-15). „Опинчарството еден од најзастапените занаети во XIX век“. Денес Магазин. Посетено на 2025-03-21.
  4. Митревски, д–р Павле (1983). Занаетчиството во охридско струшкиот– регион 1918–1970. Скопје: НИО „Студентски збор“. стр. 81.
  5. „ОПИНЦИ“. Македонска Енциклопедија. Посетено на 2025-03-21.
  6. РЕПЕР (2013-05-19). „Сеќавањата на последниот опинчар“. reper.net.mk (англиски). Посетено на 2025-03-21.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya